Раскажувачка епика и фатална искреност

Кон претставата „Без авторски права“

Милош Б. Андоновски во оваа претстава се одлучува за сè поинтересниот и помодерен раскажувачки театар чиј наплив од север сè повеќе го чувствуваме. Раскажувачкиот театар како интерактивна сценска провиниенција отвора можности за изразување, но дефинитивно ги распрснува класичните оформувања на ликовите. Во многу наврати актерикте се и ликови и актери и дистанцата која има лабава драматуршка корелација ја впива публиката и театарскиот чин станува поливалентен, публиката сензуално и рационално иритирана и пораката до крај актуелна. Младиот режисер оваа драматуршка конвулзија на Ева Камчевска ја растегнува во интимна сторија дисперзирана во три различни светогледи и зачинета со три различни искуства. Иако камерна, оваа режија импонира со умно еклектицирање на животните стории кои се преклопуваат една во друга создавајќи синтетички драматуршки јазол со силна порака. Претставата започнува со актери во костими кои сами си ги одбрале и раскажувајќи ги своите животни приказни поврзани со потрагата по нормален, достоинствен живот на начин што ќе ја напуштат „нашата убава земја“ полека ја напуштаат претставата пресоблекувајќи се во своите облеки. Оваа забелешка е едноставна, но затоа е режиски прилично импактна. Зошто? Затоа што и драматургот Ева Камчевска и режисерот Милош Б. Андоновски нашле суптилен начин да ја изградат дистанцата која е и многузначна, тенка и (по мене) тешко одржлива. Актерите/ликови во оваа режија и драматургија се и сеприсутни и напати отсутни. Сеприсутни кога ги коментираат приказните кои самите ги создале, а отсутни кога се служат со тензични паузи кои импонираат исто колку и трогателноста на она што го кажуваат. Пред млку кажавме дека „Без авторски права“ не е претстава која има класична режиска концептуираност. Ни најмалку. Раскажувачкиот театар многу „измамнички“ ја користи својата варијабилност да ја вовлече публиката во поголема стапица од конвенционалниот театар. И кај драматуршката предлошка на Ева Камчевска оваа конципираност има брановит облик. Нема никаков климакс, нема катастрофа, има есеј кој си го пишуваме кога ќе се вратиме дома. Милош Б. Андоновски овој есеистички приод го гради после опсежно истражување кое има своја и визуелизација и артикулација, но  преку драмтуршката „лабавост“ на Ева Камчевска е строено во животни исечоци кои завршуваат онаму каде што почнуваат. Токму таа креативна цикличност оваа претстава ја прави и питка, но и крајно ригидна. 

Тројцата млади актери Ангела Сотјановска, Јеткин Сезаир и Јана Лефкова своите улоги ги градат иреверзибилно, од лик кон аналитика. Затоа и ги гледаме како актери откако за цело време ги доживуваме како ликови – дистанци од нивните лични стории. Ангела Стојановска во својата сторија на девојка се обидела да ја раскаже таа искористеност на онаа “work and travel” симулација на живот во западниот свет каде инстантно се нудат работни места кои ни оддалеку не се дел од она што треба да значи кариера и напредување како можност конечно да се одвои од местото наречено „убава земја без просперитет“, но со многу егзотика. Незјината приказна има допадлива глазура на духовитост, но зад тој хумор вирее горчливата неодлучност на младиот човек кој овие животни раскрсници ги доживува како „шанса“ или можеби како „тест“ за нејзината/неговата енергија да ги прифати предизвиците и да започне еден  нов живот. Ангела Стојановска ја игра својата „улога“ во еден простодушен стил на Оливија Колман и токму таа хуморна мембрана многу вешто ја разбива со оние отсутности што ги намекнав погоре – со вкусот на опасноста која е можеби преголема за неа, за девојка која не така лесно може да се одвои од семејното јадро и да се фрли во океанот на животната неизвесност. 

