La Isla Bonita е резултат на сите други албуми | Интервју со John Dieterich, Deerhoof

Deerhoof. Оваа година одбележуваат 20 години од почетокот на својата кариера. Ги запознав и почнавме да се дружиме интензивно некаде на потегот помеѓу The Runners Four и Friend Opportunity. И веднаш ме уловија во својата “мрежа”. Ме освоија со својата генијална инвентивност. Со неверојатна уникатност која ги издвојува од океанот на бендови кои се обидуваат да најдат свое место под сонцето. Експресно ги впишав во листата на музичари кои имале исклучително влијание врз моето музичко образование. Нивните албуми – музички лектири. Таму некаде во 2008. година со ептен голем мерак направив краток муабет со Greg Saunier, но морам да признаам дека уште поголем мерак ми беше да го направам ова интервју со John Dietrich. Особено ако се знае дека нивниот албум La Isla Bonita е туку што изваден од рерна и се уште испарува. Не знам што друго да ви кажам освен: слушајте, читајте и уживајте! Win win.

 

Налетав на прашање на Reddit.com. Викаше: „Само што влегувам во art-rock и noise-rock и пробувам да стигнам до Deerhoof. Проблемот ми е тоа што доаѓам од synthpop, electronic и мејнстрим alt-rock, па различните акорди и начинот на кој песните се напишани не ми звучат добро. Се разбира, веројатно ако ги преслушам песните неколку пати, тие ќе ми се засвиѓаат. Но од каде да почнам?“ Значи, кој албум (или албуми) би го препорачале на еден „почетник“ кој сака да се запознае со Deerhoоf? Можете ли да ги поделите вашите албуми на „плочи за масовна публика“ и плочи за „тврдокорни обожаватели?
Па, албумите ги правиме со намера секој да ги сфати. Во исто време, знам дека тоа нема да се случи, ниту со еден албум ниту со еден артист, и тоа е сосема во ред. Мислам дека одговорот на вашето прашање е различен за секого, зависно од потеклото, расположението кога ќе го чујат албумот, итн. Понекогаш работите што на прва топка најмалку ви се допаѓаат се всушност албумите кои со тек на време најмногу ќе ги сакате. И по сè што кажав најдобар, без сомнеж, би бил La Isla Bonita. Без сомнеж.

Годинава прославувате 20 години од основањето на Deerhoof. Бројка што нè остава без здив. Која е тајната на долговечноста на бендот? Поминаа ли овие 20 години без потреси и дали често требаше да правите компромиси? Гледајќи го минатото, дали сте задоволни од постигнувањата до сега?
Поминаа само 15 години откако се приклучив, иако ми се чини како да се 50… или само 1. Среќен сум што стигнавме до каде што стигнавме и преживеавме како функционален бенд што прави турнеи. Имаме среќа што успеавме да опстоиме толку долго. Се согласуваме подобро од кога и да е, уште повеќе уживаме во свирењето и имаме барем малку повеќе контрола над работите што ни се случуваат во животите, така што сè е супер. Свириме подобро од кога и да е и полни сме со креативна енергија како и секогаш. Не чувствувам големо задоволство кога ќе погледнам наназад. Не е дека сум засрамен или горд од тоа што сме го направиле. Едноставно зборот „задоволен“ не е оној со кој би го опишал моето чуство. И натаму чувствувам почит кон моите херои, и натаму со возбуда учам и се менувам, а кога ќе погледнам наназад гледам поглавја – делови од нашите животи со документи кои сведочат за нив. Денес читав весник додека јадев во мојот омилен ресторан во Њу Мексико (Duran’s Station во Албакерки, Њу Мексико – најдобриот!) и мислев на тоа како сите во интервјуата на долго опишуваат како стигнале онаму каде што стигнале, како сите различни настани во нивните животи ги воделе до таа точка и се добива чувство дека сето тоа било неизбежно. Но сите знаеме дека не е така, дека не било така. Ако вие ги направите потполно истите работи што тие ги направиле, веројатно ќе стигнете до драстично различно место.

Зад вас стојат 12 албуми, вклучувајќи го и La Isla Bonita. Дали има некои песни од вашата дискографија на кои сте особено горди? И обратно, има ли песни на албумите со кои не сте особено задоволни?
Мојот однос со албумите постојано се менува. Во моментов највозбуден сум од материјалот што го завршивме, бидејќи тој е резултат на сите други албуми. Но тоа не го прави подобар. Секој албум ми личи на споменар, полн со спомени и мислам дека ниту еден од нив не го сакам повеќе од другите. Полно нешта сега би ги променил, но во моментов веќе сум во помирен со сите нив!

 

deerhoof

 

Го чекавме La Isla Bonita повеќе од две години, кои вие – меѓу другото – ги пополнивте со различни сајд проекти: други бендови, соло настапи, ремикси, итн. Зошто толку многу музичари посегнуваат по други „обврски“ покрај нивниот примарен бенд? Дали е тешко да се балансира помеѓу повеќе „работни места“?
Кога работиш со еден бенд, правиш албуми со него, турнеи, итн… мораш да се ограничиш себеси. Не можеш постојано да правиш сè. Па, во тој процес почнуваат да се појавуваат други идеи, соништа, итн. Или пак, дел од тебе во бендот не се развива, па сакаш да го развиеш. За мене, од скоро, всушност работите стојат сосема обратно: еден дел од мене е поистакнат во бендот (опсесијата со ритамот), па со другите бендови повеќе го истражувам апстрактното, се обидувам да го растурам токму тоа што сум се обидувал да го направам.

