Кетманите на виделина

Најсоодветната, ако не и најубавата новогодишна честитка која ја видов деновиве беше онаа на Студентскиот пленум, со која порачаа „Се гледаме во 2015!“. Тоа е само логична консеквенца на нивниот слоган „ова е само почеток, доста беше молк“. Малкумина, па дури и оние на власта, ќе се осмелат отворено да ги нападнат студентите, нивната одважност и моќ на антиципација – сето она што во поседните два месеца од 2014-та ја одбележа годината! Тие се хероите на една тажна година, чие споменување веќе носи историски печат и баласт окаменет во сето она што се нарекува „Скопје 2014“. Можеби нивното најголемо постигнување е тоа што ги поттикнаа и мобилизираа нивните учители, професорите! Би требало да е обратно, ако барем малку верувате во Сократовата мисија, платена со сопствениот живот. Но, за жал или за среќа, во нашиот случај не е така. Заспаноста и конформизмот на професорската фела е нешто на што сметаа(т) и властите, а што министерот Тодоров со цинична насмевка го изговори на владина седница: „И мене ми штрајкуваа во 2011 година, па ништо!“

Но, работите се менуваат. Како што созреа нова генерација млади луѓе, поспоро ама сигурно се покрена и професорската фела. Не само што се покрена, туку веќе и ја поделија. Веднаш по покренувањето на иницијативата и обзнанувањето на Професорскиот пленум, властите излегоа со контралиста на „свои“, односно проверени и подобни професори. Навидум владее конфузија: кои се едните, а кои другите? Чија листа е побројна? Чии биографии содржат повеќе статии со „фамозниот“ фактор на влијание според Web of Science?

Она што малкумина го поставија како прашање гласи: зошто, учените луѓе предводени од нивните ректори и декани не ги соочија аргументите pro et contra за она што директно ги засега, реформата на високото образование? Зошто молк и дипломатија која се граничи со плашливост од страна на најодговорните лица? Зошто изостана проактивен однос на деканатите и наставничките совети кои повторно дејствуваа post festum? Зошто страв? Зошто препуштање на ситуацијата во други раце: или тие на политиката или тие на алтернативните облици на организирање? Да не мисли академскиот естаблишмент дека студентите и професорите од забава протестираат во зимски услови, а дека тие можат да си го дозволат луксузот да нѐ посматраат од далеку?

Пред да се обидам да дадам одговор на ова прашање, морам да ја издвојам независната варијабла: студентите! За разлика од порано, сега студентскиот активизам постигна такво ниво на организираност и масовност што властите знаат дека ја изгубија таа битка и дека е невозможно да се повтори сценариото од 2011 година, кога дел од студентите организирани во партиските подмладоци, вклучително и средношколците, беа изнесени да протестираат против своите професори. Тогаш гледавме ликови на млади луѓе како изговараат научени фрази без да знаат го знаат нивното значење (вклучително и таа за „импакт факторот“ на трудовите на професорите како sine qua non за нивното образование). Сега гледаме брилијантни студенти кои не само што не пелтечат додека ѝ порачуваат на владата дека од уставот направи карикатура, а нивните дипломи безвредни пред партиските книшки, туку и зборуваат со силата на аргументите и истражувањата. Ним (иако тивко) им аплаудираат дури и полицајците, бидејќи пред себе го имаат она што секој од нас го сака најмногу – нашите деца и тоа во најдоброто издание.

s_p

Се разбира, сега на удар се професорите! Не е првпат власта да го манифестира својот популизам на најпримитивен начин, свртувајќи го јавното мислење против оние кои сега се претставуваат како мрзливи, неспособни и корумпирани. Но, интензитетот и обемот на стигматизација е без преседан, поединци се таргетираат, валкаат во јавноста без никакви докази. Врз некои се применуваат други средства: од наменски инспекции, до закани, „убедувања“ и понуди кои не можат да се одбијат или ветувања за политички и други бенефиции. Кога ќе размисли човек, сфаќа дека всушност ништо не е ниту случајно, ниту пак ново. Колегата Никос Чаусидис во брилијантен манир ја даде дијагнозата – метастазиран канцер! Можеби некои помислија дека е ова онака генерална дијагноза, која се однесува на македонското општество, но не и на академијата. Вистината е малку посложена, а и болна. До отпор кон авторитарната власт која е на чекор од македонска верзија на културна револуција може да дојде само ако членовите на академската заедница признаат: да, виновни сме ние! Виновни сме за профитерство, за соработка со сите политички и бизнис елити, виновни за градење систем на вредности во кои да се биде министер беше повредно од тоа да се биде професор! Виновни сме за тоа што дури и во академската фела не успеавме да ги одбираме најдобрите меѓу нас да бидат раководители, декани, сенатори или ректори. Местото кое треба да почива на мерит систем и на вредности одамна стана сцена за византиски игри и кокетирање со политичките и/или етничките елити. Сепак, ова се однесува само на малцинството (за мнозинството членови на академската заедница не ни може да се најдат доволно функции и привилегии), па затоа проблемот е во мнозинството. Не е првпат да кажам дека зборот кетман е најсоодветен за опишување на еден голем дел од нашата академска заедница. Тука спаѓаат оние кои се помирени со состојбите, или дури и кои се горди на својата вештина да ги потиснат и сокријат своите вистински погледи на све­­­тот и на нештата, притоа да ги до­ведат во заблуда сите околу себе. Според Ми­лош, кет­­манот знае да живее со сопствената контрадикција: зборува ед­но, а ве­­рува во друго, адаптирајќи се доброволно на секое ново (па и на најглупавото) ба­ра­ње кое до­а­­ѓа од „горе“. Но, тој длабоко верува дека ги измамил тие што се на по­зи­ци­ја на моќ, а за себе верува дека е слободен мислител и критички интелектуалец. Деновиве, на контралистата на професори кои беа принудени да излезат на ачик и да ја поддржат владата, дури и по цена на сопствена штета, се најдоа и лица кои тврдеа дека никогаш не им била побарана согласност да се приклучат на таа листа. Демантираа – ама само на социјалните мрежи, за веднаш потоа да се „доизјаснат“ дека тие всушност се на страна на владините реформи, а дека својот критички став го изнеле во некоја колумна од пред неколку години. Тоа е таа контрадикција со која кетманот живее спокојно, а верува дека другите му ја купиле приказната. Всуш­­ност, кај секој кетман постои исто образложение: тој е слободна личност која самостојно донела од­лу­­ка да се покори пред диктатите на општеството или на моќните, затоа што „ио­на­ка не може ништо да стори“. Кетманот верува дека е до­­волно итар да остане свој и умен, а се­пак да ужива во комфорна позиција во однос на естаб­лиш­­ментот. Тој не е неук за да не ја види стварноста, односно ја освоил внатрешната слобода, ама одлучил да не го спо­де­лу­ва тоа, затоа што е мудар и рационален. Тој нема ни желба ни храброст да се бори за слободата како таква, најмалку за слободата на другите, понемоќни од него.

