Овогодинешниот слоган на Стерииното позорје беше „Стварноста – посилна од фантазијата“ и изборот на претстави и во натпреварувачкиот дел како и во придружните програми минуваа низ таа траекторија. Имагинативниот предзнак на стварноста е силен тематски предизвик, па така во концептуална смисла се градеа различните уметнички размисли. Претставата на Загребачкиот театар на младите од Загреб се занимаваше со реконструрање на сцените осудењето на еден од најповиканите за холокаустот, Адолф Ајхман, т.е. неговото спектакуларно судење од 161 ден во Ерусалим низ призмата на книгата на Хана Арент „Ајхман и Ерусалим – банализирање на злото“. Исклучително импресивен концепт на Јернеј Лоренци кој до крај почива на раскажувачкиот театар, со многу сиромашна сценографија, но комплексна актерска експресија. Претстава од три и пол часа која совршено добро го задржува вниманието на гледачот навлегувајќи во порите на тој, би го нарекол политичко-метаболитички процес каде Ајхман се бранел со банални изјави кои се движеле во насока на извршување на своите обврски без можност за одбирање на страна или евентуално откажување од нив. Оваа сјајна театарска вивисекција на режисерот Лоренци продолжува во вториот дел со анализа на судењето на хрватскиот злосторник Андрија Артуковиќ кој исто така на своја одмината старост добил спектакуларен трансфер во Хрватска и спектакуларен судски процес. Емотивнот набој во оваа претстава пулсира во контрверзите на самата атмосфера на процесот, на интимистичките искри на „славните“ осуденици и тоа ја прави оваа претстава многу оригинална кога станува збор за третман на ваква тема.
„Осамена планета“ е претстава на Ателје 212 од Белград која се случуваше на различни места низ Српскиот народен театар, но ниеднаш на неговата сцена, што би се рекло, една исклучително неконвенционална претстава по текстови на Димитрие Коканов, Олга Димитриевиќ, Маја Пелевиќ, Тања Шљивар и Игор Коруга, но и претстава која ја изведуваат самите ткстописци. Тоа е куриозитет кој отвора еден сосема поинаков и прочит и поглед врз театарот. Овие талентирани дрмаски автори со оваа многу интересна претстава како да го затвората кругот на таа раскажувачка естетика навлегувајќи во сите ролји (актер, автор, режисер) ставајќи точка на „и“ во Бекетовскот истражување на театарскиот израз. Имено, говорејќи за новата „стварност“ со силен и цврст дистописки предзнак, „Осамена планета“ формулирана токму на англиски јазик како Lonely Planet застанува на таа крајна точка во театарската естетика која на накој начин е и почетна точка на некој сосема нв театар. Нормално, оваа претстава, оваа актерска и писателска експресија на овие млади и талентирани драматурзи не премавнува ниеден од главните чинители на театарскиот чин. Тие говорејќи за страотниот налет на таа негативна иднина која ни дише зад вратот, говорат за тоа колку театарот станува сиромашен во време на негово комплетно игнорирање, на игнорирањето на неговиот глас, на непрочитувањето на неговите пораки, на скратувањето на неговите крила од страна на шундот и квазиартизмот. Овие талентирани автори (и актери) играат текстови од своите колеги (значи не секој својот текст) и, се чини дека на некој начин го предупредуваат реципиентот дека да се конзумира театар не значи да се дигестира. Дека конечно овој свет, ова наше „сега“ веќе нездраво опркужување не ни дава да влеземе во театар, туку не наведува да мислиме на тоа како би преживеале и дека тоа не е социјален и општествен чин, туку чин на определба, на конечна одлука. Оваа претстава е еден вид на лакмус на контрастноста на концептот и селекцијата на овогодинешното Стериино позорје иако е сепак во онаа придружна програма.
