Lee Scratch Perry & Subatomic Sound System

20 септември 2019 Subterranean, Чикаго

45 години од излегувањето на првиот даб албум 'Blackboard Jungle Dub', прадедото на дабот, Lee Scratch Perry, придружуван од бруклинскиот Subatomic Dub System, во рамките на американската турнеја, доаѓа во Чикаго. Концертот се одржува во малиот клуб (собира 400 посетители) Subterranean во уметничкиот кварт Викер парк. Сега веќе во поодмината старост, оригиналниот Вознемирувач, водачот на The Upsetters e заслужен за пробојот на Боб Марли и многу други познати реге музичари.

Настапот е закажан за 8 часот. До 10 и кусур слушаме претежно даб и реге песни продуцирани од Lee Scratch Perry, силен и длабок бас кој ја тресе конструкцијата на клубот кој, делумно изграден од дрво, има добра акустика.

Со својот 30 минутен настап Subatomic Dub System Emch на микс и мелодика, легендарниот Larry McDonald на конги и Troy Mobius на сакс, ги загреваат посетителите со својата верзија на дабот за 21 век.

На балконот покрај мене поминува едно мало човече со впечатлива плава перика и лилјаково светлечко сако. Ли пристигнува по вечерата во некој ресторан во хипстерскиот Викер парк? Сите го поздравуваат доаѓањето на сцената на Lee Scratch Perry. Тој зборува (toasting) врз снимена ритмична основа, со монотон глас потпевнува и ги движи посетителите. Се редат класици како Kaya Skank, Jungle Fever, Khasha Macka и други. Басот и тапаните одекнуваат а саксот и повремено мелодиката убаво го бојат звукот. Пери ја вади периката и на глава си ја става својата препознатлива капа. Од некаде се појавува ганџа и се разбира дека Пери зачади една на сцена. Беше вистинско задоволство да се види и чуе живата легенда Lee Scrach Perry. За сè е виновен Бабилон.