Не знам што е тоа јога, велат дека помага да преживееш во конц-логор

интервју со Кирчо Арсовски

Има два бенда (според публиката: добри) и два филма (во припрема е и трет, според него: лоши). Редовно објавува размисли во вид на веснички колумни, поретко споделува цртежи и стрипови. Трич-трач муабет за сé, сешто и уште нешто.
Долунаведеното интервју е резултат на брзинска прашање-одговор препуцовка направена со Кирчо Арсовски пред 5 години. Требаше да излезе при крај на 2014-та година во еден тогашен кумановски печатен неделник. Поради извесни штетни дешавки, тој број не излезе од печат, неделникот престана да постои, а интервјуто остана необјавенo. Го пуштаме сега, неизменето, но со назнаки дека Кирчо во меѓувреме објави две стрип-книги - Are you schizoid? (Темплум, 2017) и INTERVIEW (with VMRO assassin) (Темплум, 2018), како и еден музички албум - „Комитаџи“.

За да се соберат пари за снимање на првиот албум на Т.Б.Трачери, продаваше примероци Маргина (списание на скопскиот издавач Темплум) по средните школи. Оттогаш, снимивте уште три албума. Што се случи: откривте закопано богатство на викендичка, продадовте по некој бубрег или киднапиравте богати баби?
Не беа тоа многу пари за да не можат да се соберат како би снимиле албум. Не се сеќавам дека сум го продавал по средните школи (барем јас не сум). Од ниеден албум не сме заработиле скоро ништо, ниту пак некој нешто заработил на нас, можеби некаква ситница – на пример, комплет книги од Толстој или нешто такво. Тоа беа мали тиражи, а до ден денес нема реизданија. Трачери се скоро и заборавени како појава. Воопшто рокенролот во МК е готов и не верувам дека ќе воскресне. Мислам дека ќе следи војна, а потоа кој знае. Попрво ќе има нов ривајвал на кафанска музика, но со рокенролот е завршено што и не е некоја штета.

Кога најсветли точки во вестите се во црната хроника, какви случки ти го ведреат хоризонтот на збиднувања?
Сите вести се вести од црната хроника. Најведро е кога сите ќе заминат на работа или кога ќе паѓа дожд и го нема она квичење и кричење на децата – повеќето од нив не се баш најнормални. Најдобрите идеи ги има во книгите, а мене читањето книги ми е досадно. Подобриот дел е кога ќе го коментирам прочитаното.

Најдобрите идеи ги има во книгите, а мене читањето книги ми е досадно. Подобриот дел е кога ќе го коментирам прочитаното.

Кога би добил неограничена дозвола за градење и рушење, сосе вклучителна градежна машинерија, што би сменил во градов, а и во државава?
Немам поим од градежништво. Градот е тотално сменет, ова е некој друг град и ако истите луѓе владеат и понатаму, ќе се менува до крајот на светот. А, верувам дека исти или слични секогаш ќе владеат. Не би сакал ништо да менувам, нејќам луѓето да ги унесреќувам, ниту пак сакам да ги направам среќни. Не се чувствувам како забавувач, ниту имам намера некого да развеселувам.

Коњак и цигари како лични ќефови, и законско ограничување за нивна продажба, односно забрана за конзумирање. Ќе почнеш да применуваш во своето живеење јога, хаику и фенг-шуи?
Ретко пијам алкохол, иако би било феноменално да се донесе закон за прохибиција и алкохолот да се пие во некои тајни јазбини како во Америка 1920-ти. Забраните ја поттикнуваат креативноста. Не сум во потрага по некаква продуховеност. Не знам што е тоа јога, велат дека помага да преживееш во конц-логор. Можеби, не знам. Ќе треба да прашаш некој преживеан логораш кој тогаш практицирал источни духовни вештини, ако сé уште има такви.


Додека музицираш може да ти пукне жица и да ти рикне појачало. Кои малери би ти го прекинале работењето на филм?
Јас веќе не музицирам. Мене тоа ми здосади за сите времиња. Снимив два лоши филма, а изгледа третиот ќе биде најлош. Малери се лошите глумци, но бидејќи јас не работам со глумци, тогаш немам такви проблеми.

Дали инкогнито хараш по дискотеки во саботни вечери, или анонимно собираш инспирирачки материјали во локални биртии? Задолжително носиш лична карта, или пасош (ако притреба итна бегачка)?
Не одам во дискотеки, ниту пак со луѓето се дружам за да добијам инспирација. Најдобрите идеи ги има во книгите, а мене читањето книги ми е досадно. Подобриот дел е кога ќе го коментирам прочитаното. Писателите се преценети, суетни луѓе кои со помош на медиумите го креираат човечкиот карактер. Тие по природа се зло и не е чудо што имало времиња кога сите нивни обиди од човекот да направат монструм завршувале неславно.

Знаеш дека и Куманово си доби свој Младински Културен Центар (бившо кино „Козјак“)?
Ич не ми е гајле за никакви домови, посебно оние за култура. Се надевам дека набргу ќе го срушат.

Не мора да кажеш каде ти е сместен нуклеарниот бункер, но може ли да се знае што имаш складирано во случај на радијациска апокалипса?
Немам никакви складишта. Во случај на апокалипса ќе имам иста судбина како и сите други. Зошто би бил исклучок? Зар само јас имам душа?

Имаат ли било какво значење телепатијата и вудуто за тебе?
Не играм окултни игрички, тие се демонски стапици за неупатени и љубопитни глупаци.

Какви звуци слушаш од подрумите низ соседството? Со каква звучна приредба новите омладинци ти ги дрмаат прозорските окна?
Во моето соседство живеат сосема нормални луѓе кои трујат кучиња и мачки.

Каква ти е појавноста по градските уличиња и сокаци: како дух или силуета, како дискретно сеприсутен или апсолутно отсутен?
Отсутен сум, но имам шпиони кои секоја вечер ми поднасаат рапорт за сé што мене ми е важно.

Избери географска локација, одбери личност за дружба, селектирај епоха. За крај на сите овие прашања, дај ни краен одговор: кога, каде и со кого би можел да пајташиш до бескрај и која реплика би ја искажал пред смрачувањето за одјавна шпица?
Одјавните шпици се тажна појава, особено ако филмот е добар. Не знам како било во другите епохи за да посакувам да живеам во нив. ОК, за нив имаме сведоштва во книгите, но книгите, реков, ги пишуваат ноторни лажови.