За болните доаѓања и заминувања

кон збирката раскази „Не одам никаде“ на Румена Бужаровска [Или-Или 2018]

Но каде? На кое место? Кој нè чека таму? Што ќе правиме? Кого ќе го сакаме? Кому ќе му се лутиме? Како ќе проговориме, а да не нè насетат дека не сме оттаму? Кого имаме да посетиме, а бил наша крв? Со кого ќе поделиме сеќавања и кому ќе му раскажуваме смешни доживувања? Конечно, кого ќе погребаме и за кого ќе плачеме?
Румена Бужаровска ја превртува сликата за рајот како прибежиште од сивилото и неизживеаноста во контрадикторна земја каква што е оваа која ја газиме, со чии недоличности и нелогичности се сретнуваме во сите наши комуникации и делувања. Како писателка со извонредно голема перцептивна моќ и прекрасен стил со кој ги пренесува сите настани во своите раскази, Румена ни го раскажува она што нашинците не сакаат да го кажат кога ќе се вратат од рајот наречен „туѓина.“ И уште повеќе, таа „туѓината“ ни ја донесува пред носот внесувајќи нè во еден свет кој е културално за нас редунтантен, а нашите напори да бидеме „како него“ или „како нив“ се персифлажно смешни, но и иронично горчливи. „Не одам никаде“ е вистинскиот наслов за овие извонредни седум раскази кои отвораат една галерија на ликови чија неодлучност и незграпност се еден вид на социјално деструктивна „теорија на случај“. Читајќи ги овие раскази пред очите ми излезе пиесата „Тетовирани души“ на неодамна починатиот Горан Стефановски во која веќе остарениот Кољо кој живее во Америка постојано го носи својот куфер со себе подготвен да се врати во Македонија, но нема храброст да го направи тоа. Како што тој и Алтана и Цибра и Клодија, па и полудениот Стрезо целиот свој живот го поминале „ни таму ни ваму“, така и Елена е растргната меѓу емоциите од родниот крај каде отишла да го види својот татко кој е на умирање и животот преку океанот каде очигледно не може да се прилагоди, (Цице), така кутриот Ристе не може да се помири со судбината на загубеното семејство и изневерата од неговата сопруга во Мелбурн (Тука сум. Не одам никаде), така и Софија и Иван се само смешна приказна апострофирајќи ја својата успешност притоа ставајќи ги на тацна сите свои недоделканости (Медуза), така и сопругата и детето на тензичниот и нервозен Владо ја покажуваат целата своја недокваканост обидувајќи се да го прифатат како свој домот што тој му го нуди во Феникс, Аризона (Чероки Црвена) и конечно, таква е и фарсичната претставичка во Американската амбасада каде кутрата Весна чиј брак е на стаклени нозе се обидува да биде во истиот mood со сопругата на американскиот амбасадор (Осми март).

Македонската литература е полна со дела кои се посветени на економската и присилната емиграција на македонци во западниот свет. Румена Бужаровска во оваа збирка раскази која еклатантно го одредува дискурсот уште во насловот „Не одам никаде“ ги прередува сите копнежи, интенции, желби, страдања и болки во друга слика, во една летаргична фреска чиј интегритет ни е совршено познат на сите затоа што сите јадеме од духовните трошки што ни ги нуди ова поднебје и за жал се привикнуваме на гладта која раѓа само тремор и тензии. Духовната беда на ликовите од оваа збирка раскази авторката ја отсликува на еден духовит, но фарсичен начин кој одлично кореспондира со детализираниот наратив кој едноставно ја впива оваа книга во нас како читатели и не тера да живееме со тие ликови, да ги замислиме верувајќи дека се тука, до нас, и да се ослободиме од чувството да не си ги препознаеме темните социјални и општествени мазохизми за кои не можеме да си најдеме лек.

Доживувајќи ја емотивно оваа прекрасна збирка раскази за првпат во себе проникнувам мешани чувства и додека се смејам нејзиниот расказ ми исцедува и понекоја солза и верно, застанувам после секој прочитан расказ, воздивнивам и повторно продолжувам. И навистина, како и кај „Мојот маж“ со затворањето на последната страница не ми е доволно книжевно доживување. Искрено сакам уште, уште вакви неверојатни раскази кои ме тераат да плачам додека се смејам и да ми ја засркнат смеата повремените липтежи што ќе ми се прикрадат. Расказите на Румена Бужаровска не тераат да си признаеме самите себеси некои работи и затоа нејзините книги ни се како исповед, како своја духовна самоевалуација каде резултатите се поразителни. Конечно, многу е тешко да се биде самокритичен, но тоа можеме сами во друштво на „Не одам никаде.“