За првпат во вашата долга кариера повикавте надворешен продуцент за вашиот албум. Која беше причината? Кои се аргументите за и кои се аргументите против овој потег? Дали Ник Силвестер на некој начин влијаеше на вашиот конечен звук?
Во основа Ник ја играше улогата на заморче за нашите идеи. Па, кога натрупавме доволна колекција на песни, му ги испративме за да ни даде фидбек кои песни би биле добри за нашиот албум. Исто така, особено ни помогна во согледувањето на поголемата слика, во поглед на тоа каде сме биле, каде сме сега и дискутиравме за тоа каде би можеле да се најдеме во иднината. Не беше лично присутен на снимањето/миксањето, но ние ќе му ги испратевме миксовите и тој ни кажуваше што мисли. Тогаш, кога миксовите ќе беа готови, ја снимаше/продуцираше вокалната матрица, што особено ни помогна. Во основа, во поглед на нас, Ник беше екстремен ентузијаст со увид во нашата музика кој нам ни недостига. Беше супер и особено сме му благодарни.

На вашиот нов албум очигледно се враќате на вашите корени на blitzing и повремен rock ‘n’ roll. Од друга страна, непредвидливите промени на стиловите на различните албуми е белег на Deerhoof. Дали оваа ваша карактеристика ви го олеснува или отежнува креативниот процес?
Ниту едно ниту друго. Веројатно секој албум го третираме како прашање или серија на прашања, а тоа прашање го одговараме додека сме на турнеја со албумот и ја свириме музиката за периодот веднаш по албумот. На крајот од тој процес сме полни со нови прашања, па тоа се префрлува на новиот албум. Тоа е резултат на времето минато заедно и обидот да сфатиме што чувствуваме, нашиот однос со публиката и еден со друг и генерирањето на јасна идеа за тоа кои прашања се најрелевантни во одреден момент.

За неколку дена La Isla Bonita ќе се појави во продавниците низ светот. Дали сте задоволни од конечниот производ? Дали успеавте да „пресликате“ сè што имавте во главите и да го ставите на албум? Како ќе го опишете La Isla Bonita во поглед на вајб и боја?
Мислам дека е особено добар. Сепак, дефинитивно не успеавме да „пресликаме“ сè што сме имале во главите. Всушност, ако се вратиме во времето и си го пуштиме албумот додека сме се подготвувале за албумот, може и да не го препознаеме. Дури и кога тргнуваме да правиме албум со тематски идеи, можните резултати се толку многу што не постои начин ништо да предвидиш. Една од темите што ни се провлекуваат низ годините е неможноста за комуникација со збор. Кога конечно ќе тргнеме да свириме, доаѓа до комуникација, но зборовите ни се проблем!

Вториот сингл ви се вика Paradise Girls. Ги набројувате Joan Jett, Janet Jackson, Kim Gordon и Kathleen Hanna како хероини на оваа песна. Што е заедничко за овие четири жени и што ве наведе да им го посветите овој наслов?
За мене Paradise Girls не е наслов кој се однесува на никого посебно, туку се однесува на сите жени на овој остров на кој живееме сите, а ова се примери на четири жени кои се даваат себеси и ја туркаат уметноста под свои услови.

Brian Chase, тапанарот на Yeah Yeah Yeahs вели: „Цело време си мислам дека тие се Sgt. Peppers Lonely Hearts Club Band на нашата генерација“. На еден музички форум налетав на интересна дискусија каде Mozart и The Beatles се именувани како главни алки во музичкиот еволуциски ланец и тоа е нешто со што се согласувам. Колку ви значи комплиментот на Брајан и дали се гледате себеси како трета главна алка во музичката историја?
Не сум баш сигурен дека сфаќам што сакал да каже со тоа, иако ми се допаѓа како звучи! Веројатно зборува за одредениот призвук на забава во музиката, призвукот на истражување и мистерија. Барем се надевам дека тоа го мисли. А што се однесува на нашето место во историјата, апсолутно немаме никаков став во поглед на тоа. За тоа ќе причекам до моментот кога веќе нема да можам да работам, а се надевам дека тоа ќе биде кога ќе умрам.

Кое е најчудното место каде што сте чуле ваша песна?
Еднаш отидов да купам пијачка од штанд за хот-дог пред трговскиот во Оукленд. Влегував низ вратата и чув некоја тивка музика. Си реков: „Што е ова? Ми се допаѓаат хармониите“. Не можев да сфатам што се случува и продолжив да ја слушам. Ми требаше добра минута за да сфатам која е песната. Тоа е веројатно единствената минута во овие 15 години кога сум имал увид во тоа што го работиме! А беше и смешно, бидејќи песната ја напишав токму јас и интимно ја познавам. Но контекстот и заднинската врева направи таа да ми биде непрепознатлива. Навистина кул искуство.

Како реагира публиката на вашата музика во различните делови на Европа и светот? Во вашата долга кариера, дали можете да издвоите неколку концерти кои биле навистина добри, кои можат да се сместат во категоријата „идеален концерт“?
Да бидам искрен, а сосема ќе разберам ако ти или вашата публика мислите дека лажам или се обидувам да бидам интригантен (но се колнам дека е жива вистина!) некои од најдобрите приеми сме ги имале во Источна Европа. Добиваме чувство дека луѓето ја разбираат музиката на вистински длабоко ниво и дека можеме да зборуваме со нив за неа. Се чини дека таа таму допира на посебен начин.