PMG Kolektiv

Klan Secular: A Sonic B.Y.B.L.E.

Невообичаено е да се пишува предговор за кратка рецензија (или за било каква рецензија), меѓутоа оваа е напишана пред подолго време (види датата) и е напишана за албум кој многу малку беше критички разгледуван – со тоа заслужува краток коментар. Претпоставувам дека причина за тоа што „Клан Секулар“ не доби многу рецензии е фактот што кај нас многу малку се објавуваат негативни критики за остварувањата на домашните артисти (верувам дека повеќето би биле такви), а и во разговор со многу луѓе сфатив дека и повеќето не го разбраа албумов, или едноставно не им се допаѓаше. Неколку пати (вербатим) го слушнав коментарот „не можам да го слушам ТОА повеќе од десетина минути“, небаре имало сескопска конференција на која се договорил став за оваа музичка катастрофа. Епа јас МОЖАМ да го слушам албумов и во првиот месец-два од издавањето го слушав често. Оваа рецензија беше напишана во тој период и не беше објавена токму од страв да не ја пишувам кога расудувањето ми било замаглено од честите преслушувања (односно дека сум развил стокхолмски синдром слушајќи ја оваа катастрофа). Тоа не испадна баш така зашто и по повеќе од една година мислам дека има квалитет во ова музичко дело; а, и уверен сум дека причината за тоа што ми се допаѓа не се некои сублиминални пораки вткаени во многуте слоеви на истото.

Друга причина зашто оваа рецензија остана во фиока е самата содржина на рецензијата која не испадна онака како што ја замислував во поглед на стил и форма – меѓутоа редовно сум незадоволен од се што ќе ставам на писмено, така што и тука ќе го занемарам инстинкот за ctrl+a+delete.

Како и да е времето помина, албумов не сум го слушал со месеци, a со оглед на тоа што PMG Kolektiv подготвуваат нов албум ова е последна шанса да се објави нешто за овој додека сеуште може да се нарекува актуелен – па макар и тоа било напишано пред дваесетина месеци.     

PMG

27 Јануари 2013

Јануари е период во кој се прават безброј листи на најдобри изданија за минатата година – неблагодарна задача за многумина – и игра во која не се впуштив, најмногу поради фактот што испуштив да преслушам некои од минатогодишните дискографски остварувања. Сакајќи да им дадам фер шанса на сите (не сум голем фан на слушање „набрзинка“, а треба време материјалот да „легне“), се лишив  од обврската за создавање на таква листа. Сепак, од оваа дистанца еден албум се истакнува како единствен претендент за врвот на мојата хипотетска  листа – „Klan Secular“ од PMG Kolektiv. „Klan Secular“ e сосема различен од претходните изданија на PMG Kolektiv , но претставува природна прогресија за состав кој почнува да ја ситни и втората дузина дискографски изданија.

Од музички аспект: на прв поглед звукот едноставно се опишува – ритам машина, репетитивни бас линии, расфрлани говорни семплови, некои вокални семплови, по некоја дискордна гитара тук-таму, некои клавијатури, 3 јајца, кило брашно, метални дувачи!? ОК, не е толку едноставно. Сите овие елементи формираат една интересна хетерогена текстура, која е сместена во раслоен и простран микс (да не речам ала Мартин Ханет, ама дигитално..всушност што има да кажувам). Веројатно секој сам ќе си направи некоја асоцијација со нешто претходно сторено – албумот црпи од доволно извори, да може да се слуша на 20 различни начини (post-punk, dub, electronica…). Лично за мене веќе на втората песна (во моментот на цитатот од „Моја си“) ми се створи конекција со „Одбрана и последњи дани“ (1982), и веќе почнав различно да го перцепирам албумот. Влијанието на Идоли е евидентно, можеби повеќе во дух, отколку во пристап, бидејќи целите и егзекуцијата заемно се исклучуваат. Додека Идоли пробуваа суптилно да ја вметнат верата, како симбол на слободен израз во период на пост-титова Југославија; PMG Kolektiv пропагираат аболиција на организираната религија во време кога станува се појасно дека ни е наметната фасада на ултра-религиозност поткрепена со прилог на „традиционални“ вредности“. Како пресек може да го земеме слободниот израз.

Албумов би го „крунисал“ и со највисока оцена да не беа две работи: како прво, доминацијата на текстот, односно – намерата тој целосно да се искаже,  доведува до моменти на неадекватни мелодиски решенија; и второ траката „Зелено“ ми личи на недопечен интерлудиум пред финалето. Сé на сé, во овој формат имаме одличен мулти-димензионален продукт, кој има основа за повеќе преслушувања.