Big Lucky Carter

Lucky 13

Долго се мислев што попрво да кажам за овој албум, зашто е тешко да го оценуваш она што многу ти се допаѓа. Барем мене ми е. Но, некому сигурно му било потешко: замислете како изгледа да се дебитира со (целосен) албум на возраст од 78… Па, дами и господа, тоа го направи Големиот Лаки Картер минатата 1998, под закрила на релативно новата дискографска куќа BlueSide, оддел на WestSide од Лондон. Всушност, она што на прв поглед изгледа како почеток е „само“ заокружување на една кариера што со менлива среќа трае околу 4 децении. Фактот за малубројните снимки направени во овој голем период на некој начин како да ја раскажува несреќната Blues приказна за овој музичар. Податокот за ниедна снимена нумера во 70-тите и само една во 80-тите (а и таа во дует) зборува повеќе од која било метафора. Па, ако не е посветеност да се објави албум во такви услови, јас не знам што е.

„Среќната 13-ка“ содржи исто толку нумери, во вкупно траење од 55 минути, и сите се потпишани од Levester Carter. Детаљ што особено се цени во денешната Blues продукција. Секоја од овие нумери е со едната нога во класиката на Блузот; и во композициски и во изведбен поглед. Тука се сите основни инструменти: тапани (D. Valentine, L.T. Lewis), усна армоника (J.W. Perry), бас (M. Lee), пијано (L. Nelson), органа (W. Hubbard) и гитара/вокал (Levester Carter) и ме збуни што никогаш порано не сум чул за овие музичари. Речиси сите се во доцните 60-ти, (бендот заедно има 452 години!) и го свират Блузот на најдобар можен начин: од мадиња и со душа. Стиховите, сепак, се напишани со многу ум. Полни со хумор, малку и ги збунуваат оние што се навикнати на Blues „кукумјавки“ а уште поинтересно е што ги напишал човек што има години колку што има.

 

„Библискиот термин за мазга е задник. Секој има задник, знаете… “

од Мазгата на Мис Лула Меј

 

Зборувајќи за стиховите, да не заборавам да ги спомнам и говорните нумери на албумот: “Papa Is A Junkie” и „ангажираната“ “AIDS Is Killing Me” што по којзнае кој пат потврдуваат дека Блузот е приказна, пред сè.

Отсвирен во 3 мартовски дена во ’98 во Memphis Tennessee, под продуцентската палка на легендарниот Mike Vernon, албумот “Lucky 13” звучи максимално чисто и чесно. Здивот на старите мајстори на минимализираниот Blues – J.L. Hookerи S.B Williamson, посебно – се провлекува тука негде, како да дремеле во некојафотелја додека Carter и копмањоните го свиреле својот Blues. Иако, можеби, стариот Hooker, на пр., ќе го препознаете најмногу во “Sugar Talk”, ова е албум на Big Lucky Carter, во секоја секунда од неговото траење. Единствениот проблем со ова CD е што секундите неверојатно лесно се претвораат во денови, па другите музики во собата стануваат љубоморни на него. Но, кому му е грижа за нивната љубомора, кога “Down At Samès Place” свири пред изгрејсонце.

Денешниот Blues не зависи од овие музичари – тие зависат од Блузот како таков. Само оние што навистина го љубат Блузот знаат што значи да се биде зависен од него. И да му се биде посветен.

(Албумот е промовиран во радијската емисија “The Blues Brothers” во четвртата недела на август 1998)

 

Игор Исаковски
Блесок бр. 13, февруари-март, 2000