Kitty, Daisy and Lewis

Kitty, Daisy and Lewis

Повикувајќи се, меѓу другото, на ритам и блуз џинови како Луис Џордан, кај кого јасно се препознава никулецот на рокенролот, тројца тинејџери од северен Лондон изненадија и шармираа. Убедливи и многу млади, Кити, Дејзи и Луис, истоимениот прв албум го објавуваат во 2008-та. Тука ритамот и она од кое што се прави музика за играње комплетираат издание со десет песни, каде преовладуваат преработки но оригиналноста е присутна од почеток до крај.

kitty-daisy-lewis

 

Трите деца фасцинирани од стил кој, на моја радост, во последните години излезе од шпајз и освои пристојна територија, првиот сингл го вадат во 2006-та, кога двете девојчиња имаат по 13 и 17 години а машкото 15 години.

Не најважно, но специфично – ова е семеен бенд. Кити Дејзи и Луис се две сестри и брат кои се среќни жртви на рокенрол родителство. Таткото Грим Дурам, музички инженер, е снимател и продуцент на нивната прва плоча, а мајката, Ингрид Вајс, некогаш била тапанар во еден од омилените постпанк бендови на Курт Кобејн – Д Реинкоутс.

Родителите не свират на албумов, но станаа дел од нивниот состав за живи настапи; таткото на гитара и мајката на контрабас. Тие се причината за ентузијазмот за американските музики кај трите млади Дурами и за англиско – индиски – норвешкиот коктел во нивните гени.

Албумот е снимен во домашно студио со микрофони од доцните 50-ти, на аналогна лента и е реализиран без каква било дигитална интервенција. Меракот по мрсниот звук самите го опишуваат со зборовите на ска тромбонистот Рико Родригез, кој вели – “me like the reel! Me no like studio with the… umm… television.”

Тројката е самоука, а покрај вокалите, се користат со тапани, гитара, усна хармоника, пијано, контрабас, бенџо, хармоника, укулеле, глокеншпил и гитара за во скут, која Луис сам ја направил. Без проблем префрлувајќи се од инструмент на инструмент, Кити Дејзи и Луис тука нудат 30-минутен хилбили свинг за сечие увце со афинитети кон пргавиот старт на рокенрол ерата.

Тоа што албумот е издаден кога Кити има 15 години, Дејзи 19, а Луис 17, не ги спречило Колдплеј да ги поканат за предгрупа на американската турнеја во 2009-та. Нивната музика е искористена во филм на Дастин Хофман, а меѓу фановите е и сиромашката Ејми Вајнхаус.

Овој, како вториот албум, повеќе синглици и една одлична двојна компилација со песните кои Кити, Дејзи и Луис ги сакаат, се издадени за Сандеј бест. Читате за првенчето зошто е хмм, подобро, што не е причина да го избегнете “Смоукинг ин хевен” и сами да процените. “Кити, Дејзи & Луис” е добра вест и уште една фантастична потврда дека Британците се светските шампиони во експлоатација на американското музичко азно.