Имагинативни рефлексии

Кон претставата „Не ми го чепкај пивото“

Режисер ЃОРЃИ РИЗЕСКИ

Актери НАДИЦА ПЕТРОВА како ЈУЛИЈА, ДАВИД ИЛИЌ како СРЏАН И БОБАН АЛЕКСОСКИ како СЛОБОДАН

Кореограф и сценски движења ИРЕНА ЛОЗИНСКА

Асистент режија ТАМАРА СТОЈАНОСКА

Сценограф МАРТИН МАНЕВ

Дизајн на плакат АЛЕКСАНДРА ТАУШАНОВ и ВЛАДИМИР ДИМКОВИЌ

Камера и монтажа на видео ДОАН ДОЃАН

Продукција ТЕАТАР „ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ“ СКОПЈЕ

Во ова зловреме кога потенцијалната театарска публика одвај ја подава главата од вратата на своите домови, во време во кое треба да се има посебна храброст и да се направи уметнички чин кој се нарекува театар и кој е наменет токму на поширок аудиториум, време кога театрите се се уште под клуч, а верувам дека театарските уметници одвај чекаат да се искачат на сцената, во рамките на Скопско лето се случи – театар.

Независната театарска група „Златен елец“ после сјајната монодрама „Дневникот на лудиот“ се појавува со своја втора продукција, комедијата „Не ми го чепкај пивото“ авторски проект по текст на Армуш Периша Бели, а во режија на Ѓорѓи Ризески. Во прекрасниот амбиент на Куршумли Ан во Скопје, со почитување на сите протоколи во време на пандемија, се одигра единствената театарска претстава од почетокот на пандемијата со корона висрусот. Се одигра претстава на ентузијасти, на храбри и талентирани актери и режисер кој верува дека она што го прави тој, нема да потклекне на ниедна пречка и неговата претстава сепак ќе ја погледне потенцијалната театарска публика.
Гледајќи ја оваа камерна комедија која се занимава со варијации на љубовен триаголник, или можеби на млади трагачи по вистинската љубов некако ми се наметна чудниот љубовен триаголник на „Предавство“ на Харолд Пинтер кој се случува иреверзибилно, од крајот кон почетокот. Она што ме поврза со овој, во тоа време иновативен текст на Пинтер, е најинтригантната категорија во театарската уметност – времето. Во комедијата „Не ми го чепкај пивото“ времето е циклично и излегува од принципот во кој него го мери актерот и тоа е најинтересниот зачин кој ќе ве натера да ја погледнете оваа претстава. Тројцата актери навлегуваат во ситуации кои немаат суштинска временска позиционираност и променувајќи ја базичната драматургија прават лупинзи кои сосема наликуваат на нешто што би го нарекле современа „комедија дел арте“. Режисерот Ризески гради претстава која е густа со ситуации и која најмногу лежи на актерите. Но, таа режисерска едноставност импонира со приодот кој и покрај тоа што е многу близок до ситуации од животот, тој отвора многу интересни аспекти на љубовта која, според него во време на оттуѓеност и редундантност станува се помалку можна. И уште подалеку, можеби чекор понатаму, Ризески со оваа своја режија укажува на сите токсични и „продуктивни“ варијанти на љубовта кои пулсираат од љубовен триаголник до погрешно сфатен и филигрански одигран флуид. Тргнувајќи од насловот кој со себе носи една асоцијативна лежерност, како одминува претставата така сите ситуации преминуваат од една горчлива Пинтеровска „лага“ до чудна и напати конвулзивна Жаријевска гротескност. Она што импонира во оваа режисерска концепција е токму еквилибрирањето на лагата. Режисерот многу умно се зафатил за она највирусното во љубовта – лагата и измамата и целото дејствие го води на релацијата : љубов – изневера. Секако, неверството е нешто без што љубовта не може. Секој исчекор од бракот е искуство кое го мери нивото и сериозноста на таа институција. Ризески во оваа претстава флуидната врска меѓу маж – жена ја институционализира преку невозможноста за неверство. Затоа оваа претстава има и апсурдистички лакмус. Тројцата патници ја бараат онаа љубов која ни самите не знаат како би изгледала. Тие само ја чувствуваат мислејќи дека она најважното е тука, на дофат од раката, но напнатоста и стресот расте секогаш кога тие сфаќаат дека она што го бараат не е реално и дека кон нив се однесува како фатаморгана: во оној момент кога мислат дека го допреле, тоа се оддалечува доволно далеку за да ги умори.
Бобан Алексовски ликот на Слободан го игра со голема леснотија и инспирирано до крај како и во монодрамата „Дневникот на лудиот“.Овој актер има извонредна моќ за импровизација, така што неговата специфична комика на оваа прилично субмисивна личност е вистински драг камен во оваа претстава. Јин-јангот во претставата го надополнува младиот актер Давид Илиќ кој во улогата на Срџан внесува една хиперболизирана доминација на лик чија лажна доблест и надреденост се издишува како балон. Овој млад актер во овој комичен лик донесува палета од изнијансирани дејствија одлично вклопени во компактен карактер кој импонира. Во оваа млада актерска тројка е и единствениот женски лик, Јулија, чија сензуалност и провокативност многу вешто ја донесува младата актерка Надица Петрова. Таа во актерска смисла е точка на „и“, всушност еден сензибилитет кој е особено неопходен оваа духовита комедија да ја има и онаа друга страна, а тоа е еротизираноста.
Визуелниот момент на претставата го надополнува впечатокот онолку колку што може во надворешен амбиент на дворот на Куршумли Ан, но сепак е компонента која живее со пулсот на целата претстава. Сценографијата на Мартин Манев е колоритна и разиграна во совршено иста патека по која се движат и костимите во истата претстава. Лесните и ненаметливи кореографски елементи се дело на Ирена Лозинска.
Преставата „Не ми го чепкај пивото“ зборува за љубовта на еден многу чуден начин. Комедијата е чувствителен жанр и наоѓа голема потпора врз импровизацијата. На таков начин оваа претстава многу вешто истражува и во изразни средства, а и на концептуален план. Низ претставата поминуваат секакви опасни елементи како што се алкохолот, дрогата, пиштолот итн., но здравиот концепт на Ѓорѓи Ризески тие елементи ги супституира во духовита претстава која љубовниот напиток им го нуди на своите протагонисти во енигматски дози. Тие се на испит со секоја реплика, со секоја ситуација, а она што ние го доживуваме како порака е вечното разочарување од нереализираната љубов која ја имаме сите на овој свет, без остаток.
Конечно, во време на пандемија кога опасноста е невидлива и не знаеме кого ќе го задеси, „Не ми го чепкај пивото“ е вистинско освежување кое со својот час и безмалку триесет минути не потсетува дека во овие моменти уметноста е и тоа како потребна за ние, залечувајќи го духот да си го залечиме и телото.