Низ вените на емигрантската достага

кон претставата „Поглед од мостот“ во режија на Иво ван Хове

Кон претставата „Поглед од мостот“ од Артур Милер во продукција на Лондонскиот Јанг Вик и во режија на Иво ван Хове. Главни улоги: Марк Стронг, Фиби Фокс, Никола Вокер, Расел Тоуви и Мајкл Гулд.

 

Сицилијанската комуна во Бруклин во првата половина на дваесеттиот век е интригантна популација на емигранти кои во налетот на суровоста на Америка во тој период формира ригидни и бесчувствителни човечки примероци чии семејни и родови несреќи стануваат секојдневна трагедија со неизбежни мазохистички компоненти. Приказната за Еди Карбоне, италијански емигрант кој како физички работник во проклетиот Бруклински конгломерат гради една епохално егоистичка животна филозофија, во режијата на Иво ван Хове е до крај натопена со емоции и сето тоа најмногу се темели на актерските експресии. Ова многу специфично дело на Артур Милер, драматичар чии интересирања многу често се во насока на урбаните приказни полни со интимни трауми и трагедии, не води низ една многу темна иконокластика отсликувајќи ликови кои делуваат на накој начин како депримираните индивидуи на Достоевски. Самоуништувачката политика на семејството Карбоне, каде новодојдените ликови кои потекнуваат од местото од каде што дошол и самиот Еди стануваат жртви на егоизмот предизвикан од ирационалноста на континуираното одење по работ на егзистенција отвора трагика која е еден вид на парадигма апликативна на многу кои емигрирале од својата земја со многу надежи.

Иво ван Хове врз основа на овој текст гради една минималистичка претстава која е боса и гола онака како што се и физички актерите и актерките во претставата. Интимна претстава облечена во белилото на чистата сцена. Она што во овој концепт најмногу ни одвлекува внимание е ридањето на ликовите. Ван Хове успева да си поигра со ехото и со тажнниот призвук на таа проклета провинција од која нема излез. Затоа на сите три страни од сцената има клупи каде ликовите (а и актерите) се одмораат за повторно да влезат во клинч од кој и по драматургија и по режија нема спас. Конечно, клинчот е ситуацијата која тој многу филигрански ја анализира наоѓајќи им на актерите простор да ги изградат своите тажни ликови, да ја откријат во себе онаа длабоко сокриена тажаленка која инстинктивно ја префрлуваат надвор од рампата за самата да си го најде својот сипатички мост и да го постигне саканиот ефект на катарза кај публиката. Социјалната недореченост и недефинираност кај Милер, Хове ја става под чаршав. И тоа со големо право. Останува ликовите да излезат од под тој чаршав разголени и гневни. Оваа со еден потег повеќе од успешно дефинирана режија го отсликува токму студенилото на емигрантската нерелевантност и нерешителност. Преку ликовите на физички, но не и духовно моќниот Еди Карбоне и на неговата континуирано згрчена сопрува Беатриса, како и на ветривата посвоеничка Кетрин, ван Хове ја отвора координатата на маргиналните структури на Американското општество кое, впрочем е изградено од тие кои најмногу страдаат – емигрантите. Надвор од тоа студено белило е само адвокатот Алфиери кого Милер го поставува и драматуршки како еден мост меѓу двете култури, лик кој всушност ја раскажува целата приказна. Тој е надвор од сцената и физички, но во приказната влегува како релевантнен лик само во најтрауматичните моменти. Актерската симбиоза ван Хове одлично ја инкорпорира во ситуациите кои се емотивно водени, но се мизансценски добро организирани. Американската емигрантска интимна драма чиј трагичен хибрис има вкус на коментар, овој белгиски режисер ја решава чисто Бергмановски, со клинички истакната емоција, со здив и трепет кој го чувствува и публиката и со тензија ситуациски точно определена. Претставата започнува со воведот на Алфиери додека зад него ги гледаме Еди Карбоне и неговиот пријател Луис како се мијат голи до половина после напорната работничка работа. Напнатоста која понатаму многу умешно ја наметнува режисерот е во напластените ситуации кои најмногу се решаваат „од нога“, во конфликти и напнатости, додека белиот отсјај на сцената во чија плитка длабочина има отвор наместо врата ни ја замрзнува крвта само заради градирањето кое на крајот завршува со многу импресивна сцена на сплотеност на ликовите кои во тој момент наликуваат на повеќеглаво чудовиште.

Но, Иво ван Хове е комплициран во својата едноставност. Ликовите сноваат низ белата чиста сцена напластувајќи ја својата трагика исклучиво со актерски инструментариум.

