Морисеизација на Белград

M2

Морисеј е детството на многумина. Морисеј е животот на многумина. Тој е сакан од повеќето интровертни, бивши и сегашни, затоа што пееше за она што тие го живееа и чувствуваа, сакан е од оние кои ја славеа самотијата, од тие кои не беа разбрани од околината, а којзнае, можеби и од целото животинско царство затоа што се бори за нивните животи. Доаѓа од Манчестер, но е почитуван подеднакво и во Белград, Скопје, Пекинг, Њујорк, Истанбул. Сакан е затоа што болката, сексуалноста, анархизмот, класните разлики, самотијата, љубовта, пропаднатите врски, немаат географска одредница.

И знаете што, ако не може да го сакате овој негов стих – “Ако нé удри двоспратен автобус, да се умре покрај тебе е рајски начин на умирање”  или пак ако не сте почувствувале што значи тоа секој ден да е недела, секој ден да е тивок и сив – тогаш и нема потреба да читате понатаму. А секако тука нема да прочитате како било озвучувањето и дали тапанарот направил грешка.

Морисеј е еден од ретките музичари кој сè уште е верен на својата борба да го направи овој свет подобро место за живеење. Затоа кога е во прашање негов концерт не може да се пишува само за тоа како музички поминал концертот и кои песни сме ги слушнале. Неговиот настап е повеќе од музика. Да, тој е музичар, но барем исто толку и активист за правата на животните и човековите права, левичар и критичар на општествени состојби. Тоа го видоа и почувствуваа сите 5000 посетители на неговиот концерт во Белград на 10 декември, кој патем се случи на барање на самиот Морисеј. Така уште со првата песна The Queen is Dead, на удар беа монархијата и класните разлики. Пред изведбата на Meet is Murder, Морисеј го искритикува Белград како град кој е преполн со реклами за месо од животни, високо подигнувајќи транспарент Meet is Murder повикувајќи ги белграѓани да го исграфитираат целиот град со истиот слоган и да им помогнат на животните. Во позадина одеа снимки од фарми каде нехумано се третираат и убиваат животни. Претходно, изведбата на Тhe Bullfighter Dies од новиот албум беше придружувана со впечатливо видео на борби помеѓу тореадори и бикови потенцирајќи ја уште еднаш нехуманоста на човекот. Bullfighter die and nobody cry because we all want the bull to survive… ечеше во салата.

M3

И покрај болеста (минатата година изјави дека е болен од рак)  Морисеј сè уште го има духот на циник и зафркант. “Последните песни што ги слушнавме беа од мојот нов албум World Peace is None of Your Business кој е номиниран за Греми награда“ ни соопшти Моз. Голем дел од публиката одушевено вресна, но Морисеј ги замолкна со  – That was a joke.

Ќе остане мистерија дали неговите солзи во 2-3 случаи беа заради чадот или заради нешто друго. Како и да е, остави неверојатно силен впечаток на искреност и верба во тоа што го пее.

belgrade4

Во споредба со останатите концерти од оваа турнеја белградската публика спротивно на очекувањата беше една од најмирните. Немаше обиди за качување на бината, да се гушне или бакне Бог. Погледнете ги снимките од изведбите на Every Day is Like Sunday во Есен, Хелсинки, Лондон и ќе ви стане јасно за што зборувам.

А кои песни ги слушнавме?  Речиси целиот последен албум кој можеби нема да ве освои на прва, но ако му дадете втора и трета шанса постои сериозна опасност од зависност.  Проверете ги I’m not a Men, Neal Cassady Drops Dead, Smiler With Knife, па заедно да си ја лечиме зависноста. Ги слушнавме и Suedehead, Speedway, I’m Throwing My Arms Around Paris, а покрај спомнатите The Queen is Dead и Meet is Murder слушнавме уште две теми од The Smiths – Asleep и How Soon is Now?, која еуфорично беше испеана од публиката. Еден бис, саат и 45 минути взаемна љубов и финале со Every Day is Like Sunday. Повеќе од доволно.

Го сакав Морисеј, а сега го сакам уште повеќе.