Ако претстојниве петок и сабота, 13 и 14 септември се погоди да бидете во Куманово, знајте дека центарот на градот ќе биде впечатливо звучен и сликовит. Предвидено е улицата „Народна револуција“, една од главните градски улици да биде затворена за возила и како привремена пешачка зона да биде пополнета со уметнички дела. Дел од градскиот плоштад пред Центарот за култура, пак, ќе биде концертен простор, наменет за првото издание на фестивалот Art attack.
Во петок (13 септември) вечер, од 19 до 1 часот, ќе може да се видат дела во разни техники разместени на улицата. Како фигури во простор ќе бидат изложени: „Стриптизета“, скулптура од метал на Стаменков Горан, „Површина 2“, дело кинетика на Перо Кованцалиев, инсталацијата на Кристина Божурска „Рабат“ – дело составено од сведоштва на жени од фабрики, и „Нови сеќавања (New memories)“, интерактивна инсталација на Ана Јовановска. Слики ќе имаат претставено авторите Александар Симоновиќ – Симо и Мирослав Величковски. Една група фотографии ќе го прикажат одржаниот перформанс „За тебе“ осмислен и изведен од Валентина Илијевска, а друга група фотографии ќе се дела на Наташа Величковска, збирка од портрети, стрит-фотографија и фото-есеј. Додатно ќе има и дела на Елеонора Накевска, Ангел Миов, Flamur Miftari и Далибор Тренчевски.
