Комплексна зоо симбиоза

Кон збирката раскази „Зоостории“ на Владимир Мартиновски во издание на Бегемот, Скопје, 2019

Кога ќе ги прочитате седумдесет и седумте кратки раскази на Владимир Мартиновски едноставно наречени „Зоостории“ прво што ќе ви падне на ум е тоа дека тие се еден вид на антитеза на басните. Не, секако овие раскази немаат амбиција да бидат басни, тие дисперзираат реалитет кој не подучува, туку предупредува. Затоа инсистирам на таа антитеза, на интертекстуалната спротивност од која текстовните сублимати посветени на животинската „популација“ се обраќаат на човечката цивилизација. И тоа на еден суптилно начин и во стил со кој реалитетот на приказната авторот го пренесува да се одвие во главата на читателот, додека самиот текст е лаконски мудар и многу дофатлив. Кога велам дофатлив мислам на одблесоците живот во кој човечките особини кај животните не соодветствуваат со нивната форма, туку се систематизирана типологија на која животните се прилагодиваат. Токму затоа ја споменав антитезата во приодот на авторот во чија феноменолошка вертикала се содржат кратките животни приказни на оние кои утаат, кликтаат, реват, лаат, рикаат и мјаукаат.

Зоосториите“ на Владимир Мартиновски се поделени во единаесет делови секој по седум кратки раскази и нивната ориентираност во просторна и родовска смисла се движи од глобалните топоси (континенти), па се до книжевните ориентири (реченици, монолози, дијалози). Таа дијагонала развива една друга систематизација на самите животински „ликови“. Имено, географски одредените животински „ликови“ развиваат приказни инспирирани од самото тло, додека „ликовите“ детерминирани од книжевните контексти отвораат ситуации од универзален карактер. Целата ова книжевна фауна е импресивна најмногу заради својата епистемолошка вредност. Владимир Мартиновски продира во една досега неистражена интертекстуалност која пулсира, а не назначува и процесуално се повлекува. Затоа оваа исклучително чудна збирка на кратки раскази не „мудрува“ како што мудруваат Езоп, Лафонтен, Крилов. Овој анимална селекција има „име и презиме“ во урбаната митологија на несреќниот homo sapiens. Читајќи ги овие во мали текстови компримирани судбини, помислувам на една друга релација од антрополошка природа, а тоа е симулираниот анимален бунт кон т.н. homo lupus. Секако, не треба да се наоѓа подземна целина од аспект на сижеа, ниту пак од аспект на ликови, затоа што овие ликови се Орвеловски „нечовечки“ и дефинитивно инсистираат на својот животински интегритет. „Зоостории“ импонира со дијаметрално различниот однос кон животот на оние чија најголемата водилка сите нивни животни циклуси е – инстинктот. Мартиновски повремено, посебно во хаибуните се завлекува под ономатопеите на тие животни. Ономатопејата е своевидна интерпретација на инстинктот, една карактеристика на која човекот, за жал, се помалку се потпира. Зошто споменав homo lupus? Животните одблесоци, или парчињата анимална биографија многу потсетуваат на комуна без човек, или поточно комуна каде човекот демне. Него го има периферно, но и естетски перфидно. Така и се чувствуваат скоро сите ликови во ова исклучително оригинална збирка раскази. Накострешени и полни со адреналин. Затоа авторот ги подредил така да тргнувајќи од Македонија преку сите меридијани тие да стигнат до територијата на фикцијата без карта и без локација. Зоореченици, зоомонолози, зоодијалози, етномонолози – тоа се гамите во кои виреат животински суштества кои го мултиплицираат човекот од себе откако се соочуваат со него во сите други делови кои de facto ги има насекаде низ светот. Тука нивните дејствија се собираат во кратки и бритки реченици Бекетовски формулирани и нивниот модернистички амалгам повторно се враќа онаму од каде што секогаш тргнува, или можеби секогаш го употребува – инстинктот.
Владимир Мартиновски насликал многу животни ситуации што таа шареноликост епистемолошки и феноменолошки е толку населена во нашите импресии што ние некако по малку се одлучуваме да реагираме „животински“. Секако, сето ова делува многу проблематично кога не би имале во предвид дека Дарвин рекол дека: „Покрај љубовта и сочувството животните покажуваат и други квалитети поврзани со социјалните инстинкти кои кај нас луѓето би ги нарекле – морал.“ Релацијата човек – животно е токму во таа тенка линија која Дарвин синтетички ја нарекува „морал“, а ние ја дисеминизираме преку животинските инстинктивни перформанси. Фауната во оваа збирка кратки раскази ни ја отвора таа густо наслоена животинска смеса која ние како човечки суштества многу често се обидуваме да ја покриеме со етикеција. Секојдневна, посебно формулирана, необична, важна и чудна. И се чини дека динамиката на овие кратки раскази баш ја одигрува таа игра на откривање и покривање на животинските дејствија. Зоо картата на Мартиновски е многу елегантна, додека онаа на човечките примероци многу тенка и можеби по малку ирационална и тоа повремено не води кон мало разочарување затоа што себеоткривањето е напати фатално за нас. Неговите опсервации се движат од сурова и остра дирекност каде се е онака како што го „гледаме“ и „разбираме“ до поетична и суптилна каде ние (како животни) „чувствуваме“ и „се разочаруваме“ или „сме среќни“. Емотивниот симулакрум во сите дијалози, монолози и реченици се наталожува како лесна апсурдистичка исповед која е секогаш различна како што се различни криците и кликтањата на сите животни. И повторно се враќаме на она што значи ономатопеја. Оваа ономатопеја во овие раскази не е книжевно „имитирање“ на животни кои отсликуваат човечки карактери. Генрално, оваа ономатопеја е дотолку обратна како што е обратен целиот концепт од класичното мудрување кога се во прашање животните. Животните ги имитираат процепите во човечките несигурности. И токму затоа сите раскази, од најдолгиот до најкраткиот се полни со дејствие. Затоа што во секој крик, во секое кликтање најмногу има драматика, а драматиката во кратките „Зоостории“ е силна и импактна.
Конечно, оваа збирка раскази во македонската книжевност го носи возбудувањето кај еден Рејмон Кено, но не е на линијата на стилски вежби. Овие животински костелации вријат во котелот на човечкиот апсурд и се чини, дека ригидната логика која ја наметнува Владимир Мартиновски како раскажувач потсетува на една подземно присутна биолошка иреверзибилност на релација човек – животно. Пловејќи во бродот на инстинктот, рациото на зоо цивилизацијата покажува со прст кон она што е сериозно расклатано во турбулентните времиња на ирационални потези – homo sapiens – от.