Проголтана претстава

кон премиерата на претставата „Јулие Цезар“ во продукција на Народниот театар од Битола

Народниот театар од Битола, на 28 април ја одржа премиерата на претставата „Јулие Цезар (res publica или cosa nostra)“, прва од одобрената програма за работа, за 2018 година. Според трагедијата на Шекспир, но и со вклучени делови од други текстови, претставата ја постави гостинот од Белград, режисерот Златко Паковиќ, познат по политички ангажараниот театарски израз.

CEZAR foto 1© Александар Буневски

 

Со првиот дијалог меѓу римскиот политичар и правник, Цицерон, што го толкува Петар Горко и мудриот, но потенцијален римски император Цезар, доверен на Соња Михајлова, режисерот Паковиќ во сценската адаптација на трагедијата на Шекспир, во превод на Драги Михајловски и во драматизација на Билјана Крајчевска, ја афирмира клучната дилема за која ќе падне многу крв во претставата: „Res publika или Coza Nostra“? Во превод, дело за општа, заедничка употреба (се мисли на државата) или наша работа, (се употребува за сицилијанската мафија). Тоа значи, дали ќе избереме еднаш за секогаш (републиканско) демократско уредување, во кое правилата на игра ќе важат за сите подеднакво, или ќе останеме гетоизирани како заложници на разните профитери, во (имперјалистички) авторитарен режим, зависи од нас. На тој начин, режисерот уште во прологот не исправа пред судбоносното прашање поврзано со иднината на Македонија, по падот на власта на Никола Груевски. Иако денес по Шарената револуција, од новата власт веќе е одговорено на ова прашање, со изборот на патот и вредностите на ЕУ и НАТО, дилемата останува легитимна заради многубројните рецидиви од минатиот авторитарен режим, кои особено се чувствуваат во судството, што ќе рече, борбата за правда допрва треба да ги даде очекуваните резултати.

А, со кревањето на завесата, публиката сведочи на различните, од лични, преку интересни, до во име на републиката, мотиви за убиството на Цезар, од страна на заговорниците. Улогите на заговорниците, Брут, Касие, Каска, Цина, им се доверени на актерите Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Мартин Мирчевски и Александар Стефановски. Во убиството се додадени и два локални историски лика, Менча Карничева и Мара Бунева, кои делувале како атентатори во име на македонската кауза. Нив, ги толкуваат актерките Валентина Грамосли и Илина Чоревска. Но, ликвидацијата на идниот апсолутен владетел, Цезар, кој  првично ја отфрла подадената круна од нејверниот поданик Марко Антоние, во изведба на Иван Јерќиќ, е повод и за поголем, колективен, крвав раздор што следи до крајот на изведбата. И додека дејствието се храни од драмската граѓа на Шекспир, за брехтовски конципираниот театар, како коментар за изминатата декада во земјава и за нашата актуелна стварност, беа напишани специјални сонгови од композиторот и музичар, Оливер Јосифовски. Стиховите заедно со најавите за секоја сцена, се проектираат на видео бим поставен високо над главите на актерите, а сонговите во живо ги пеат во хор сите актери, учесници. Тие го предаваат дејствието преку радикални решенија во насилните до бруталност и оргијастични сцени, со кои се доловува хаосот, деструкција и дезинтеграција во општеството, опиено од желбата за моќ и власт, каде „ножот во грб“ доаѓа од најсаканиот, што во случајот е Брут. Затоа предавството и убиството од морални причини е исправен чин, а христијанството е претставено како лицемерна религија. Тоа се чита од приказот на духот на Цезар како Исус Христос, претставен во епилогот како предводник на лицемерни верници. Но, провокативниот и контроверзен естетски израз на Паковиќ , што веројатно требаше да не шокира со голотијата, сексот и шиењето на раната на долниот стомак , нанесена со нож како саможртва на Порција, жената на Брут, што ја игра Викторија Степановска Јанкуловска , е веќе виден и ја губи моќта пред гледачот . Зошто? Затоа што се препознаваат сличности, особено во почетокот на масовните сцени во оваа претстава, со проектот „Доктор Фауст“, премиерно изведен во НТ –Битола, кон крајот на 2016 година , во режија на Андраш Урбан. Во тој политички контекст, кога сеуште власта беше кај Груевски,  таа претстава беше театарски коментар пар екселанс, а ја видовме на МОТ , минатата година. Од тие причини „Јулие Цезар“, се доживува како своевидна тематска и естетска тафтологија, исто така градена врз класично драмско дело.

CEZAR foto 3

Што се однесува до актерските креации, започнувајќи од Соња Михајлова како Јулие Цезар до Сандра Грибовска како Девицата, сите 15 актери прикажаа завидна спремност во индивидуалната и колективна игра, но од друга страна, никој не отиде чекор погоре од тоа што до сега го има искреирано и прикажано, а го видела мојата маленкост во други претстави на Битолскиот театар.

Сценскиот простор, за чие обликување беше задолжен Филип Јовановски, е отворен и празен, а на него во неколку редови се наредени на пултови, статуи на римски сенатории и на ликови од претставата. Поставката од гипс потсетува на изложбата на Јовановски „Силата на Спартакистите или моќта на љубовта“. Но, третманот на слободата во различни социјални и политички контексти, загатнат со изложбата, овдека е проширен до потрага по вистинољубивиот и правдољубивиот човек, во шумата од лажни и непредвидливи идентитети. А костимите на Благој Мицевски се спој на историски со парчиња современа облека, строго во функција на улогите.

Оваа година Народниот театар од Битола е единствен меѓу останатите 16 театри во земјава со конципиран репертоар, кој оди под слоганот „Ако ви е добро, тогаш ништо“, позајмен од српскиот портал Пешчаник. Затоа вреди да се размисли подлабоко, претстојните проекти во духот на ангажираниот театар, да не се поклопуваат. Ако тематски сепак мора во некој случај, тогаш барем естетски да се разликуваат. За да не се повтори, како во случајот со претставата „Јулие Цезар“, да биде проголтана од нејзината претходничка „Фауст“.  И така.

 

CEZAR foto 5