The Horrors

Luminous

Бушавите момци од Соутенд [UK] по три години од нивното последно издание се враќаат со нов албум. Интересно е да се чуе како нивниот звук се развива во нивната скоро десет годишна кариера. Преку post/garage punk па сè до shoegaze/neopsychedelic звукот, The Horrors својата музика и музичка кариера ја градат внимателно и квалитетно. Неоспорен момент се текстовите во нивните песни кои се буквално емотивно и интимно соголување на пејачот и фронтменот Faris Badwan. Ме освоија со нивната музика, посебно на последните два албума, што не би можело да се каже за нивниот најнов албум. Материјалот како целина има flow и конзистентност, меѓутоа, според звукот, бендот очигледно дека запловува во поп води зачинети со доза на аналогна електроника и психоделија. Треба да се земе предвид и тоа дека кај бендовите после неколку изданија се јавува потребата да експериментираат и да го градат својот звук со тек на годините.

the-horrors_band

Да се разбереме, албумот има одлични песни, но таа бројка е сосема минорна во споредба со останатиот материјал. Десет песни, од кои може да се издвојат три како комплетни дела, музички и текстуално. Отворачката Chasing Shadows, So Now U Know, Mine and Yours. Мора да се потенцира, а тоа е композициската и свиречка прогресија на бендот, како и нивната способност за мелодичност која од песна во песна се разликува и во контекст на целото издание е автентична. Се чувствува и разбирлива е инспирацијата што бендот ја црпи од The Smiths, The Cure, но тоа не значи дека треба да се обидуваат да звучат како нив. Не е доволно материјалот да биде совршено испродуциран, доволно е да се осети дека бендот дал дел од својот музички универзум, да остави свој печат без разлика на неизбежните влијаниjа и инспирации.
Момците се млади и за годините кои ги имаат, ја имаат мојата почит. Сепак, знаеле и претходно да не ме интересираат толку многу, па да се навратам повторно на нив. Времето ќе покаже како ќе го развијат својот звук и како ќе напредуваат музички. Сè ок доколку се искрени во тоа што го прават и ја креираат музиката која ја сакаат и ја чувствуваат како дел од себе.