Опсесијата од божјата сила и божјата правда има и лековито и филозофско дејство врз нас смртните и грешните. На тлото кое го газиме имаме само една можност – да го замислиме ликот на Бога и да му ги пружиме сите свои неволји и невери за тој да ги огледа на огледалото на бесмртноста и да ни одреди место повторно таму горе, каде што во многу прилики покажуваме или накажуваме. Но, ликот на Бог во целата досегашна човечка цивилизација доживеал огромен број на модификации и мултипликации. Дали филозофската промисла неметнала постоење (замисла) на некој кој е и над Богот (Боговите)? Дали целата божествена генеалогија која во одредено цивилизациско доба „постоела“ и под и над човекот, а и околу него е управувана од некој помоќен или можеби надмоќен? Интригантните обмислувања на Епикурејците во целата таа врволица од „моќни и надмоќни“ пред повеќе од две илјади години го симнува човековото етичко определување на она што се гледа, а не она што се фантазира.
Се чини дека кратката, но моќна поетска книга на Стефан Марковски се занимава точно со таа масивна и недостижна трансверзала искомплицирана од взаемното сфаќање на човекот и Богот поставувајќи извонредно интересни прашања за постоењето на Бог, за неговата слика, за сликата на Бог кај нас, земните суштества што е еден вид на метаизраз на самите себе преку обликувањето на божествените „битија“. „Хипербог“ е над божествените појави и тоа во поезијата на Стефан Марковски не е алузија туку интегритет на оној кому еден Бог не му е доволен – човекот. Таа дилема овој веќе искусен рефлективен поет ја наметнува уште во втората песна велејќи дека „смртта не е возвишена, историјата не е мудра“. Смртта е преминување во некој вечен живот, а нашата колективна меморија се само артифициелизирани спомени со вибрантна фактографија. Препејувајќи ја смртта како феноменолошка појава, како крај за почеток, Стефан не вовлекува и нас како читатели во двојна дилема, а тоа е нашата верба во мудроста и нејзината рушливост. Затоа тој во целата своја поетска збирка ја задушува апстракцијата со метафорички концизно исплетените стихови кои потсетуваат на една ововременска опипливост каде што има „бродски мотори“, “градски парк“, „ѕидови што не завршуваат“ итн., но има и чудни констелации во кои „животот е името на мојата вечна судбина“, каде што има “речен импрсионизам“, каде има „сребрена надеж низ прозорецот“ и тектонски преместувања на инспирацијата која почнува и завршува токму со нешите страдања по висината.
„Хипербог“ има возбудлива стилска геометрија чии кругови ни наметнуваат постојано обиколување на семантички богатиот стих на Стефан Марковски. Во тие кругови пулсираат архаичните и модерните изрази и синтагми сосема егзактно определувајќи ги тие вкрстувања на епикурејското и илузионистичкото разбирање на светот:
„стар е воздухот од чекалните на безгрешните со допрва сонета верба
Допрва треба да се мине по неизградениот мост на истоста
Лагата на богатите е поболна и чини повеќе
Сè е отидено по ѓаволите што ја валкаат болката од смрт
Неиспарена со искушенијата
Животот е бел делириум во кој рацете повтат по зраци шарена лудост
Разнесена од пладневни хармоники и неисцрпно лето.“
Транспарентниот сјај на една далга
Вербалните лупинзи во оваа поезија често се прегрнуваат во стилските фигури, но поетот многу вешто во својот верс внесува лирски искри кои ги исцедува во горчливи рефлексии. Затоа повремената урбана сликовитост наликува на расправа, на една тензична експлицитност која не тера да си ги побараме своите неизживеани страсти и мечти. И страста и мечтата се емотивни категории, но во „Хипербог“ нивното опстојување е преносно затоа што Стефан ни нуди едно потсетување или можеби присетување во зависност од нашето животно искуство.
