Медените кромиди на Македокс

Фестивалска МакеДокс хроника

Со доделувањето на наградите заврши десеттото издание на Македокс. Осум врели августовски ноќи Скопје пулсираше со овој фестивал на креативни документарни филмови. И најдобар начин да се заврши фестивалот секако беше со три претстави на македонскиот кандидат за оскар „Медена земја“.

Овој филм првенец на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска веќе освојува награди на значајни филмски фестивали ширум светот. Македонската публика во чекор го следи и поздравува секој успех на филмот. Како вљубеник на документарните филмови ми беше тешко да опстојувам на личниот завет дека нема да прочитам ниту една рецензија и да изгледам ниту едно интервју поврзано со овој филм се додека јас не го гледам. Неоптеретен,  онолку колку што е возможно, имајќи во предвид дека информациите за наградите сепак стигнуваат, а тие пак, сакал или не, си наоѓаат пат до тастатурата од мојот компјутер на кој сум седнал да ја пишувам оваа рецензија. Па да почнам. 

Приказната во Медена земја се раскажува преку ликот на Атиџе која се грижи за нејзината стара и неподвижна мајка. Главен извор на финансии им е медот од  пчелите коj Атиџе го наоѓа во природата. Нејзиното мото, половина за мене, половина за пчелите, е всушност лајтмотивот на приказната. Значајноста на ова нејзина водилка низ животот ќе ви се открие на крајот од филмот. Дејствието се случува во пустите краишта некаде помеѓу централна и источна Македонија, во едно напуштено село во кое единствени жители се Атиџе и нејзината мајка . Во една мала и трошна куќа, во која не знаеме дали Атиџе има и сопствен кревет,  без струја и други погодности на денешниот модерен живот, тие успеваат да живеат во склад со природата и правилата кои таа ги научила. Овде, училиште е природата и нејзините законитости. Еден ден, таму ќе се досели многудетно семејство и конечно Атиџе има уште некој со кого може да разговара и да ги поминува деновите надвор. Се разбудува и детето во неа. Но, со нивното доаѓање, тие ги донесуваат и проблемите од борбата за опстанок во овој суров свет. Во таа борба, оваа семјество се чини дека го нема поминато истото природно училиштето како и Атиџе, па тие не покажуваат почит кон природата и животните.  Колку и да изгледа дека приказната во Медена земја е далечна од нашиот современ свет, таа ја погодува сржта на еден од главните проблеми на денешницата и капиталистичкиот начин на живеење. Доселеното семејство е метафора токму на ова современо општество кое не живее во согласност со природата. Тоа ни е повеќе од јасно нам во Македонија, како една од најзагадените земји во светот. Но тоа им е јасно и на граѓаните ширум планетата земја, посебно после сите природни катастрофи предизвикани од човекот кои се намножија последните години. А не треба многу за да ги промениме работите на подобро. Потребно е да ја почитуваме земјата и да бидеме партнери со природата. Само така можеме заедно да опстанеме. Е токму тоа е пораката на Медена земја. Ако некој реши да земе повеќе од природата, последиците ќе ги трпиме сите.  

Фотографијата во филмот е исто толку моќна како и самата приказна. Таа посебно доаѓа до израз во моментите кога се портретира Атиџе во собата каде живее со мајката и кога се прикажува пределот, односно природата каде Атиџе сама го поминува денот барајќи мед.  Сцената кога Атиџе седната на ридот целосно вклопена во пределот, го набљудува заминувањето на комшиите, или нејзиниот портрет во темната соба каде единствената светлост доаѓа од снобот сончеви зраци преку малото прозорче, се некои од многуте сцени кои ќе ви останат врежани во меморијата. 

Знам дека овој филм ќе го видат многу мои сограѓани. За жал, знам и дека повеќето од нив нема да го променат своето однесување кон природата и воопшто кон животот. Но, исто така сум убеден дека барем двајца гледачи на Медена земја кои со горчина во душата ќе си заминат од проекцијата ќе решат да преземат нешто на тој план. Едниот од нив сум јас.

И на крајот да спомнам дека „Медена земја“ доби награда и на Македокс, наградата „Млад кромид“ која се доделува за најдобар филм на млад автор. Истата награда ја доби и филмот „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/2019) во режија Рета Хухтанен.

Останатите награди ги добија:
Награда „Кромид“ – за најдобар филм во главната програма – „Соло“(Чешка, Франција, Аргентина,Австрија/2019) во режија на Артемио Бенки.
Награда „Сечкан кромид“ – за најдобар краток филм – „Нашата песна за војната“ (Белгија, Колумбија/2018) во режија Хуаните Родригез Онзага.
Награда „Кокарче“ – за најдобар студентски филм – „Ѕверот – воз со непознати“ (Германија/2019) во режија на Мануел Инакер.
Награда за филм со најдобри етички идеи – „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/2019) во режија на Рета Хухтанен.

Македокс штотуку заврши, а квалитетот на прикажаните филмови е обврска за неговите креатори следното издание да биде ако не уште подoбро, тогаш барем исто како и овогодишното. Јас со нетрпение го очекувам. Во меѓувреме, мојата постфестивалска депресија ќе си ја лекувам со документарни филмови во домашен амбиент. И на крајот еден предлог до организаторите на Македокс, последната проекција на филмот наместо во 23:00 нека почнува во 22:00 часот. На тој начин повеќе луѓе ќе бидат присутни и утредента ќе одиме наспиени на работа.