И Јеткин Сезаир раскажува приказна за тоа потонување во водите на неизвесноста што во неговиот случај ја носат двете татковини – Турција и Македонија. Тој раскажува една емотивна приказна која ја донесува со точно дозирана чувствена тензија: во најсензитивните моменти не го гледаме како плаче, туку како тешко подголтнува и се обидува да си ги сокрие солзите. Ако Ангела Стојановска умешно еквилибрираше со духовитоста, овој млад актер одлично ги контролираше своите чувства како што тоа го прават големите актерски имиња. Неговото животно осцилирање од Македонија кон Турција тој во својата приказна го сублимира во една извонредно силна сентенца: „Јас бев Македонец во Турција, а Турчин во Македонија.“ И оваа раскажувачка „улога“ компримира еден сегмент од животот на човек кој води бескрајна битка со својата недоумица, со својата професионална определеност, со својот општествен статус и со вистинската детерминираност на својата благородна билингвалност. Јеткин Сезаир во оваа улога отвора една широка гама на талент која верувам допрва ќе резултира со одлични улоги.

Јанка Лефкова во својата приказна донесува една минималистичка драматика која пленува со својата туробност. Говорејќи за инстантниот гурбет на младите во Германија, таа говори за една акутна неснајденост и се чини дека нејзината „отсутност“ е најлатентна, а тензијата во нејзината приказна најсигнификантна. Лефкова импонира со својето темно расположение и со својата недофатливост во говорната интерпретација и носи еден драмски баланс меѓу другите два лика.

Заедничкиот именител на сите три лика е цврсто вмрежената калиграфија на сите три приказни. Лично, за време на претставата имав чувство дека од некаде ќе влезат уште неколку актери, но после крајното стопување на овие тројца сјајни млади актери со публиката конечно преоблечени во своите алишта, се обидов да си ја раскажам својата интимна приказна која е дијаметрално различна од нивната затоа што таа во нивното доба се случуваше во сосема друго општествено уредување. Секако дека и сите оние кои си заминуваа од претставата на некој начин ја метаболизираа истата преку своите животни приказни. Токму затоа овој вид на „раскажувачки“ театар носи многу на сцената и токму тоа „многу“ безрезервно го подарува на публиката конечно актуелизирајќи ја највредната компонента од театарскиот чин – интерактивноста. 

Она што е додатно допадливо, но во исто време и сугестибилно е дијамтрално различната визуелизација на сцената и музичката подлога која е прилично ретка. Расфрланите, не многу бројни реквизити и елементи кои акцентираат „опуштеност“ се еден вид одвојување од таа „авторизација“ која во раскажувачкиот театар е се поирелевантна, но како симболистичка храна многу податлива за претпоставки и далечни поврзувања. Тоа е уште еден од квалитетите на продуктивната проблематизација со која се занимава оваа претстава.

Првичната намера и на режисерот и на драматиргот и на тројцата актери била интерпретсација на приказната на филмот „Песјак“ на Јоргос Лантимос која говори за една болна и дистописка изолираност на едно семејство, но после спроведените истражувања оваа претстава отишла во друга насока на наше општо задоволство како публика. Неуспехот за авториските права го донесол и насловот „Без авторски права“ кој има еден тангенцијален допир со целиот проект, а тоа е дека правото да си ја раскажете својата приказна е „примален крик“, но и начин да се снајдете со духовно решение, т.е. да добиете право да си го реорганизирате својот живот. Или можеби е рано за тоа?

Оваа претстава носи искра на револуционерност во театарското промислување во Македонија. Иако во овие „невремиња“ за уметноста на овие простори многу тешко може да се расфрлуваме со термините како алтернатива, „Без авторски права“ е сепак  алтернативна тетарска претстава која не се откажува од класичниот актерски интрументариум и од цврстата драматуршка и режисерска конципираност, но во исто време носи едно сосема поинакво поимање на театарот кое, верувам дека многу брзо ќе се рашири како широко инспиративна уметничка зараза.