Mdou Moctar во Empty Bottle - Chicago

Вечерва, на 1 април, требаше да се одржи концертот на Mdou Moctar во Empty Bottle во Украинското село во Чикаго. Арно ама, бидејќи целиот друштвен простор му е оставен на располагање на разулавениот вирус, настапот беше одложен и презакажан за некои подобри времиња.

Ќе беше тоа одличен настап на новата ѕвезда на сахарскиот блуз, можност да се чујат песните од неговиот нов албум, Ilana. Овој гитарски виртуоз, придружен од својот редовен состав, Ahmoudou Madassane – ритам гитара, Mikey Coltun – бас и Souleymane Ibrahim – тапани, ќе го исполнеше капацитетот од 400 посетители во овој мал клуб. Надоврзувајќи се на влијанието на ненадминливите генијалци од Tinariwen, гитаристот Bombino и други, овој Туарег од Нигер ќе не хипнотизираше со синкопираниот ритам и ќе ја свиреше својата психоделична верзија на пустинскиот блуз. Ќе исполнеше песни од спиритуалниот Sousoume Tamachek и новиот Ilana и ќе не залудуваше со своите долги импровизации на гитара како некое отелотворение  на Џими Хендрикс, облечен во традиционалната облека на Туарезите.

       Ќе беше тоа концерт за паметење и убеден сум дека ќе го вратевме Амду на бис и ќе уживавме во веселите звуци на неговиот леворак стратокастер (уште една сличност со Хендрикс). Среќни ќе се упатевме кон своите домови, без страв дека вирусот корона ќе бара причина за кавга.                                    

          Арно ама … ќе си седам дома и ќе го читам Крвавиот дијамант на Кормак Мeккарти а во позадина ќе брмчат Sunn O))) со Life Metal.