Зошто оваа книга е сосема поразлична од останатите книги кои се занимаваат со македонската емиграција? Прилагодувањето на нашинците на запад и нивното преинсталирање во други карактери, во хибридни идентитети со измешани емотивни и духовни констелации во оваа книга е заменето со базичната невозможност да се влезе во таа гама на културолошка хибридизација или невозможноста да се излезе од неа во едноставноста и искреноста на ова, наше традиционално милје. Таа револуција во светската раматургија ја направи Бекет пред точно шеесет години пишувајќи го својот Годо каде главните ликови се соочуваат со разорноста на нихилизот во нивните животи. Го направил тој голем автор истото и со своите романи „Неименливото“ и „Молоа“, а расказите на Румена Бужаровска тоа го прават споредувајќи го нихилизмот „таму“ и „овде“, една совршено добро детализирана и концентрирана споредбеност во која сите ликови се градени во тој нихилистички модус, но во една многу жива хуморна глазура која и тоа како не тера да се замислиме, всушност, не наведува да помислиме на катастрофичноста на цивилизациските и демографски осцилации кои, би рекол, на нашииот живот делуваат како долготраен „џет лег“.

Оваа авторка многу мудро во своите раскази за главна координата го има семејството, базична комуна која е најважна за осмислување на нечиј живот. Релацијата на сопружниците во сите раскази е девастирана на најразличен начин што имплицира на исклучителната комплексност на проблемот со пречекорувањето кон другите цивилизации како бекство од сите проблеми кои се напластуваат во оваа хаотична и недокастрена цивилизација на чии болести стануваме имуни најмногу заради нашите корени. Во овие релации многу е интересна улогата на децата кои во сите раскази ги има во најразлична возраст и сите имаат еден неореалистички однос кон расштиманите ситуации било тие да се случуваат на „туѓина“, било да се случуваат со луѓе од „туѓина“ на ова тло. Од малата Анфиса во првиот расказ „Вазна“ која само спие, но е еден многу важен елемент во релациите на два брачни пара од кои едниот не може да има деца, до малечката Ева во рацете на збунетата Елена чија вознемиреност станува амблемска во општествената вознемиреност на „родниов крај“, до малиот Матеј кој го проектира татковиот тензичен однос кон западната цивлизација во „Чероки црвено“, до тинејџерот Џорџи во „Мадуза“, дете на амбициозни родители кое живее во свој свет не сакајќи да ја свари амбициозноста на својата мајка, „хибридизирана“ македонка и и ја открива тајната која таа не сака да ја каже, до студентот Војдан на хаотичната Весна во „Осми март“ кој својата отуѓеност од дисфункционалното семејство во кое живее ја доживува како животна филозофија на која единствено се прилагодува не сакајќи ни да чуе за амбициите на нејзините родители тој да се развива некаде во развиените западни општества, па се до возрасните Ивана во „Капини“ и разочараниот Ристе во „Тука сум. Не одам никаде“ кои се исто нечии деца, а кои го вкусуваат горчливиот вкус на „заминувањето и доаѓањето“ од другите цивилизации, на неснајденоста во пречекорувањето преку океанот ние се сретнуваме со една галерија на изданоци кои имаат сосема поинаков однос кон „рајот на земјата“, кон другоста и општествената менливост. Тие како деца не пошле никаде, конечно никој не ни ги прашал дали сакале да заминат некаде, тие се обидуваат овие трауми да ги конзумираат како метаболитички процес и тоа создава во нивниот ран живот прилично апсурдни нус појави кои конечно го доведуваат во прашање проблемот на припадноста.

Конечно, откако некако ќе успееме да ги сублимираме импресиите од збирката раскази на Румена Бужаровска, ќе дојдеме до тешката констатација дека всушност оваа книга е посветена на проблемот на припадноста, на нашата коренита традиционалност која не е само фолклорна патетика, туку е конгломерат од начини на промислување и начини на конзумирање на материјалното и духовно богатство кое дефинитивно го има, само ние се правиме дека не го гледаме.

Исто онака како што можеме да пропуштиме некои работи додека се задлабочуваме во оваа сјајна збирка раскази, сепак можеме да станеме свесни за нашата еклатантна присутност во моменти кога сме духовно отсутни и емоционално девастирани. Оваа книга е предупредување, но е и лек и јас дефинитивно ќе ја читам и по трет пат само за да видам што уште има таму, а има многу мудрост, многу креација, многу талент и многу, многу живот.