Пиколомини

Меѓу митови и бомби

Второто албумско остварување на Пиколомини и првото за издавачката куќа Шарла содржи 8 песни отпеани на македонски, со вкупно времетраење од неполни 47 минути, во кои, од структурален аспект, доминираат стиховно-инструментална артикулација, минуциозен функционализам и конзистентност. Последниов епитет може да има ефект на меч со две острици во однос на приемот на овој албум: сите песни имаат горе-долу исто темпо и оставаат впечаток на помалку или повеќе слична звучна текстура. Сепак, се чини дека основната замисла била тој да функционира и како кратка музичка збирка од осум раскази со заеднички лајтмотив град-дом. Во таа хоризонтална поставеност на само едно откинато парче од нашата егзистенцијална прикаска овде и сега, албумот функционира прекрасно, копа длабоко и силно, боли и сака од модерна до преродба, „Од Градски ѕид и Аеродром“ па сè до „Јаја-Паша и Ченто“.

„Меѓу митови и бомби“ е една од оние плочи што се извиваат како змија од рацете на секој слушател кој се обидува да го бутне во некоја жанровска фиока. Иако, според самиот автор, се работи за свесна одлука, тоа значи дека ризикува да биде отфрлен од секој понеамбициозен реципиент, па дури и оној кој можеби негувал некакви симпатии кон претходното творештво на Пиколомини. Зошто?

Идејно, овој албум покрива еден метафизички меѓупростор, кој нуди не излез, туку екскурзија од овој наш дом-пештера низ новооткриена пукнатина. Дестинацијата е место во кое сенките на прозаичните физички закони и клаустрофобичната дневна политика се заменети со авторовото неоромантично доживување пред сè на градот-дом како неизбежна референтна точка во остварувањето на сопствениот идентитет. Притоа, се разбира, градот е во отворена наместо во самоизолирачка корелација со поширокото и најширокото негово опкружување – со нашата планета-дом. Ефектот од ваквата поставеност е двоен.

Прво, Пиколомини елегантно ја ескивира онаа препознатлива јаловост на конфронтирање со сила со – уште попрепознатливата – сеприсутна глупост. Тоа е судир кој во себе не го носи потентното семе на трансформација, туку само ја репродуцира суштински истата глупост само во поинаква форма и со тоа го мултиплицира својот непријател, повторно не разбирајќи дека тој секогаш, без исклучок, е замислен. Не, Пиколомини е свесен дека „бомбата“ може да се демонтира само преку онаа потешката борба, со убавина, затоа што суровата вистина е дека немаме кого да победиме освен себеси.

 

 

Второ, вака ослободен од наметнатите императиви за соочување со нашата т.н. стварност, слушателот се соочува со лирски наплив од чувства, состојби и доживувања, умешно доловени преку широк дијапазон автентични асоцијации и метафори. Иако навидум познати, дел од нив се премногу идиосинкратични за да функционираат надвор од светот на оваа плоча, но важно е, и единствено релевантно, дека работат со хируршка прецизност во неговите рамки. Ваквиот приод на создавање на повеќе хиперреален отколку целосно имагинарен свет, со себе ја повлекува опасноста сиот труд да биде оценет како непотребна интровертна авантура која се задушува себеси во ќор-сокакот на самонаметнатата емотивната мастурбација. Не еднаш сме биле сведоци на музичари, кон кои дури и сме негувале значителна доза на ентузијазам, што паднале во овој амбис на „отров“ албуми, како што се познати меѓу народот.

За среќа, а можеби и благодарение на авторската зрелост, оваа потенцијална имплозија е избегната со самото присуство на најкритичниот елемент во ова нестабилно авторско-слушателско соединение. Тој елемент е умешното градење метафори во стиховите со помош на културолошки асоцијации како „Големи и мали, Наш свет, Мајка со дете, Светло-сиво…“. Сомнежите за евентуален евтин локал-патриотизам ги растерува преминот кон „Нов бран, Радосен ден, Златна зора“, па се’ до Westworld-овските „каубојци и/или роботи“). Сите нив, а ги има доста, слушателот ги доживува како препознатливи кодови кои со понатамошното преслушување еволуираат во автентични и вистинити градивни елементи на космосот во кој е сместен „Меѓу митови и бомби“. Или, пофилозофски, кога личниот мит на авторот е органски поврзан со колективниот, заедничката „стварност“ отстапува пред митот кој ја трансформира во нова Стварност.

