Канибализмот и гладните фурии

Кон претставата „Тиест“ од Сенека во режија на Томас Жоли

Експресионистичкиот театарски уметник Томас Жоли фуризно ја „воскреснува“ најславната зачувана трагедија на Сенека помладиот „Тиест“ распостилајќи ја во еден колорит кој пече и останува како коска во грлото. Овој млад и храбар театарски режисер го продолжува својот ракопис на френетично отсликани ликови од неговата легендарна режија на „Хенри Шести“ во жестоки артифициелно разобличени околности развивајќи ситуации на самопрегор и безизлезност. Овој начин на промислување ја преконвертира оваа трагедија на Сенека која се чини дека ја собрала сета суровост на трите класични трагедиски бардови: Ајсхил, Софокле и Еврипид, на начин на кој во принцип се гради гротеска. Овој концептуално исцеден од хумор сублимат низ актерската експресија мириса на застоена крв со векови имлицирајќи на ирационалноста на гневот и превласта.

Имагинативниот млад режисер Томас Жоли ја оддалечува оваа крвава трагедија на Сенека од нејзиното јадро, но само ја оддалечува, констриурајќи еден бајковиден супститут кој го допира реалитетот правејќи комплекс од семиотички јадра изразени преку емотивни актерски средства. Токму затоа ја започнувам рецензијата со анализа на режисерскиот приод, со неговиот ракопис кој е полн со напластени артефакти врз кои ридаат ликовите секој со својата трагична судбина. 

Сенека својата трагична сторија ја гради по каноните на древните трагедии, но неговите стихови носат една автореференцијалност лизгајќи ги грубо стихуваните синтагми кои плачат за идиоматска транспонираност. Отворајќи ја својата драматургија низ патетичниот монолог на Тантал кој Томас Жоли многу атрактивно го извлекува од подземниот свет, Сенека навестува грозоморна сага која потоа Шекспир ја користи како модел во својот „Тит Андроник“. Жолчната и отровна конфронтација на двајцата браќа Атреј и Тиест во оваа исцедена гротеска е емотивен катапулт во кој фуриите се вмешуваат како своевиден катализатор за дејствието по Томас Жоли да добие на апсурдност. Релацијата Сенека – Жоли во оваа претстава е скоро неодржлива. Жоли го користи канибализмот како естетско предупредување за тоа дека веројатно тоа останува како единствено оружје во светот кој според него го доживува својот епилог. И тука пак ќе го повторам дистопичниот карактер на оваа верзија на „Тиест“. Имено, сцената ја обележуваат огромни откинати артефакти од некаков грандиозен споменик – дланка и глава. Гледајаќи ја претставата си помислувате дека тоа би можела да биде статуата на слободата во Њујорк после можна катаклизма. Фуриите се женишта со закинати облеки натапкани со силна шминка, а Атреј и Тиест носат на себе крунички направени од детски раце. Оваа дистописка судбина на трагедијата на Сенека не задолжува, но во исто време не предупредува. Сенека не предупредува, тој својата трагедија ја гради во еден родов теснец, т.е. целата негова драматургија е продолжен „хибрис“ каде никој не е поштеден. Тука се разделуваат нивните патишта со Томас Жоли кој трагичниот „хибрис“ го задушува со апсурд и драматургијата на Сенека ја користи само како ориентир, како гола приказна која ја вплеткува во експресионистичка пајажина.

Најсилната карика во ова спектакуларно дело на Томас Жоли е актерската експресија. Претставата иако има страстни делници, иако е емотивно пред распрснување, таа актерски е длабоко кохерентна. Самиот Томас Жоли го игра ликот на злобниот Атреј кој му ги сервира синовите за вечера на неговиот брат Тиест во една актерска партитура полна со високи амплитуди, од рационален и смирен автократ до гневен злобник. Неговиот партнер, Дамиен Авис во улогата на Тиест делува сосема обратно: смирен во афектните сцени на Атреј, тој емотивната корона ја поставува во трауматските сцени кога сфаќа кого јадел. Една од актерски најдлабоките сцени е таа на самата вечера која е исто така визуелно одлично решена.

Како што споменав погоре, овде се наметнува таа релација на Деметриј и Хирон кои ги јаде нивната мајка Тамора во Шекспировиот „Тит Андроник“ и оваа исто така родосквернувачка гозба на Тиест и Атреј. Шекспировата автореференцијаност наметнува една намерна режиска интерпретативност која не ја проблематизира автократијата, туку ја прави нужна и мазохистичка од едноставна причина што империјализмот како пософистициран начин на владеење се провлекол се до денес. Драматуршките релации во дијаметрално различни приказни Томас Жоли ги генерализира преку визуелниот аспект затворајќи ја оваа трагедија во глазура на музејска апокалиптика чија перисталтика ја чувствува гледачот со секоја патетична тирада, но и со секоја солза. Таа глазура во актерска смисла ја носат самите фурии кои над овие цивилизациски ронки се појавуваат како лешинари нагнетени во силно набоени парталосани фустани кои потсетуваат на износени кринолини и кои после секоја сцена најавуваат нови и поголеми проклетства. Тие, во оваа естетика на Жоли се оние кои ќе го проголтаат овој остаток од светот токму после канибалистичкото фијаско. Тоа е, според мене едно од наоригиналното и најинересно толкување на овие Фурии (Еринии). 

Сјајната сценографија на Томас Жоли и Кристел Лефевр која совршено се вклопува во дворот на Пале де Папе во Авињон ја прегрнуваат оваа постапокалиптична трагедија во една крајно софистицирана реторка на бои чии крикови се придружуваат на криковите на самите актери додека ги толкуваат ликовите. Тука е одлично вкомпонирана и до болка експресионистичката костимографија на Сивет Декест која кореспондира со извалкани современи костими придружени со кубистички мотиви на круни и поткинати класицистички кринолини, додека музиката на Клемен Мирге отвора наизменично тензични делници и драматични пасажи намекнувајќи еден Вагнеровски шмек кој пак, од друга страна одлично се совпаѓа со гротескноста на целиот концепт. 

„Тиест“ на Томас Жоли е своевидна епигонија на изместените древни модели кои вртејќи се околу своите јадра само не потсетуваат колку автократијата во својата деструктивност може конечно да значи нов почеток. Сенека во овој „Тиест“ е тангенцијална компонента, а Томас Жоли открива една нова инспирација и тема која Шекспир ја има само како кода, а тоа е канибализмот кој погоре го наведов како последен метод на истребување на човештвото.