Wrangler

LA Spark

Cabaret Voltaire во 1984-та денес звучат многу подобро од Aphex Twin во 2014-та. Но, вистинското прашање е како би звучеле Cabaret Voltaire денес?

Дел од одговорот, но не претерано задоволителен, се содржи во настапот на Richard H. Kirk (еден од оригиналните CV), на овогодинешниот Berlin Atonal.

Соничната сложувалка за една така дрска презумпција ја надополнува албумот на групата Wrangler под име “LA Spark” кој излезе во мај оваа година. На Phil Winter и Benge – оригиналните членови на бендот – неодамна им се придружи Stephen Mallinder (уште еден од популарните Cabs), што е невиден трансфер, рамен на фантазијата да на мојот бенд PMG Kolektiv, ненадејно се приклучи Johnny Marr како гитарист. Winter и Вenge, според звуците кои ги произведуваат, и онака имаат здрава фантазија дека се CV членови, но адицијата на ледено-фраерскиот, оригинален CV вокалист, го доведува бендот до гранична ситуација да некој ентузијаст извика дека ова е современиот CV звук! И на моменти Wrangler звучат токму така. Очигледно е дека луѓето ја поседуваат есенцијата, но и знаат да ја трансформираат во нешто современо и опипливо. Вокалите на Mallinder буквално го имаат последниот збор и го заштрафуваат уверувањето дека сме на таа, толку посакувана CV територија. Целиот речиси неповторлив COOL на нивниот industrial-dance-driven период од средината на 80тите, па сепак елегантно и аналогно сместен во новото време.

Wrangler in Memetune Studios

Не би можел да кажам дека албумот е полн погодок во целост. Кога сите песни би биле добри како Harder, Lava Land или LA Spark, тоа би било вистинско ремек дело и сериозна закана за понатамошната потреба за оживување на митот за Cabaret Voltaire. Вака остануваме малку недоебани, но со сериозна желба за уште.

Cabaret Voltaire се легендарен и неверојатно влијателен бенд и како минува времето, нивната музика звучи се подобро и порелевантно. Wrangler од друга страна, се неверојатно пријатен парадокс на влијание, копирање и оригиналност. Одушевете некој постар другар со албумот, или зачинете го вашиот диџеј сет со Harder, звучи на друга планета од било кое суперкул електро во моментов.