 


Дефинитивно мислам дека Марк Стронг е најдобриот Еди Карбоне. Овој лик одлечно легнува врз грамадниот хабитус на овој вокално мошне моќен театарски артист. Неговиот остар лик и кавгаџискиот стил на комуницирање го оцртуваат овој Сицилијански емигрант онаков каков што го напишал Милер. Како стожер на оваа претстава тој одлично кореспондира и со емотивниот постамент на ликот и со оној негов енигматичен сензибилитет чија тензичност најмногу импонира во трауматските сцени и успева да ја понесе неговата комплексност со висока артистичност. Неговиот долен вокален праг прави говорните дејствија и поттекстите да звучат не само животно, туку и предупредувачки. Еди Карбоне е лик кој е жртва на судбинското недоразбирање и на неговата страственост. Мерк Стронг со неговата интерпретација му вдахнува и една многу тенка нотка на хероизам која многу возбудува и го прави овој лик антологиски. Намерно ги пригушува сите инфериорни состојби за целата позитивна и негативна емотивна констелација да се вткае во еден „компромитиран“, а не „ирационален“ лик што од друга страна е и умна концептуална стратегија на белгискиот режисер. Никола Вокер како Беатриса е сигурен репер на Стронг и својата партитура ја гради воглавно на принцип на дефанзивност. Беатриса е и пишувана како дефанзивен лик што, морам да признаам е меѓу ретките такви ликови во драматургијата на Милер. Обично женските ликови во неговите пиеси имаат една сигурна доза на стаменост со оглед на тоа што се конструирани од сензибилитетот на жената во урбана Амаерика. Но, овој женски лик има сосема поинаква провиниенција. Беатриса е исто така емигрантка и Милер од тие причини ја контекстуализира во еден друг традиционално-социјален опсег. Никола Вокер внатрешната напнатост на Беатриса која потекнува од големата грижа за своите роднини емигранти изневерени од нејзиниот сопруг ја отсликува со извесна потенцираност во кратки физички дејствија кои пак, од друга страна успешно ги компромитира со генералната инфериорност на самиот карактер на ликот. Одличен пан-дан на главниот лик. Овие два лика се главните столбови на оваа претстава и тие се од особена важност затоа што, како што споменав погоре, тие се координатата на режискиот концепт. Кетрин, девојката која е посвоена како сирак во семејството Карбоне со една кисела веселост ја толкува Фиби Фокс, актерка која одлично ги координира тие варијации. Таа, всушност заедно со Расел Тоуви како Родолфо ги одигруваат единствените љубовни сцени кои во овој текст на Милер се крајно горчливи. Интересно е што тие сцени минуваат со многу емотивно натопени паузи кои подоцна после ирационалното недоразбирање стануваат причина за суштествено комплицирање на ниво на драматургија. Фиби Фокс успешно ја употребува таа своја недореченост за да ја сокрие емотивната нестабилност и да ја отслика немоќта на една млада жена да се реализира во такво социјално девастирано опкружување. Родолфо на Расел Тоуви има една бунтовност која совршено конвенира со неговиот физикус, но неговиот лик во основа дели со својата роднина Беатриса неодминлива инфериорност која овој млад актер ја одигрува мошне артикулирано. Конечно, ликот кој ја прецизира компонентата која е исто така многу ретка кај Милер, а која се вика „театар во театар“ е АЛфиери, исто така емигрант кој испливал од бедата на тешкото и трауматско прилагодување во американското општество како дојденец. Мајкл Гулд прави многу интересен портрет од овој лик и неговите коментари надвор од дејствието се намерно блиски до сцените кога се вклопува во дејствието. И ван Хове не инсистира на драстично одвојување од круцијалното дејствие токму заради логичното потекло на самиот лик, но и зааради инсистирање на една иконокластика која без тој лик би била дводимензионален портрет и би делувала неприродно. Мајкл Гулд има особено високо чувство за модификација на целиот свој актерски инструмантариум, па така овој лик во оваа концепција делува како рамка која го дефинира и просторот и времето на целата претстава, а од друга страна пак, ван Хове инсистира тоа да не биде егзактно позиционирано, туку да има една артистична вечност во себе.

Сцената и костимите во оваа импресивна претстава се повторно на постојаните соработници на Иво ван Хове: Јан Версвејвелд и Ан Д’Хујс. Сцената на Вервејвелд е комлексно бела. Таа чистина во која боси се врамуваат и претрчуваат актерите има една многу доминантна монолитност. Порабена со обични клупи на кои кога не се на сцената се одмораат како борци после клинч, оваа сценографија визеулно ја дефинира оваа моќна претстава и делува како квадратот на Маљевич – возбудливо бела површина во геометриски прецизно исцртани рамки. Во длабочината на сцената во самата средина се наоѓа отвор кој е и врата и дупка и влез во пеколот. Единствената огромна сива кулиса ликовно одлично кореспондира со костимите на ликовите кои Ан Д’Хујс ги креира во сиво-бела боја. Кога ја гледаме оваа претстава повремено имаме впечаток дека гледаме црно-бел документарец за емигрантите од Сицилија во Бруклин и тоа најмногу благодарение на одличната костимографија на Д’Хујс.

„Поглед од мостот“ на Иво ван Хове најмногу импресионира со својата сиромашност, со својата едноставност и добро оргзниаираната страст. Овој режисер кој е познат по своите едноставни и мудри решенија, овде се концентрирал на артифициелизирањето на пепелот на Њујорк, на артистичниот превод на правта во која пливаат емигрантите кога го преминуваат океанот во потрага по подобар живот. Како и „Хеда Габлер“ и оваа претстава има многу пригушени крикови облечени во строго испеглани форми и бои, многу така и жолч врамени во екстравагантност која повремено се разлева како акварел под вода. Иво ван Хове своите режии дефинитивно ги инспирира од трошките на животите на трауматизираните ликови чии биографии се пишувани со многу искривени и нечитки букви.