Ксенофобијата како хабитат

Кон претставата „Историја на насилството“ Томас Остермаер, Шаубун театар, Берлин

Автобиографскиот роман на младиот Едуар Луи раскрилува една социјална и политичка контраверза која иако наликува на веќе анализирана и видена, сепак е еден нов аспект кон хомофобичноста и ксенофобичноста во Европа, појава која никогаш не изумрела и покрај големата „посветеност“ и неисцрпливата „истрошеност“ на европските авторитети. Томас Остермаер, еден од највизионерските режисери на дваесет и првиот век од овој текст прави една адаптација која има есеистички и прокламаторски призвук со големо инсистирање на горливоста на овој проблем. Оваа интимна драма која е видена многу пати во различни контексти во оваа адаптација се прекомпонира во еден тоналитет на безизлезноста. Имено, интимистичкиот контекст од кој младиот автор не излегува, т.е. не креира дистанца токму заради неговиот автобиографски приод е иницијација оваа претстава да прозвучи многу поинаку од сите други уметнички дела на оваа тема. Овој режиски концепт на Остермаер, всушност ја анализира волунтаристичката политика на Европа и таа дијагонала од интимистичкото кон социјалното и политичкото ја прави оваа претстава оригинална и во својот израз и во својот став кон европската мултиетничка калиграфија.

И романот и претставата за свое јадро ја имаат трауматската приказна на младиот французин кој во една Божиќна вечер е и понижен и силуван од муслиман кој доаѓа од северна Африка и кој е во принцип претставник на популација која во Франција се шири со огромни размери. Остермаер се одлучува за наративен приод во кој ја потопува таа автобиографска нитка од која пак, во текот на претставата го исцедува интимистичкиот контекст, а кој пак, од друга страна се редимензионира низ интенционалните видео прикази на интимните средби на младиот французин со северноафриканскиот азилант. Тие режиски перпетурирања кои ја прават претставата крајно тензична исфрлаат една „креативна контрадигестија“ на театарската публика, нешто што Острмаер го има во својот начин на промислување на сите текстови што ги инсценира. Чувството на гадење се обвиткува во една чудна популистичка слаткоречивост која неговата поетика ја користи за обликување на хипокризијата во која е длабоко завлезена европската интолерантност. 

На некој начин овој проблем потсетува на извиканиот роман на Мишел Уелбек „Покорност“ во една Женеовска пресвлека која и возбудува и иритира. И, би рекол, тоа е точната формулација – режијата на Остермаер иритира и затоа е крајно интересна и инспиративна. Претставата е решена многу едноставно и ја играат четворица актери. Приказната буи во сеприсутен еклектицизам и, иако во наративно пакување, таа останува фокусирана најмногу на хомофобичноста. Наместената флексибилност е ниво изразено преку саркастичните пасажи кои инсистираат на тенденциите на почитување на традициите и вредностите на другите култури, но секако, тоа е и начин социјалната дисторзија на западна Европа да се подигне на ниво на анархија.

Приказната која со својата амбивалентност ја пробудува духовната мачнина кај сите ја одигруваат тројца актери и една актерка од кои наративните пасажи ги има ликот што го толкува актерот Лоренц Лауфенберг кој ја одигрува и онаа друга страна, т.е. второто јас на младиот автор Едуар Луи. Влегувајќи и излгеувајќи од дејствието во стил на Алфиери во „Поглед од мостот“ на Артур Милер, овој актер совршено добро балансира со дистанцата и доживеаноста на ксенофобичноста, една длабоко доживеана микро емотивна пресија која плени со богатството на изразни средства. Еден од најинтересните ликови во оваа претстава е ликот на африканецот во толкување на Ренато Скуч. Однапред потцртан како негативец, овој лик е вистинскит барометар на пулсот на интолерантноста и на компримираната негативна енергија што произлегува и од доминантната сексуална амбиваленција која, пак, од друга страна се заканува да имплицира нов галиматијас во и онака избезумена Европа. Ренато Скуч својата робустност и доминација ја избрусува со простодушност која е глазура на секој емигрант, на секој кој се обидува да го сокрие чувството на „недомашен“ на друго тло. Страста за одмазда е генерална тенденција која има широк таргет, но секогаш завршува таму каде што е најмалку наменета, така овој актер ликот го прекршува многу умешно одигрувајќи „каење“ на вистинско место и  со вистински интензитет. Ова е еден од најсилните и најизразно акцентираните ликови. Ликот на младиот французин го толкува талентираниот Кристоф Гавенда, актер кој емотивната експресија ја донесува преку нејзино задушување, преку нејзино потиснување од сознанието дека хомофобичноста е онаа што од него нема да направи жртва, а ни херој, дека столбот на срамот е единственото место каде ќе заврши доколку од својата неискажлива траума побара правда. Гавенда е извонреден пан дан на ликот на Скучи и неговата актерска креација е импресивна.

Визуелниот момент на оваа претстава е прилично симплифициран. Претставата започнува на празна сцена каде се одвива полициско форензичарење, а така и завршува. Целата визуелна експресија ја донесуваат видео презентациите кои отсликуваат крупни кадри од делови на сцената што не ги гледаме, така што Нина Вецел, која е и сценограф и костимограф се фокусира на есенцијата на оваа приказна, а тоа е глобалната траума од волунтаризмот и длабоката интолерантност. Тоа во бои и форми значи згаснатост и метал и како такви и сценографијата и костимографијата импонираат со својата дискрепанција и „недореченост.“ Овде како особено интересна нитка се наметнува импресивното видео на Себастијан Дупуи кое покрај крупните кадри во интимистичките сцени импресионира и со сегменти за статистиката и коментарите во врска со ксенофобијата во западна Европа. Музиката на Нилс Остендорф е напати тензична, но од друга страна понира во еден апсурд кој, многу мудро режисерот го инкорпорира како посебен аспект во својата концепција, така што како аудитивен придружник, таа се појавува како актер во текот на цалото дејствие.

Конечно, оваа претстава на Томас Остермаер се обраќа и на спороста на европските модалитети за превенирање од ксенофобичност, на самодоволноста од која старата дама никогаш нема да се откаже колку и да се инсистира на мултикултуралност и на толерантност. Овде повторно ми се наметнува една сентенца на гореспоменатиот Мишел Уелбек кој во едно интервју во врска со неговиот роман „Покорување“ ќе рече: „Во оваа земја има вистински презир за сите власти… Можете да почувствувате дека тоа не може да продолжи. Нешто треба да се промени.“ Претставата „Историја на насилството“ е токму тоа – крик против глобалниот презир и против глобалниот политички волунтаризам.