Foltin

Lo-Lee-Ta-Too

Законите на музичката „физика“ отсекогаш ги ограничувале или популаризирале вистинските креативци. Ако дозволиш, силната поп-гравитација ќе те одвлечка на уметничкото дно, ама затоа ќе те вивне во стратосферата на комерцијалниот успех. Доколку, пак, решиш, од корен да му се спротивставиш на „звучниот Њутн“, авторското јаболко ќе созрее, но ќе тресне наземи и ќе изгори во „главна струја“. Битолчаните „Фолтин“ не се преокупирани со квантната теорија или откривањето на „ворп-погонот“. За нив, музиката е вечниот експеримент, а законите – создадени да се прекршат. На албум, се разбира. Можеме и да ги наречеме „криминалци“, оти толку оригинална, одлично врамнотежена и супер отсвирена, мешавина од стилови е практично „нелегална“, односно незамислива според модерните стандарди на израз. Последното издание на составот, Lo-Lee-Ta-Too, е недозволиво квалитетно парче музика што не ги почитува правилата, туку создава сосем нови.

Foltin_band

Очекувано, групата повторно раскажува коцептуална приказна. Ако претходно, во центарот на вниманието беше „магарето кое сака да стане коњ“, сега тоа е „Вуди Ален кој води љубов со својот кларинет“. И сето тоа инспирирано од „Лолита“ на Владимир Набоков. Користејќи ја својата бујна фантазија, бендот „снима“ нова верзија на познатото книжевно дело потпирајќи се на „техниките“ на њујоршкиот режисер – непредвидливост, приземност и извонреден хумор. Звучно, сè потсетува на претерано забавно кабаре, елемент кој „„фолтиновци“ знаат уште подобро да го пренесат на сцена. Стилски, граници нема, а обидот за дефиниција ќе биде тежок колку откривањето на теоријата на релативитетот. Секако, македонските „ајнштајновци“ прават сето тоа да звучи толку природно, лесно и нормално, што човек ќе го натера повторно да се запраша дали е дозволено? Зарем боса-новата, фанкот, фолкот, џезот и вокалните акробации, смеат да опстојуваат во една песна? За тоа, очигледно, не постои никаква пречка. Освен во умот на луѓето.

Таквата препрека, членовите на „Фолтин“, најверојатно ја прескокнаа уште во моментот кога решија да почнат да создаваат музика. А дека немаат намера да се ограничуваат, доволно зборува најголемата новина – групата пее. И тоа на англиски, француски и македонски, а не на „сопствениот“ јазик креиран за потребите на дел од претходните албуми. Иако, мора да се потенцира дека и овде, текстуалниот израз е минимален и повеќе се потпира на ритмиката и повторливоста како начин да се пренесе атмосферата. Втората „вест“ што ја носи „Лолита“ е продукцијата. Стокмена во одлично звучно пакување, таа е жива и (во најголем дел) го претставува бендот во светлото во кое е најдобар – на бина.

Фаворити нема. Сите нумери се подеднакво убедливи, но содржат момент (мелодија на хармоника, ритам или вокално „салто“) што ги одвојува една од друга. Токму затоа, четвртата албумска целина на „Фолтин“ е креативно, свирачки и продукциски, најквалитетната во нивната кариера. Еднакво оригинална за оние со истенчен, но и доволно прифатлива за тие со „обичен“ музички вкус. А и добра е за играње. Кошарка, се разбира.

 

Александар Саздовски
Дневник [Антена], мај 2006