aMAZEme

Дури и историски гледано, интелектуалците се оние кои отсекогаш би­ле фасцинирани од влас­та, тие кои ѝ даваат легитимација или понекогаш се обидуваат да покажат како таа тре­ба да се извршува. Професорите не само што не се исклучок, туку се и најголеми енту­зи­јасти во воспоставувањето и одржувањето на системот на општес­тве­на хипокризија, но и на интелектуално заглупавување. Тие се модел за Милошевиот „професионален кет­ман“, кој резонира вака: „со оглед на тоа што се наоѓам во околности над кои немам контрола, и би­деј­ќи имам само еден живот, а и тој минува, треба да настојувам да дадам се од себе. Јас сум корал на дното на морето. Над мене беснеат бури и пловат ог­ром­ни бро­до­ви; сиот мој напор е концентриран на држење за карпата, зошто во спро­тив­но би бил од­не­сен од брановите и би исчезнал, без да оставам трага зад себе. Ако сум на­учник, учест­ву­вам на конгреси на кои презентирам трудови во согласност со партиската ли­нија, но во лабораторијата работам според стрикно научни методи – и во тоа е цел­та на мојот живот“.

Создавањето на масовно академско, студентско и професорско движење, е за нас досега непознато искуство. Без оглед кои ќе бидат ефектите од него и колку долго ќе трае, почетните резултати се тука: кетманизмот веќе не е во игра! Оние кои се блиски со власта (или дури и благодарение на тоа се стекнале со акадмески титули) веќе не можат да се држат на страна, иако би сакале. Ги (или самите се) ставија на список, кој кај јавноста доби лик на столб на срамот. Другите кои веќе не можат да трпат понижувања и дисциплинирање на кичмата, подеднакво, не можат да се кријат зад својата наука, кабинетите и салоните. Првите мораа да се демаскираат по диктат, другите веќе не гледаат друг излез освен да застанат јавно и рамо до рамо со своите студенти – бидејќи, по најновата „реформа“ универзитетот престанува да постои! Покрај окуражувањето кое дојде од студентите, тука се и некои големи професорски имиња, кои и покрај пензионирањето, нарушеното здравје и годините, сепак чекорат покрај своите колеги. Ѓорѓи Марјановиќ е можеби своевидна икона на ова наше движење, од проста причина: блескав ум и професор кој беше проскрибиран и стана жртва на кетманите од неговото време!

Како што сега стојат работите, Професорскиот пленум прераснува во алтернативен, отворен универзитет кој во себе успее да сплоти луѓе со различни профили, од различни градови, па дури и со различни академски биографии. Слично како и Студентскиот, и овде етничката припадност е апсолутно неважна, а политичките светогледи се оставаат на страна. Тој се соочува со огромни тешкотии: од потребата да се „окупира“ универзитетот во смисла на освојување простор за легитимно дејствување и среќавање, па сѐ до потребата индивидуалците да го прифатат колективниот дух на соработка и толеранција. За првпат  суштински разговараат колеги од природните науки со тие од општествените, за првпат постои нешто не е празна фасада или машинерија за гласање. Се гради академски дух на взаемно почитување и сослушување. И солидарност, особено со студентите. Но, најголемата пречка за професорите е придобивањето на јавното мислење. Иако идејата на Професорскиот пленум не е политичка и не ја надминува академската сфера, голем е бројот на граѓаните кои сега најотворено велат: „ви дојде нож до коска, па затоа сега се солидаризиравте и дигнавте да протестирате дури и по снег! Така ви треба, да видите како ни е нам со години!“ Професорите ќе мораат да минат низ катарза: да прифатат дека некои од нив или биле соработници во изградбата на еден неправеден и недемократски систем или си мислеле дека тоа што се случува не ги засега. Како во познатата поема на Мартин Ниемелер, некои прашуваат дали професорите заслужуваат солидарност сега кога дојдоа по нив… И повторно, примерот од кој треба да се учи е оној на студентите: тие веќе манифестираа солидарност со прекаријатот, но и со професорите. Професорите ќе треба најнапред да ја зајакнат внатрешната солидарност пред нападите на една авторитарна власт (внатрешното вреднување по академски квалитети е нешто сосема друго и од тоа нема бегање), а потоа и да видат дека не се единствените кои пишуваат отворени писма до глувата власт.