Моќта на неискажливото

Кон романот „Дневници на една љубов“ од Лилјана Пандева / ПНВ Публикации /

Марсел Пруст рекол дека „љубовта е простор и време измерени со срце.“ Неговата Сванова љубов е еклатантна најмногу заради својата епистоларност и покрај тоа што како книжевен род е сосема поинаку обликувана. „Дневниците на една љубов “ на Лилјана Пандева се обвиткуваат околу оската на вечноста создавајќи ткиво кое го залепувате за вас и тоа боли, пече и предупредува. Романот кој е создаден од белешки флертува со класичниот наратив и победува во својата фундаментално искрена формулација наведувајќи дека би бил многу попрозаичен доколку би бил напишан поинаку. Целата структура на овој роман е емотивно детерминирана и читателот се наоѓа на еден крстопат меѓу двата реалитети на двајцата лекари кои судбинскиот лакмус ги одвел во замаглена временска рамка од која прават голем напор да излезат заедно. Точно е, би било многу прозаично да говориме дека љубовта е таа што ги одржувала во живот и едниот и другиот. Љубовта во овој роман е катализатор, животен амалгам кој Лилјана Пандева го анализира како искуство, а не како страст.

Овој роман е временски детерминиран во една генерализирана формулација која значи: три години пред првата година, првата година и после девет години, а тоа значи секогаш и секаде. Ликовите немаат име, само се бесмртна типологија на маж и жена чиј флуид е опструиран од трагичните импликации на нивната професија. „Дневниците на една љубов“ имаат мирис на емотивните трансценденти на една Франсоаз Саган, но има и филозофска детерминираност налик на една Маргерит Дира. Тоа е женско писмо со огромна естетска амплитуда и раскошна наративна нишка.

Лилјана Пандева по вторпат свој роман посветува на љубовта после антологискиот „Доилката“, но овојпат љубовниот флуид го анализира од еден друг аспект, а тоа е од аспектот на посветеноста. Во „Доилката“ се работи пред сè, за една цивилизциска структурираност и сите квалификативи на бракот се политички предодредени, додека оваа љубовна приказна се случува во ововременски рамки и тие релации се дијамтерално различни. Затоа Пандева инсистира на сосема различна структура на четивото – го обликува во исповеден манир низ временски (повторно генерализирано) определени станици кои едновремено ги диктираат и темпото на дејствието.

Каде е сличноста на двата романи? Авторката во дејствијата и во двете приказни внесува трета личност. Љубовта меѓу двајца секогаш ја премерува третата личност која или опонира или ја поттикнува. Во „Доилката“ тоа беше Толкувачот, сопругот на Дора, а тука е невидливата жена на главниот машки лик. Невидлива затоа што ја немаме како директен актант, туку е една од опструкциите во целото дејствие. Но, важна е една друга категорија во целата оваа сага која ве влече уште со првата страница, а тоа е бескрајно силната наклонетост, безрезервната посветеност која е есенцијална. Се чини дека низ целото дејствие тој квалитет е најважен. Затоа љубовта во овој роман на Пандева не е плачлива, таа е длабоко егзистенцијална и чини живот, но чини и вечност која подучува и предупредува.
„Дневниците на една љубов“ има романтичарски апостроф кој не значи поевтинување на целото дејствие. Главниот женски лик доживува страшна трагедија паѓајќи во заточеништво и тие реални опструирања го зголемуваат копнежот ставајќи ја на тест љубовната енегија. Пандева во овој роман си игра токму со енергетските флуктуирања на љубовта, со нејзиниот сублимат кој ние го носиме како другиот во себе, како една предодреденост која кога ќе нè издаде како да ни одзела години, а кога ќе ни се довери како да не вовела во вечноста. Затоа романтичарскиот зачин во овие дневници е повеќе од неопходен.

Овој роман има и реалистички определен наратив кој е извлечен како кондензат од дејствието исцедено од исповедните четива во сегментот испишан како дневник. Имено, вториот дел од романот се дневнички записи на другите ликови: дежурниот лекар, сопругата на лекарот, синот и Далила. Овој исто така исповеден сегмент не е фрагментиран и е реалитет кој ни помага да ја склопиме целата таа трагична љубов, но и отвора еден друг аспект кој опонира на анализата што авторката толку темелно јдетализира во првиот дел – аспектот на другиот. Секоја љубов, како што споменав погоре е опструирана од другиот кој е секогаш трет. Трета е и Далила, нејзината придружничка во затворот, една метафорична ескалација која го подрзабира постоењето и на Самсон во разни форми на сила и опстојување.

Овде ќе цитирам уште едден голем автор, Е.М. Форстер кој вели: „Не е возможно да се сака и да се биде парцијален. Можете да ја трансформирате љубовта, да ја игнорирате, да ја заматите, но никогаш нема да ја оттргнете од себе. Моето искуство ми вели дека поетите се во право: љубовта е вечна.“ Овие дневници се токму тоа – пат кон вечноста. Смртта станува потполно ирелевантен настан и љубовната сторија низ перото на Лилјана Пандева е своевидна апотеоза на она неискажливото, онаа сила, оној самсоновски поттик што е напати суициден, но многу повеќе животворен и романот кој трепери во една континуирана емотивна катарза завршува онаму каде што и почнува – во неименливото.

Токму затоа искусната писателка не се одлучува на своите протагонисти да им даде имиња. Заради цврстата универзалност на спиритуалното јадро исткаено од еросот и танатосот. „Дневниците на една љубов“ имаат во себе и прапочеток, а ја имаат и онаа другата страна од човекотово битствување – бестелесноста. Структуралната спирала во која се менуваат белешките „три години пред првата година“, „првата година“ и „деветтата година“ е време кое облетува околу нас иако самата авторка на самиот почеток од книгата забележува дека романот може да се чита следејќи ги сите сегменти поодделно, а и следејќи ја приказната онака како што е напишана и епиката која ја наметнува тој временски симулакрум само е потцртан од емоционалната компонента која како облак го обвиткува целиот реализам и го подигнува на ниво на мит.
Сведени на чиста емотивна и страствена посветеност, ние секогаш ги пропуштаме оние околности кои понекогаш се вистинската причина за трагиката во нашата љубов. Трагичната љубов е вистинската љубов, а среќата во љубовниот живот е реалитет без кој не можеме да живееме. Овие контрадикции Лилјана Пандева ги пресемантизира во својот роман и секако ги проблематизира згуснувајќи ја оваа сторија и на ниво на сиже и на ниво на ликови. Нам ни останува повторно да се преиспитаме каде е склопот на нашите околности и кога срцето престанува да чука – кога органски веќе не проработува или кога веќе никој не се сеќава на она што значело љубов и страст. Моќта на „Дневниците на една љубов“ е токму во отворањето на прашањата кои потајно си ги поставуваме, но никогаш немаме време да одговориме потиснати од прозаичноста на навидум животната радост. Овие дневници немаат прашина и не се пронајдени некаде зад полиците со книги каде паднале додека се барала друга книга, овие дневници се пред нас, на врвот од купот книги. Само треба да ги земеме и да ги прочитаме, затоа што бескрајно ни недостасуваат.