Непобитна исповед на изневерената жена

кон „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, издание на „Или-Или“, 2017

И покрај тоа што романот на Фросина Пармаковска „Одбројување“ има сосема поинаква приказна, мојата прва асоцијација беше „Занесеноста на Лола В. Штајн“ на Маргерит Дирас. Оваа млада прозаистка во овој роман го сублимира целиот женски принцип на македонската млада книжевност. Типично женски роман, со женски проблем и женска тема, но машки напишан.

фото: МИА


„Одбројување“ е роман со исповеден карактер на жена која се бори пред сè со човековото изневерување, со масивната хипокризија која на овие простори се дуе како симболичниот Амадео на Ежен Јонеско кој има човечки облик, но не е човек и кој за кратко се заканува да прсне и сите да нè испрска со жолч од која нема спас. Заглавена во машката „недокастреност“ и сензитивна „дементност“, оваа млада авторка и објавува беспоштедна војна на первертната коагулација која се вгнездила во емотивната гама на човекот. Прелетувајќи низ скоро двеста страници со едноставна приказна на жена која не поднесувајќи ја прогресивната излуденост на сопругот кој го сакала, а сега не може да го препознае, Фросина гради мрачна кула од стигми кои резултираат со несовладлив гнев и полека ја ронат животната радост на главниот лик. Заглавена во каноните на едно традиционално урбано семејство, главната хероина е растргната меѓу сопругот од кој не може да се ослободи и нејзиниот љубовник Иван кому му го отвора целиот свој емотивен свет. Но, она што плени во овој роман со едноставен, но импактен наратив е тоа што тоа не е обична љубовна приказна со на прв поглед препознатлив љубовен триаголник. Оваа приказна има подлабоки сонди. Изневерувањето е еден од главните мотиви кои спрегата меѓу главните ликови раскажана од младата жена која во оваа мелница тешко се снаоѓа ја прават амбивалентна. Младата жена која смислата на своето емотивно битствување ја наоѓа во искрената љубов се соочува со машката измама од двете страни. И од сопругот, но подоцна и од љубовникот. А и од човекот, en general.  Женска приказна со добро фундирана логика. Но, изневерата кај Фросина Пармаковска нема родов предзнак. Таа отвора свет на индолентност и хипокризија кој има универзално катастрофичен флукс. Во галеријата на машки примероци во овој роман немаме само насилници и рационално нестабилни мажи, но ги имаме и оние малограѓански детерминирани индивидуи кои се дел од милјето и урбаната средина со континуирани темни облаци над неа. Покрај неврамнотежениот Митко кој како нејзин сопруг доживеал духовна девастација, тука го имаме и неопределениот Иван каде главната хероина ја вложува целата своја надеж дека ќе најде засолниште и конечно ќе се смири, но и бруталниот Алек (братот на сопругот) чиј антипод излачува една невидена арогантност од епски карактер. Констатацијата дека овие типизации не се апликативни само на мажите ќе ја поткрепиме со тоа што нивните карактеристики ги имаат и жените во овој роман само со една лесна глазура на сожалување и „разбирање“ за проблемот. Конечно, ја имаме и „благо“ агресивната Даница (мајка на сопругот), нејзината другарка Ема која, се разбира, со една добро поставена дистанца и конечно самиот главен лик, жената која не може да се препознае самата себеси променувајќи си го духовниот ентитет за многу мал проток на време.

Лола В. Штајн е обременета од комплексни околности кои Дирас намерно ги конструира за да создаде едно оригинално дело кое е исто така своевиден трактат за неверата во женскиот свет. Фросина Пармаковска оваа приказна ја гради мошне искрено и суптилно. Без фенминистички јавни соблекувања на несфатената женска душа и природа. Нејзината хероина ги соблекува чевлите и таа вечер заминува од постелата на својот сопруг за да најде свое духовно легло, своја аура под која ќе се вгнезди ќе почне да размислува со чиста глава. Дирас имплицира на женската комплексност, а младата Фросина на женската едноставност и сензуалност. Овие две компоненти во овој роман се алармантно задушени и затоа ја имаме ваквата драматургија во која нема многу директен говор, но има многу директни искази кои печат и се закануваат да пуштат метастази.  Така таа со својата младешка неверица во суморната белина на клиниката каде крварејќи го одбројува својот животен тек, својот никогаш ненаместен баланс, својата неодиграна игра за која сè уште има надеж. Или можеби нема?

Родовата анксиозност на жената во дваесеттиот век е во алармантна фаза. Генерално, на емотивен и социјален план колизиите се евидентни и бракот ги прима како вакцина. Но, свирежот на локомотивата наречена шизофренија во прво време оние двајца кои се фрлиле во брачните води не го слушаат. Занесени се, како што викаат старите во сладоста на „медот“ и во емотивната хармонија без големо вклучување на рациото. Женскиот сенс има посилен аларм од машкиот и затоа умее побрзо да го насети емотивниот и социјален дисбаланс во институцијата која на прагот на дваесеттиот век е се попрофанисана. Фросина Пармаковска, како што кажав погоре, не зазема страна иако како за женска приказна и не е грешка доколку говори од тој аспект. Таа во овој роман со многу егзактен наратив ја осветлува и машката провиниенција опишувајќи ги мнгу детално двата машки примероци – Алек и Митко и како модели спротивставувајќи им две женски персони – Даница и Ева. Оваа родова координата ја плете целата приказна каде имаме два прецизно вокализирани антихерои – главниот женски лик и неодлучниот Иван. И во глобална смисла, тука е јасно лоциран проблемот на овој роман – задушената љубовна приказна во време на родова недореченост, или, би рекле,  кога машкиот принцип не го еректира одлучноста, тогаш женскиот принцип преживувајќи ја својата катарза го втемелува својот феминистички светоглед. Чинам, затоа е и тоа одбројување – за конечно тој принцип да профункционира како одамна наследен, но неразбуден легалитет.

Читајќи го овој роман, имате впечаток дека главната хероина носејќи тешки одлуки откинува незалечлив дел од својата плот, од својата женска емнаципираност. Тоа одисејско скитање низ лавиринтите на изместената емотивна хармонија е секако враќање кон прапочетокот на машко-женското сплотување, кон елементарното читање на сенизитивноста од која до последната реченица младата авторка не сака да побегне.

Фросина Пармаковска со „Одбројување“ брои до десет и успева со оваа до крај искрена исповест да се лансира високо во македонските книжевни кругови. Овој роман сосема заслужено ја доби наградата „Роман на годината“, а се надеваме дека ова исклчително интересно четиво на оваа млада и талентирана авторка ќе доживее повеќе преводи за да биде достапен на подалечни дестинации.