Holly Herndon

Movement

holly_herndon

Movement на Holly Herndon е еден од најубавите албуми со современа музика од последниве години. Рамо до рамо со некои истакнати авангардни и академски дела од експерименталата фаза на саунд-артот во Америка, овој материјал совршено функционира и на подиум и во „академија“.
Holly Herndon (Холи Херндон) во детството пеела во црковен хор, во Берлин свиреше со електро-клеш бендот Electrocute, а денес освојува нови територии со нејзиниот омилен инструмент – лаптопот. Herndon е на мисија да го доближи лаптопот како процесор на приватноста на луѓето и како инструмент кој треба озбилно да се сфати, бидејќи само тој може да ја понесе комплетната интимност на оној кој го користи. Додајте тука доза игривост и љубопитство и се добива едно супер-кул творештво и материјал за слушање. Преку музика и звуци во рамки на академски настани, галерии и истражувања, во последно време Herndon е особено омилена поради нејзините екскурзии во техно музиката.
Велам екскурзии, бидејќи нејзиниот прв албум Movement не претендира да биде техно албум. Тој може да се гледа и како парче експериментална музика, особено привлечна за оние заинтересирани во „жнеење“ на лични податоци од компјутерите и нивно трансформирање во визуелни програмски јазици кои креираат инструменти, вокални процеси и на крајот, музика. Непосредната интимност, дигитално преточена во музика, носи на места на коишто можеби сте биле со Laurie Anderson, AGF, Ellen Alien или Laurel Halo.
Возбудлив пост-минимализам, искусни ритмови, повремени ерупции и воздржани епски пропорции на впечатоците кои ги предизвикува – овој албум задоволува различни критериуми. Го отвара Terminal, парче музика во која се нафрлаат идеи кои можат да послужат како правец во кој би се развил. Оние кои ќе ги прифатат овие идеи, ќе бидат наградени со Fade, една од двете траки на албумот со бит. Во неа Herndon влетува со големи аспирации, исчекување и напнатост, а со својот преработен пророчки вокал и селекција на есид денс-звуци ја доведува до комплетна реализација. Иако насловната ствар, Movement, е втората трака со бит, Fade е одлично заокружување на малото творештво сместено на овој албум. Ова парче од албумот е неговата еманенција, ова е целиот албум во едно – поставување и слушателско исполнување на очекувањата. Herndon ја разбира потребата од повремени „епски моменти“ во музиката, танцувањето, губењето и тука покажува свест за колкави (воздржани) размери на „епскост“треба да стане збор.
По остварената победа, неустрашивиот минимал техно ритам на Fade се слева во сугестивната Breathe – ствар во која земањето здив не е секојдневен механизам, туку појдовна точка на креацијата. Тоа стварно треба да стане музика, освен ако не се процесира во нешто можеби звучи како океан, а можеби и како пчелата Матица додека го раѓа светот. По логиката за интимноста на инструментот на Herndon, оваа точка од албумот физички и дигитално го сублимира битието на авторката во моментот на нејзиното создавање или изведување.
Заплетот логично кулминира со Movement, која еднакво зауздано епски ја демонстрира вредноста на музиката на Herndon. Движење, нови територии, (ме тера да мислам на Ликвидна модерност на Бауман) и променлива динамика, стилизирани по вкусот на осетливите клабери, и откачени со доза процесиран вокал на хероината. Ова е последниот аргумент на Herndon дека знае што прави, останатото е комплетна слобода комбинирана со ненаметлив академизам, кои прекрасно ѝ прилегаат на оваа девојка.
Dilato го затвора албумот како најдобрите и најавангардни претстави на МОТ, во продукција на некоја национална институција. Тоа е заеднички експеримент на Herndon и Bruce Rameker, баритон со еднакво богато академско и неакадемско искуство, студија за експанзијата (на гласот, универзумот) и што може да се добие од неа. Слушајќи го без никакво предзнаење за процесите, контрадикторно, но неодоливо ќе потсети на number poetry или раното експериментирање со вокал процесинг.
Holly Herndon го подобри впечатокот уште повеќе со издавањето Chorus EP во 2014, но музиката од албумот Movement останува да се консумира бидејќи е свежа, во форма која не презаситува, храбра, растеретена и поливалентна. Овој материјал треба да се депонира на ubuweb.