Политиката како дијалог на глуви или лоши судбински проценки

кон „Брегот на Утопија“ Бродолом

Кон вториот дел од трилогијата на Том Стопард „Брегот на Утопија“ (Бродолом); режија: Алексеј Бородин, улоги: Илја Исаев, Денис Шведов, Нели Уварова, Алексеј Мјасников, Евгениј Редко

 

Вториот дел од импресивната трилогија на Том Стопард ги интерферира политичките турбуленции на анархистот и социјалист Александар Херцен, кој во Франција како апатрид ги доживува заедно со брачните и интимни превирања. Во содржинска смисла ова е најдинамичниот дел од оваа трилогија каде покрај општествените бури (француската револуција), љубовните триаголници ги отвораат фрагилните и истоштени духови на оние кои решиле оддалеку да го променат општествениот поредок во Русија избегнувајќи ја заканата од тогашната се уште империјалистичка власт на царот Николај. И во овој дел Стопард многу умешно си игра со времето. Имено, овој најинтензивен период од животот на руската анархистичка интелигенција кој е во опсег од само седум години (од 1848 до 1853 г.), Стопард го процесуира во генерален флешбек од 1846 година и доаѓањето на Херцен во Франција кога неговиот пријател и поет Огарјов му чита на неговата сопруга Наталија од списанието „Современост“ додека нејзиниот наглув син Колја си игра покрај нив, а легендарниот писател Тургењев се одмора недалеку од нив. Вториот дел „Бродолом“ завршува токму во истата сцена каде и што почнува. Во меѓувреме се отвораат низа неверства, неколку непријатни љубовни триаголници кои ги иницира Георг со неговата појава и заведување и на Наталија и на Ема. Огарјев се обидува да влезе и во бигамистички престап со признанието дека неговата жена Марија не сака да се разведе од него, додека најголемиот губитник во сите овие ригидхи комбинации е самиот Херцен. Дознавајќи за неверноста на неговата жена Наталија тој се потсетува на својата сопствена неверност кон неа која уште пред почетокот на оваа пиеса и ја признал. Бродоломот за ова семејство на кое тогашниот руски цар му наредува да се врати назад е фатален и во вистинска и во преносна смисла. Чекајќи го својот Колја заедно со неговиот тутор да се врати, бродот доживува бродолом и Херцен го загубува својот син. Бродоломот кај Стопард ја има и политичката позадина, а конечно во оваа трилогија се појавува и имагинарна сцена меѓу Бакунин и Херцен на брод од Англија кон Франција каде Бакунин му ја раскажува својата историја на приведеноста во Саксонија, Германија по налог на царот заради поткопување на општествениот поредок во Русија, и неговото одбивање да го промени обвинението за да се ослободи оттаму. Секако, тука се појавува и Карл Маркс со неговиот „Комунистички манифест“ кој дебело ги зарива своите постулати во анархоидните поставености на овие емигрирани интелектуалци.

Берег Утопии 2 дел2

Режијата на Бородин се движи по истата траекторија на инвентивност и блага поедноставеност иако, по мое мислење овој дел требало да се интензивира и во концептуална смисла. Текот на дејствието во режиска смисла е доста елегантно, но има места кои подразбираат извесни симбиотски крешченда, во смисла на поостра инструментализација на театарските елементи на претставата. Претпоставувам дека дури и пооделни визуелни интервенции кои би биле попотцртани би придонесле овој драматуршки набиен материјал да добие на динамика. Лежерниот тек на првиот дел сосема добро легнува на овој начин на мислење, додека оваа приказна веќе носи други навеви, други размисли. Овде, во овој втор дел се случуваат големите перипетии на скоро сите ликови од оваа трилогија. Најголемиот акцент Бородин го истакнал само со победата на Француската револуција, додека дури ни трагичната вест за погинувањето на малиот Колја во бродоломот не е соодветно акцентирања. Инвентивниот режисер е доследен до својот концептуален предлог, но веројтано требало да изнајде решенија овој втор и исклучително круцијален дел да биде пофуриозен.

