Креативна документаристика на десеттиот МакеДокс

Фестивалска МакеДокс хроника

Во средата вечер започна десеттото јубилејно издание на Македокс, фестивалот за креативен документарен филм. Оваа година на фестивалот ќе се прикажуваат 70 филмови од кои дури 10 се на македонски автори. Ова е само уште една потврда за растот на Македокс како значаен културен настан во нашата земја, но верувам и за неговото влијание за растот на македонската документаристика и создавањето на повеќе македонски документарни филмови. А со едно такво влијание, секогаш си доаѓа и одговорноста во однос на квалитетот на програмата и на организацијата на фестивалот. Секако, оценката за тоа ќе ја дадам кога ќе заврши фестивалот, сега само ќе се осврнам на дел од филмовите кои ги гледав во првите три дена од фестивалот.

На отварањето се прикажаа два филма. Првиот беше краткиот 20 минутен Misericordia на Xavier Marrades. Филм во кој преку видео пејзажите и сцените од животот на луѓето од островот Itaparica Brazil, ќе дознаете за нивните сонови, оние сонови додека спиете. Лесниот и безгрижен живот на островјаните е надополнет со лесното и како догма прифатено верување дека сонот има значење и моќ за промена на реалниот живот. Верување кое е дел од културата на овој остров. И тоа недвојбено ме потсети на нашиот однос кон сонот и прашањето дали луѓето кои живеат во Македонија се уште си ги раскажуваат соновите или станавме дневносонувачка нација, чиј единствен сон е криминалците да бидат во затвор или да се замине од земјата. Да се отиде на некое друго место каде ќе се изсонува сопствениот сон или ќе се започне некој нов.
Вториот филм, A Dog Called Money, или со македонски наслов „И сè стана песна”, во режија на ирскиот фотограф Seamus Murphy е музички документарец и воена патувачка приказна. Имено, Seamus Murphy заедно со англиската музичарка и поетеса Polly Jean Harvey попозната како PJ Harvey, заедно патуваат во Авганистан, Косово и Вашингтон. Seamus фотографира а PJ Harvey води дневник, пишува текстови и бара инспирација за нејзиниот нов албум. Сите три места кои ги посетуваат се соочуваат со трауми од војна (Авганистан и Косово) или од улични пресметки (Вашингтон). Ова патување и искуството од него е текстуална и музичка инспирација за албумот на PJ Harvey со наслов The Hope Six Demolition Project. Процесот на неговото создавање е исто така целосно прикажан. И токму музиката на PJ Harvey е најмоќниот дел на филмот. Филмската приказна, иако има потенцијал, сепак остана млитаво прераскажана. Кога сме кај приказната, треба да се оддаде признание за надоврзувањето на приказната од еден дистрикт во Вашингтон, каде се случуваат многу убиства и луѓето не се чувствуват воопшто сигурно, на убиствата и траумите од војната во Авганистан и Косово. Војната, дефинитивно има неколку лица, а едното од нив се уличните банди во САД. Морам да признаам дека очекував повеќе од фотографијата во овој филм. Имаше одлични кадри и моќни визуелни сцени (снежната долина во Авганистан, погледот на детето преку прозорот од возилото итн.), но сепак генералниот впечаток ми е дека станува збор за просечна фотографија. Од друга страна, во филмот беа уфрлени сцени од протести против претседателот Bashaar al Assad во Сирија и на бегалците во Идомени, на македонско-грчката граница, кои без присуството на PJ Harvey делуваа како нафрлени сцени кои го прекинуваат дотогаш редоследот на нарацијата и немаат никаква конекција со албумот на PJ Harvey, што е главната тема на овој филм. Сепак, далеку од тоа дека филмот е лош и вреди да се погледне.

Втората фестивалска вечер се прикажа и првиот филм од програмата Земја на фокус – Германија. Станува збор за филмот „Sидот“ на режисерот Jürgen Böttcher од 1990 година. Филмот е снимен во периодот на паѓањето на берлинскиот sид и наликува на едно домашно видео од тој период. Како што може да претпоставите, фокусот на филмот е sидот кој го дели Берлин на Источен и Западен, sидот кој го дели истиот народ, истите луѓе, истите нивни приказни и соништа. Приказна во која речиси и да нема дијалози, зборови, чија нарација е исклучително визуелна. Како самиот sид да е сценарист, режисер и кинематограф. Sидот е сведок на сè она што се случува околу него и на него. Тој е тело кое го кршат за сувенир, неговите камчиња се продаваат за 5 или 10 марки. Sидот е филмско платно на кое се прикажуваат филмови за војната која го роди него. Одличен филм, идеален да го погледнат сите оние кои и во 2019 градат или поддржуваат изградба на sидови.

Третата фестивалска вечер изборот падна на Aquarela, филмот на рускиот режисер Виктор Косаковский, кој веќе има освоено многу награди по светските филмски фестивали. Aquarela е фасцинантен филм за водата во сите нејзини форми. За материјата која е најзастапена на планетета земја. 71 % од земјината површина е вода. Филм кој ја опишува сета нејзина убавина, раскош и сила, а Косаковски, преку брилајнтни кадри ни ги прикажува сите нејзини карактери. Од замрзнатото Бајкалско езеро кое како чудовиште ги голта невнимателните возачи и автомобили кои возат преку него, убавите, кршливи и музикални ледници на Гренланд, моќта на океанските бранови, суровоста на ураганот Ирма во Мајами па се до поетичноста и фотогеничноста на ангелските водопади во Венецуела.
Изобилството од спектакуларните кадри ме залепија за фотељата, ме направија да се чувствувам мал и небитен, а претпоставувам и сите други кои беа на проекцијата се чувствуваа исто во однос на природата и нејзиното значење. По завршувањето на Aquarela, требаше да заминам во Куршумли Ан да погледнам уште еден филм од фестивалската програма. Тоа беше планот. Но, што ќе значеше ако дознаам за уште една човечка приказна. Приказни за луѓе слушам, гледам и читам секој ден. Приказна за водата е вистинска реткост. Останав и после проекцијата на дискусијата со режисерот Косаковски. И гледај изненадување. Истото го кажа и тој. На прашање од една гледачка, зошто решил да снима филм за водата, тој одговори – „Филмови за луѓето се снимаат постојано, во просек околу 11.000 филмови годишно. Снимени се сите човечки приказни. Нема ништо ново за луѓето. Но, за водата малку е снимено и раскажано. Таа сè уште е неистражена.“

Ова десетто издание на Македокс започна со одлични филмови. Фестивалот влегува во викенд програмата, а вам ви останува да ја проверите и да си изберете што ќе гледате. Мојот предлог за вечерва е „Патувањето: приказна на љубовта”, кој почнува во 22:30 на сцената пред Куршумли Ан. Се гледаме таму.