Cymbals Eat Guitars

LOSE

Многу лесно ги освоија моите симпатии кога дознав дека се именувани според цитат на Lou Reed, токму така тој го опишал звукот на Velvet Underground. Прв пат зад името на овој бенд се крева прашина кога нивниот деби албум Why There Are Mountains е вклучен во категоријата “Best New Music” на Pitchfork. Го немам преслушано ниту дебито, ниту неговиот наследник. Но, со нивното трето студиско остварување се случи љубов на прво слушање.

Приказната која стои зад LOSE, третиот албум на Cymbals Eat Guitars, е соочувањето на Joseph D’Agostino, фронтменот на бендот, со смртта на неговиот најдобар пријател, Benjamin High, пред седум години. Тој со своите соработници креира албум кој посегнува длабоко во историјата, таму некаде во детството, се навраќа на точно одредени временски точки посматрајќи ги од друга перспектива, и копнее по тоа време – носталгично, но и цинично во исто време. LOSE е за губење на нешта кои ви се блиски. LOSE е албум за загубата на безгрижност, на слободното време, трошењето пари на музика и бензин за долги бесцелни возења во ноќта, за растењето во Њу Џерси. Сепак, овие носталгични чувства најдиректно се поврзани со the Wrens – Joseph и Benjamin заминуваат на пат кон Филаделфија за да посетат еден нивен ‘house show’ и заедно ја пеат I Guess We’re Done во комбето. “In your car had “I Guess We’re Done” duels / I’ll do the Kev and you can do the Charles.” Не е тешко да се заклучи дека Cymbals Eat Guitars му должат многу на овој бенд, тие ги нарекуваат свои Beatles-и.

cymbalseatguitars

“Има тек и грациозност. Стиховите имаат простор за да дишат, а ние можеме да согледаме што се случува.” Јас би се сложил со оваа изјава на D’Agostino, и би додал дека неверојатна е количината на оптимизам која може да се најде на LOSE, и покрај морбидната тема која ја третира.

Доволно е само да ја пуштите првата песна, Jackson, која ширум ги отвара вратите со звуците на пијано, пред да се јурне во галопирачки избезумено рокање и да ви биде јасно, што се обидувам да кажам. Joseph D’Agostino не го крие своето чувство на гнев. XR, отскокнува со фолк жестината која ја носи, како и со блескавата усна хармоника и кантри-панк ритам. Тоа е песна која најексплицитно се повикува на смртта на Benjamin. “Here I am again at Ben’s MySpace grave,” се дере тој низ дисторзиран микрофон. Child Bride раскажува вистинска приказна на пријател од детството кој исчезнува по еден инцидент во неговиот дом, и надреалното искуство по повторната средба со оваа личност години подоцна. Child Bride е песна која ни ја презентира бавната и префинета страна од албумот, и ја навестува еклектичната втора половина.

Склоноста на Cymbals Eat Guitars кон светкав поп израз која е исклучително силна и вокалот на D’Agostino се главни носители на поголемиот дел од материјалот на албумот. Понекогаш тој звучи како Joe Strummer. Веќе со наредната песна потсетува на Shane MacGowan. Како композитор, тој вешто ги истакнува малите моменти од животот кои никогаш не се забораваат. Овие елементи од равенката на Cymbals Eat Guitars носат солиден резултат, но тоа што го прави LOSE да не биде само уште еден албум кој по извесно време ќе остане во заборав, е значителната количина на стилско експериментирање.

LOSE не троши време за да не вози низ мелодии кои се скриени во заднина или пак да инсистира на чести промени на темпото, едноставно, бендот останува верен на традиционалната структура на песна. Cymbals Eat Guitars креираат едноставна и ефективна музика.

Квартетот со својот трет албум, LOSE, успева да постигне совршена рамнотежа помеѓу зоните на радио френдли материјал и иновативно експериментирање. Всушност, ќе биде неправедно ако LOSE не го окарактеризираме и како инди рок омаж на старомодниот рокенрол: “Wanna wake up wanting to listen to records / But those old feelings elude me / I raise a toast to the rock n’ roll ghost,” вели D’Agostino во XR.

Во секој случај, ова е албум кој ќе сакате да го слушате гласно, нурнете се во него и уживајте во енергијата која носи. Подолг период го слушав без прекин, воопшто не се заморив, ниту пак се презаситив од многубројните преслушувања – поточно, со секое од нив тој добиваше поголема моќ, стануваше попристапен и ги откриваше сите свои тајни.