Во содржинска смисла оваа кртака поетска збирка ни отвора еден цивилизациски дијалог кој е многу едноставно, но есенцијално „метаболизиран“ со футуристичка конотација. Имено, Стефан ги осцилира секогаш на вистинско место минатото и сегашноста заграбувајќи ја иднината како сираче, како непознато дете кое го поведува со себе, но тоа дете му изгледа таинствено и раѓа духовен страв кај него:
„Зарем не е живот
тоа што совршени триаголници се лизгаат по улици од челик
(најскапо продадена е заблудата дека Линијата што ја дели нашата земја од туѓите неба е хоризонтална)
Зарем не сум само Адам при падот
Тоа што се гледам себеси во одраз на илјада блескотни срчи
Претопен во Едно од премногу љубов …“
Совршена вертикала
И покрај филозофската обеземеност, оваа поезија има многу емоции и достага, една елегична расположба која не натажува и не тера да се потсетиме на минатиот пропуштен живот, на моментите кои никогаш нема да се вратат и, што е најважно, дека и ние еден ден ќе бидеме минато, но среќни дека можеби ќе бидеме „нечие“ минато. Емотивните пасажи овој млад поет ги оформува употребувајќи тешки, но многу податливи и лингвално многу драгоцени архаични зборови: „одлебдена“, “ламтеж“, „лунѕање“, “незамугрени“, „бистрини“, „гламји“, итн. Тоа се зборови кои го отвораат неговиот дослух со традицијата и мудроста на народот кој и во ова и во она време е единствена гама во која припаѓаме сите без остаток.
Но, покрај ова во овие стихови исклучително импонираат фразите кои, се чини, ќе останат како сублимиран став на поетот: „ зборовите кои стануваат Едно со космосот“ (Од аспект на..) и „мракот е голем, но погласен е апсурдот“ (Зборови кои одлетуваат и долетуваат) се сентенци каде се впива целата есенцијалност на поетската збирка и каде се докажува една голема вертикала која отвора многу прашања во главата на читателот.
Како огледало на својот масивен верс, Стефан го споменува контраверзниот Фридрих Хелдерлин чиј остро детерминиран напев (иако во времето кога пишувал бил во револуционерно бел стих) со голема доза на елегичност е исклучително инфлуентен не само во тој интригантен осумнаесетти век во кој живеел, туку и до денешен ден. Емотивната амплитуда и грамадноста на стихот на овој голем поет на некој начин е реивентирана во овој „Хипербог“ скоро низ сите стихови. Така, поетските дилеми на Стефан за богот кој е над нашиот Бог или она што ние го нарекуваме чиста и несовладлива моќ се поставуваат како емотивно-филозофска епопеја која иако дисперзирана низ повеќе строфи, сепак има свое алфа и омега. Така умно поставена, оваа стихувана филозофска расправа на човечкото битие со таа несовладлива сила за која допрва треба да се полемизира дали е во нас или е над нас, својата компактност ја фундира многу цврсто, во порите на логосот на самиот стих.
Младиот поет, прозаист и драмски автор Стефан Марковски со секое све дело води сметка за уникатноста на својот писателски опус, па така и во овие стихови тој, покрај својот препознатлив стил, тој ги продолжува нитките во својот став кон уметноста и духовната еклектика на ововременската цивилизација:
„на полињата им се доволни твоите недопрени очи
Со или без вода
Да ги изнедрат или подарат на небесата што сјаат црвено,
О огнови што ја испаруваат еретичката мисла обоена во тело,
Само вие ја раѓате истата чистотија со онаа
На едно ново месо …“
Кратка историја на една неизгорена чистота
Поврзаноста на оваа исклучително провокативна и интересна стихозбирка со другите негови досегашни дела значи еден логично поврзан спис кој говори за еден зрел писател (иако мошне млад) кој во своите духовни дамари крие трезор од тајни и промисли и дека неговиот spiritus movens секогаш ќе биде инспирацијата која доаѓа од боговските алхемии, но и од согледбите на еретичките мрачни испарувања.
„Хипербог“ е интересна поетска збирка затоа што уште со самото нејзино созадавање и обелоденување станува еден вид на стиховна реликвија, а тешкиот и сигнификантно богат стих станува литерарна константа која ќе доживее многу цитати од оние кои ќе пишуваат после Стефан Марковски и ќе соберат храброст да фрлат креативен поглед горе над себе, над духовниот апстракт од ововременскиот земен свет за да ја побараат таа неприкосновеност или можеби да се вивнат во некои други висини кои ги нуди бескрајот.