Во придружната програма беше и кратката претстава „Враќање“ во режија на Дејвид Глас, театарски уметник од светски глас од школата на Лекок кој се појавува во улогата на режисер на првиот дел од претставата која на еден многу интересен начин се занимава со трагедијата и масакрот на островот Утоја во Норвешка.Всушност, станува збор за еден вид на симбиоза меѓу физичкиот и визуелниот театар во кој актерите се синтетизираат со своите согледби и размислувања врз тој страотен настан. „Враќање“ е претстава со многу интересен визуелен концепт, со физичка експресија која е многузначна и инспиративна. Осумте млади актери и актерки делуваат совршено компактно и оваа претстава остава еден чуден впечаток на критикување на отуѓеноста која на некој начин е посредна причина за таков вид на крвави дела. „Враќање“ е претстава со нов навев на мислење во театарот која во програмата „Друга сцена“ е во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад и театарската група на Дејвид Глас. Во секој случај уште еден иновативен чин на сцената на ова позорје.
„Лепа Брена проџект“ е претставата која беше во натпреварувачката програма по текст на Ведран Клепица, Слободан Обрадовиќ, Маја Пелевиќ, Тања Шљивар и Олга Димитриевиќ, всушност по концепт и во режија на Владимир Алексиќ и Олга Димитриевиќ со драматуршко учество на Димитрие Коканов. Оваа претстава се занимава со она што во таа одамна мртва Југославија мирисаше на национален херој, а тоа е „културната работничка“ (како што љубеше да се нарече самата себе) Лепа Брена. Во претставата се појавуваат пет Лепи Брени во различна функција и различен контекст на таа личност од кои една е травестит. Оваа претстава се чини отвора лавина коментари за тоа што всушност била Брена во време на таа Југославија,нејзината лавовска улога во многу сегменти од животот. Она што импресионира е анализата на поистоветувањето на многу нешта во таа Југославија со името на Лепа Брена (згради, водоводи, разни видови на прозиводи) кои со пропаста на таа држава почнаа да го отелотворуваат грдиот лик на оваа појава, т.е. на колективната меморија на самите граѓани. Авторот на овие редови одбива да помисли на Лепа Брена како на „феномен“ во таа Југославија, сметајќи ја за „синдром“ кој во оној момент кога постана национален херој на една мултинационална држава истата почна да се разградува и да го открива тоа грдо лице на амблематски личности од областа на естрадата кои себе се нарекуваа „културни работници“. Оваа претстава секако, отворајќи многу прашања не е индикативна само на Брена, таа е индикативна и на крвта која после себе ја остава шундот кој кога станува доминантен тогаш станува и деструктивен. И оваа претстава е дел од оној тип на раскажувачки театар, но со актерски одблесоци кои не ја имитираа Брена, туку создаваа различни нејзини ликови.
Ќе остане ли Стерииното позорје театарски мегдан каде што ќе пулсира контрастноста во која конвенционалниот театар ќе аргументира наспроти раскажувачкиот и „постмодерниот“ или овој вториот ќе испраќа пораки кои конвенционалниот театар не би можел да ги формулира затоа што се занимавал со „гола приказна“. Оваа последна синтагма ми е подарок од еден од пасионираните театарски гледачи кои сепак повеќе е склон кон таа „гола приказна“ отколку кон експериментот и барањето на новите значења во театарската експресија. Наградите кои беа доделени како што кажав на почетокот беа како со нож поделени и на едниот и на другиот вид на театар, што значи дека мегданот веројатно ќе остане отворен и за следното издание. Но, едно е важно: во ова страотно време на зло кое не можеме да го видиме, а е насекаде околу нас овој фестивал ја отвори сцената за клинч или за процес, за расправа или за соработка, за едно сценично анализирање на нашиот свет на различни театарски јазици. Секако, новите начини на промислување на театарот се секогаш добредојдени, па така и Старииното позорје ја нуди сцената на новата театарска крв која е динамична и остра и секако – има што да каже.