Сите пари на светот

музички рецитал на Демек

D@D

 

На претстојниот фестивал за електронска музика и медиумски уметности de:sonanz, кој ќе се одржи од 4-ти до 7-ми септември во Младинскиот културен центар во Скопје, на програмата е и промотивниот настап на скопското дуо Демек, со премиера на „Сите пари на светот“.

Музичкиот рецитал насловен како „Сите пари на светот“ е драмско музичко дело составено од страна на конспиративната ќелија под работно име Демек, пластична група составена од два члена: Владо Манчевски и Саша Павловиќ, познати на македонската публика со верзатилни обиди во различни полиња на сублиминарно музичките експерименти. Замислен како преслика на модерните економско-политичко-социјални превривања во кои урбаниот лик е осуден на екстремна алиенација и немилост пред изопаченоста на политичко-колективните клатна на системот. Иако пиесата подразбира пред сé локален осврт, всушност е одраз на глобалните процеси на планетата. Тоа што следи е феноменот наречен – глобална македонизација, состојба на функционален хаос, апликативна за цела Европа и пошироко. Тргнувајќи од востановената перверзност наречена капитал, во делото е поставена ода за парите насловена како „Сакам Пари“ – квинтесенцата на сите артифициелни движења, откако некој ќе ја загуби невиноста. Антихеројот-исповедувачот на сказната е дефокусиран и деранжиран лик кој е всушност алегорија за изгубениот човек во ерата на Аквариус, или големото поместување во Новиот Светски Поредок, којшто секојдневно се имплементира. Во контекст на времињата на големите чуми, авторите поставуваат сегментиран минималистички 40-минутен перформанс за потентноста, алчноста и апетитите.

Демек настапуваат на 6-ти септември во кино Фросина. Влезници на Купи карти за сé.