Илја Исаев како Александар Херцен овде ја има својата grande партитура. Во овој дел тој ги доживува сите трауми и радости, сите убави и лоши судбини. Овој актер има една масивност која плени. Некои актери резонерството во себе го носат како квалитет, додека емотивните врвови не мораат посебно да ги принесуваат за да бидат консеквентни. Тоа е токму овој импресивен актер. Одлична подела на Бородин која е достојна за секој аплауз. Неговите сјајни монолози и задушените емотивни пасажи ја прават оваа комплексна улога традиционално емпатична што значи дека тлото каде изникнува и актерот и ликот како ист бекграунд е предност за да се направи импозантен лик. За разлика од него, во продукцијата на Лондонскиот национален театар во режија на Тревор Нан, Стивен Дилејни како Александар Херцен игра емотивно многу повдахновено и тој однос за разлика од овој на Илја Исаев е пошаржиран, понепотребно енергетски набиен. Наталија на Нели Уварова има поголема емотивна акцентираност со оглед на тоа што оваа жена која е распната меѓу љубовните недоследности и неопределености, таа е исправена и пред голема семејна трагедија, а оваа актерка со прекрасни мимички перформанси на ликот (неверојатно убави очи) гради еден етерично-минималистички лик на жена на животен крстопат. Тука е и навидум индиферентниот Тургењев во една тивка персифлажна моторика на одличниот млад актер Алексеј Мјасников. Овој актер ја продолжува жизнерадосната гама која ја започнува во првиот дел од оваа трилогија и некако тангенцијално ги прифаќа сите случки импонирајќи со една позитивистичка скромност која на овој шармантен актер одлично му стои. Конечно тука е и остроумниот Бакунин кој е бунтовен до крај и иако само во две-три сцени, актерот Денис Шведов многу инвентивно и елегантно го продолжува овој лик со истото расположение и актерско мајсторство од првиот дел. Како интересни улоги во овој дел се наметнуваат и Андреј Синип како Огарјев, поет и радикален политички активист, но и ситно малициозен кога се во прашање интимистичките релации. Сипин ликот го одигрува со една фина динамика како спротивност на неговата карактеризација, но тоа е доста мудар приод со оглед на значенските компоненти на ликот на Огарјов. Емотивниот Белински во изведба на Евгениј Редко исто така останува на она ниво кое одлично го држи во првиот дел. Овде овие ликови заедно со Тургењев и Бакунин се потонати во политичките и идеалистичките трактати и реторики, така што емотивниот баланс кај нив е малку дисторзиран, но тоа сепак, од друга страна отвора еден убав аспект и компоненти на овие ликови кои во првиот дел се се уште неоткриени. И покрај тоа што се помали, улогите на Георг и Ема во изведба на Алексеј Веселкин и Марија Риштенкова, тие се меѓу клучните запчаници во оваа конструкција наречена „Бродолом“. Веселкин импонира со една наместена инфантилност и со тоа успева да ги помести навидум стабилните брачни столбови на Херцен, додека Риштенкова во сите појави многу умешно ја одигрува претенциозната наивност што го прави овој лик и тоа како интригантнен. Доста практично и иновативно од страна на режисерот се појавите на актери кои во првиот дел играат значајни улоги во епизоди од круцијален карактер како што е иксусниот Виктор Цимбал кој во првиот дел го игра стариот Александар Бакунин овде се појавува во епизода на рускиот конзул во Ница Леонтиј Баев. Имате чудно чувство на сомнабулност и на имагинативност кога го гледате овој актер кој овде игра со блага иронија како да е тоа истиот лик од првиот дел кој дошол да се насмее на турбуленциите на кои како стар империјалист го предупредувал првенствено својот син, а потоа и другите. Со посебна воодушевеност повторно ќе ги потенцирам и актерите и пејачи кои прекрасно се вклопуваат со своите музички и кореграфски делници во промената на сцените отворајќи еден многу интересен имагинативен простор кој, според мене кога би бил поинтензивиран овој дел, како што кажав погоре би бил многу повпечатлив.