Тоа би бил еден од клучевите за комуникација со овој невообичаен албум. Другиот, посуптилниот и веројатно поважниот, е оној чисто музичкиот. Самиот Пиколомини не крие дека при создавањето на овој албум бил под силно влијание на македонската популарна музика во историска смисла, значи од Шпато и Скопски фестивал, па се до златното доба на македонскиот darkwave од средината на 1980-тите па натаму. Затоа додека ги слушате песните од албумот постојано доживувате некакви сублиминални флешови, не знаејќи дали ви се чини или навистина препознавате цели хармонски сегменти во инструменталниот дел или вокалните линии, обидувајќи се да ги идентификувате. Но залудно. Можеби се лажам, но претпоставувам дека и самиот Пиколомини се фаќал во истата состојба додека го создавал или отпосле, бидејќи многу повеќе се работи за своевиден инстинктивен омаж на сензибилитетот на дел од македонската квалитетна музика отколку за планирано преземање со помош на некаква постмодернистичка постапка. Како и да е, додавањето на оваа автохтона состојка во post-punk/new wave изразот со sort of funky бас линии и ангуларните рифови како основа, препознатливи од одличното прво EP Disguises (2004) и првиот албум From Subway to My Way (2007) не во сите, но барем во 2/3 од песните довел до еден многу интересен резултат. Во музичка смисла, „Меѓу митови…“ некогаш поуспешно, некогаш не баш, индиректно го доловува глобалниот Zeitgeist создавајќи звучна слика на она типично скопско чувство на подвоеност меѓу два дискурси. Оној што субјективно си го поставуваш како свој реалитет очајно барајќи точка на заземјување помеѓу насекаде видливите екстремни контрадикции и она сеприсутно анксиозно бруење кое навидум доаѓа од некаде надвор, за да сфатиш дека истовремено извира од тој твој реалитет во обид, уривајќи го и него уште пред да се воспостави… Уствари, еве: „Неправилно легнати, туѓи мисли, нога во гради…“. Тоа сакав да кажам. Таа нелагодност, расцепеност, со која обично се идентификуваат сите музики со предзнак dark- (а се знае дека нема подарк dark од мак-дарк), „псевдобендот“ Пиколомини ја постигнува преку уште поелаборирани инструментални хармонии и покомплицирани премини отколку на првиот албум, поставени врз веќе етаблираниот цврст ритмичен контрапункт. Но овојпат вокалот, освен во ретки случаи на економично акцентирање со ефекти, е непроцесиран, тивко и интимно артикулиран и импрегниран како дел од севкупниот инструментариум. Ова го засилува впечатокот дека сте слушател на нечиј замислен романтизиран дијалог со својот град, но како што реков, речиси по правило доволно воопштен за приказните да се доживеат како наши, сечии градски романси.

Овој албум можеби нема да освои многу луѓе на прва. Но ако му дозволиш да те внесе во својот свет, со секое ново слушање те наградува носејќи те нежно кон следниот од златно-жолтите меридијани, чија географска ширина ги обединува бетонот, плочникот и кичот, половите прашања, Бог, дехуманизацијата и лажниот прогрес, апокалиптичните сценарија, Лолобриџида, кеј и Орион, едноставно зашто егзистира во вечната радио-утопија. Или, кажано повторно со јазикот на Пиколомини, гол или со паралдисани очи, те кани да јавнеш Нов бран кон уште една димензија на Нашиот свет, непобеден и полн со животна радост.

Можеби тоа е подлабоката димензија во која „псевдобендот“ Пиколомини веќе влегол во процесот на формирање на својата долго-долгоочекувана инкарнација на live band.