Кога шепотот се претвора во вресок

Кон збирката раскази „Другата страна“ од Ѓорѓи Крстевски во издание на Бегемот, Скопје, 2019

„Длабоко гледајќи во мракот, долго стоев, се прашував, се плашев, се сомневав, сонував соништа што ниту еден смртник не се осмели да сонува пред тоа“, вели големиот раскажувач и поет Едгар Алан По чии „хорор“ приказни (како што обично љубат да ги нарекуваат) посегнуваат по „другата страна“, длабоко во човковата потсвест каде што реалитетот не е извртен, туку е податлив за судбинска манипулација. Ѓорѓи Крстевски е автор со стил кој во својата изразна структура ги има двата амалгами: на Данил Хармс и оној недофатливиот на Едгар Алан По. Збирката кратки раскази „Другата страна“ пребарува низ собитијата кои никогаш не се случиле, но тлееле во нечии соништа и се обистиниле во нечии фантазмагории. Универзумот на магиската реалност во оваа прилично густо раскажана збирка ја носи со себе маглата на урбаните легенди, но апсурдот од каде што почнува и каде што завршува прави таа да звучи доста опипливо и токму затоа оваа збирка не се вовлекува во нас како априорна напнатост со висока доза на страв, туку како систематско структуирање на кула од неодживеани животи, неисплакани трагики и неисполнети желби.

Ѓорѓи Крстевски во своите раскази секогаш носи некакви посетители, познати и непознати, вообичаени и случајни. Тој суров свет на незавршени животи и неочекувани ситуации тој го генерализира во најкратките раскази кои опишуваат чудни и необјаснети околности (Безобразниот ветер, Диско за духови, Летно расположение), но и го конкретизира во поголемиот дел од расказите (Не терај ме да повторувам, Ноќна прошетка, Патување во зоната на самракот) каде конфликтот меѓу ликовите е практично невозможен најмногу заради доминацијата на ликот кој ја предизвикува катастрофата. Трагичните навеви скоро во сите раскази ги порабува елегантно тенкиот сарказам кој најмногу се однесува на вајањето на ликовите (во добар дел тоа се кроки), поточно на нивните карактеристики. Крстевски целиот тој свет на човечки силуети и студенилото на натприродните влијанија го манипулира преку чудниот нихилизам зачинет со остри саркастични пасажи. Во овие раскази некој се враќа дома, но не може да влезе, некој патува некаде кон каде што никогаш не тргнал, некој некого води во смрт трансформирајќи се од девојче во старица, едноставно тоа е конгломерат од ликови, еден широк хабитат на сенки чии приказни завршуваат како прашина во ветер. 

Да се вратиме на По и на видливото влијание во оваа многу чудна збирка. По стравот го зема како подлога за приказна која има основа во животните околности и го користи реализмот за да создаде напнатост која во тоа време била исклучително важна за читателите. Ѓорѓи Крстевски во своите раскази напнатоста ја сервира како околност. Ликовите во овие раскази не се плод на околностите, тие се судбини кои се предизвикани од неотповикливата присутност на тие неразјаснети и мистериозни околности. Се чини дека ова е една суштествена ирезверзибилност која ги прави овие раскази многу оригинални и во некоја рака иновативни. Втората компнента која е од голема важност за овие кратки раскази е погоре споменатиот апсурд. Крстевски не нагазува на априорна алогичност. Неговиот стил отсликува деконструирани ситуации кои на почетокот од секој расказ многу мирисаат на реализам, но многу ситематски се претвораат во иреалистични состојби во кои ликовите се преформираат и деформираат. Токму затоа ова елегантно опонирање на реалистичниот начин на мислење е книжевна „дисторзија“ која е совршено продуктивна. Се случуваат раскази кои низ конкретните и семантички густи реченици донесуваат собитија чија импакност се крие токму во нивната наместена интактност. Кога велам „наместена“ не мислам на вештачко контруирање на приказни и околности. Мислам да повратната спрега на сите биографии на ликовите чии интеракции се пресудни за постоењето на сите раскази, освен за оние кои се однесуваат на општи состојби и случки. На онаа сокриена и глазирана наивност која ги тера сите ликови да влезат во извесна авантура наоружани со животно искуство и предрасуди. И токму предрасудите се вистинската формулација за филозофскиот предзнак на „Другата страна“. Сокриената епикурејска концепција во главите на ликовите се главната контрверза од која потекнуваат сите нивни предрасуди, а натприродните сили кои влечат кон нихилизмот се само предизвик. Ѓорѓи Крстевски многу проникливо ткае „страшни“ приказни каде и реалитетот и времето се „условни“, а нивната крајна консеквенца е контрастот. Контрастот во времето и во просторот. И токму затоа се што е тивко во овие раскази постанува крик, се што е линија, постанува простор и се што е миг постанува вечност.

Враќајќи се на стилската гама мора да се спомене дека овој млад автор на многу наврати се служи со еден симплифициран начин на раскажување кој многу умешно го комплицира со зачудни дескрипции и со апсурдни дијалози. Неговиот стил, би рекол, е еден вид на симболистичка кондензација завиена во постмодерни вербални колоратури. „Другата страна“ е еден вид на спогодба на асурдот со постмодерната. Овие раскази имаат една циклична траекторија. Многу мудро, Крстевски ги започнува и завршува на ист начин, со несекојдневна животна состојба и ликови чија саркастична сиртуација влегуваат во гроб како би оделе токму таму, на „другата страна“. Овие параметри формираат рамки во кои се движат сите кратки раскази, од оние кои се детализирани, до оние кои се генерализирани. 

„Другата страна“ носи вкус на метал во устата. Додека ги читате чувствувате дека целиот емоционален хабитус ви добива ситен стрес и дека неверојатното апсурдистичко поместување ви повлекува мисли за кои сметате дека одамна сте ги отфрлиле, дека сте ги потиснале во потсвеста. Да, потсвеста е онаа во чиј заграб влегуваат овие извонредно импактни раскази. Во тој темен и никогаш необјаснив вртлог покрај стравот и срамот се крие и апсурдот и токму затоа овие раскази не остануваат во сеќавање како животно искуство, ниту како интелектуален багаж, туку како мигновено нурнување во тој темен простор како понирање со лице во вода. Она на што предизвикува Ѓорѓи Крстевски е тоа колку можеме да издржиме да не ја извадиме главата од таа вода, колку можеме да го запреме дишењето, да ги затвориме очите и да издржиме тие духови, силуети и сенки да прошетаат по нашите дамари.