imageБерег Утопии2 дел5

Визуелниот контекст во овој дел е на истиот терк како што е и во првиот дел со тоа што во сценографска смисла во овој дел има повеќе промени заради почестите промени на местата на збиднувањето, но тоа е исто така од страна на искусниот сценограф Станислав Бенедиктов решено на еден сјаен иновативен начин користејќи ги платформите што се отвораат од сцената и сличните на нив платформи кои се спуштаат одозгора формирајќи брод, како и ситните интервенции кои заедно со едноставно, но допадливо дизајнираните знамиња и реквизитни елементи ја доловуваат револуционерната атмосфера. Во овој дел колоритната костимографија е дело на младата костимографка Наталија Војнова и тие костими се движат во еден светол паноптикум поддржувајќи ја белата и светлата шампањ боја, како и светлите полушироки кринолини на дамите што оддаваат едно блескотно расположение како контраст на турбулентните настани кои ги третира овој дел. Конечно, во визуелна смисла овој продуктивен контрапункт е нивото на кое се движи целата режиска нитка која со себе ги повлекува и актерските и кореографките креации.

Музичките делници и тука не се многу експонирани, но ги има на вистинско место, онака како што љубат големите руски театарски режисери – музиката да се појавува во исклучително важни моменти за да се експонира и самата, но и да ги акцентира оние делови што треба да останат во сеќавање кај гледачот.Кореографските елементи во вториот дел од Стопардовата „Утопија“ се поескпонирани и не само како конципирана кореографија, туку и како одлично искомпонирани сценски движеа најмногу кога се во прашање сцените на револуцијата, како и промените посебно во првиот чин. Мудро осмислена и страстно изведена кореграфијата на Лариса Исаков заедно со музиката на Натали Плеже го заокружува тој артистично аудитивен сегмент од вториот дел „Бродолом“.

И покрај тоа што овој втор дел е непотребно спор, сепак тој одлично ја одвлекува целата трилогија кон страствена катарза и кон еден уметнички мудар сублимат обременет со политички многу ригидни моменти. Премногу се тешки проектите кои бараат компактност и органичност, а во себе содржат епска материја, текст кој има огромна волуминозност. „Валентштајн“ на Ј.В. Гете и „Црнината и приличи на Електра“ на Јуџин О’Нил се тектови со слична драматуршка конструкција и обилуваат со информации поставувајќи дилема при постановките каде да се отфрлат делови кои би го забавиле дејствието и со тоа би го одвлекле вниманието на публиката. Тука е секако и славната трилогија „Хенри Шести“ на Вилијам Шекспир кои заедно со гореспоменатото дело на Гете се напишани во стихови и тоа носи дополнителни дилеми. Но, едно е сигурно: епски насложениот текст, во себе носи низа двозначности и отвора енормно големи проблеми и тие текстови имаат голема причина зошто се пишувани во ваква тешка и грамадна драматургија. Причината лежи во густината и на историски и на интимно сигнификантните настани што не можат да се срочат во помал текстуален обем. Едноставно, непотребното збивање на овој вид на драматургија го прекинува крвотокот на самата сторија и таа губи првенствено од својата логика, а потоа и од својата филозофска тежина. Овој вид на трилогии се дел од самиот почеток на драматургијата уште во античка Грција. Уште во тоа време текстовите се пишувале во трилогии за да се опфатат и достојно да се анализираат сите настани што ги третира пиесата. „Брегот на Утопија“ ја има во себе тежината на еден Гете или на еден Шекспир токму заради успешното испреплетување на политичката и интимистичка компонента во него. Варијаблите на динамичката констелација во принцип треба да биде најмал проблем. Вниманието на публиката секогаш се сосредоточува на приказната и времето некогаш не треба да биде голем индикатор ако ликовите се одлично одиграни. Конечно, Питер Брук го докажа тоа со својот деветчасовен епски спектакл инспириран од епската Махабхарата.

image Берег Утопии 2 дел4