Нека оди сé во црвено

По долги 35 години, The Pop Group денес издаваат нов албум – Citizen Zombie. За почетоците, за панкот, Бристол, за тедибојс бандите, класните разлики,  инженерите во BBC, дигиталните кафези, зомбификацијата на општеството и надежта, разговаравме со Mark Stewart.

 

 

Здраво Марк. Како си?
Добро. Како си ти?

Добро сум, сончево е надвор, после долга зима, има кокичиња надвор.
Ооо, веќе доаѓа пролетта кај вас?

Да, очекуваме добро време тука. Како е во Бристол?
Јас сум во Лондон, уште е зима, но очекувам добро време и тука.

Сега во Лондон живееш?
Да.

Значи гостување. Да почнеме со интервјуто.
Може… Многу е добра линијава, ова е најдобар сигнал што досега сум го имал. Што е ова, регуларен  скајп?

Да, да.
Каде живееш во Македонија?

Во Скопје, главниот град.
Фино.

35% од населението живее тука, мислам дека за 20 години сите ќе се преселат тука.
Пеколно!

The Pop Group повторно се активни веќе 4 години. Како се случи тоа, многу луѓе се изненадени.
Мислиш на нашата цена (price) или луѓето се изненадени (surprise) хахаха… Сите ние имаме цена, хахаха… Искрено другар, животот во моментов ми е хаос. Живеев и работев во Берлин како соло артист и бев среќен со тоа што го работам соработувајќи со Kenneth Anger, Richard Hell… и низ годините со луѓето од The Pop Group останав пријател. Патувајќи по светот луѓето постојано ме прашуваа што се случува со материјалот на The Pop Group и дали ќе има реизданија, бидејќи како бенд ги задржавме правата врз нашите изданија, како и интегритетот на бендот, некако започнавме да зборуваме за реиздавање на плочите, можеби преку започнување на сопствена издавачка куќа. Се видов со сите во бендот и има кажав: „Ајде да направиме соодветна кампања за нашите реизданија“, по што добив одговор – зошто не би се обиделе и да направиме напоредно и нешто ново. Имаше луди идеи да направиме сингл плоча со We are all prostitutes, а на другата страна некоја нова песна, за да докажеме дека сме сé уште живи и луди како што отсекогаш сме биле. Но, тоа сé остана како некоја идеја, бидејќи во меѓувреме воглавно свиревме фестивали, како Примавера и некои њујоршки фестивали. И во меѓувреме додека патувавме, чепкавме по нешто, од што произлезе нашиот нов албум, што нé натера да сфатиме дека ова станува сериозно, дека повторно се вративме, дека повторно станавме бенд. Во тој процес сфативме дека работиме многу и дека во тоа има многу возбуда, како некој добар нелогичен експеримент за мене, што е добро за мојот карактер кој сака да биде опкружен со други силни карактери.

Слушајќи ги вашите плочи низ годиниве, секогаш се прашував зошто овој бенд кој нудеше толку возбудливи нешта прекина. Толку многу добри работи можеа да се случат. Зошто навистина прекинавте?
Последниот концерт на The Pop Group беше 1980-та, или така некако, на Трафалгар сквер во Лондон, како дел од кампањата против нукреарното вооружување, на што му претходеше активистичко рели, во кое учествуваа 500.000 луѓе. Тоа беше последен концерт на The Pop Group, а воедно и прв концерт на мојот нов бенд – The Maffia. Значи веднаш продолжив, што за мене е исто, со кого и да свирам – јас сум јас. Разликата помеѓу The Pop Group и соло проектите е тоа што во The Pop Group секогаш имало четири-пет силни карактери. Тоа ти е како пет тигри во кафез со панк однесување, се дерат еден на друг, дури и на бина каде што се туркавме еден со друг, во ситуации каде јас мислам дека свириме емотивна песна додека саксофонистот скока врз мене и ми свири гласно на уво. Мислам дека тоа беше магичниот хаос на The Pop Group, каде што не знаеш што следно ќе се случи, тапанарот ќе го однесе ритамот во друга насока, со неочекувани импровизации, што ќе го натера басистот да експлодира во друг правец… беше возбудливо како кога гледаш кечери кога се борат во ринг.

Отсекогаш ве доживував како политички бенд во смисол на политиката како организирано живеење. Правејќи нова плоча по 30 години, еволуирајќи како личности…
…Па не знам баш дали сме еволуирале хахаха…

…Очигледно е дека сте ја задржале енергијата, но сега сте 30 години постари. Можеш ли да го споредиш процесот на создавање нова The Pop Group плоча некогаш и сега.
Не сум човек кој живее од спомени, како што вели јапонскиот писател Харуки Мураками: „Сеќавањата се гориво што согорува за иднината“. Не сум човек кој мисли само на сегашноста, но се трудам да останам смирен и да не дозволам мозокот да ми експлодира во илјадници насоки, трудејќи се да не размислувам многу, бидејќи кога размислувам премногу – полудувам, поради состојбата во светот во кој живееме. Во моментов нашата група не се чувствува приврзана за ништо особено, за нас е најбитно кога ќе почнеме да ги вежбаме новите песни да го задржиме чувството на возбуда и изненадување, да не знаеме што ќе се случи следно. Во студио или на проба не се потпираме на ништо од минатато. Ако се вратиме во минатото, Gareth Sager ќе се појавеше со влијанија од некои стари француски или шпански радикални песни од граѓанските војни. Не мислевме дека правиме нешто особено, ние бевме само бристолски деца.

T_P_G

Дали Бристол во тоа време беше на музичката мапа во Британија, каков беше Бристол кога вие почнувате?
Немавме претстава што Бристол претставуваше тогаш, но судејќи по приказните на вујко ми кој бил редар во бристолските клубови во 50-тите и 60-тите години ми кажуваше за тедибојс бандите кои што криеле ножеви во јакните. Веќе тогаш имало и неколку рокенрол бендови во Бристол кои свиреле на игранки. Во тоа време Gene Vincent доживеал сообраќајка во близина на Бристол. Подоцна, во 60-тите рокенрол сцената донесе неколку слободни фестивали. Како петти најголем град, Бристол беше доволно голем да има сцена но немаше големи гета како во поголемите градови – Бирмингем, Манчестер, Лондон, каде што живееа имигранти Карибјани, Сики, Ирци… кои меѓусебно  не се мешаа. Како помал град, во Бристол сите овие заедници живеаја некако заедно, имав пријатели во работничките населби, но и пријатели кои живееја во елитните делови на градот. Но навечер, сите ние се собиравме во два-три клуба каде слушавме музика. Пораснав како дете на кое расата, полот и класите не му значеа ништо, бидејќи тогаш Бристол не беше поделен на тие основи. Од тие денови, па преку панк деновите, па сé до појавата на трип-хопот, бевме банда составена од разновидни професии, раси, полови… ние едноставно си помагавме. Некој работеше во фабрика, некој беше во група, некој одеше да заработи во странство. И сите си ги познававме роднините, ако ме разбираш што сакам да ти кажам.

Што работеа тогаш членовите на The Pop Group?
Одевме во школо. Уште од 11-12 години работев разни нешта, после часовите собирав картони во стовариште, навечер миев садови во ресторани, за да заработам доволно да отидам во Лондон да ги видам, на пример, Roxy Music или да отидам на некој друг концерт. Поради мојата висина изгледав прилично постаро и лесно влегував и во ноќни клубови. Наеднаш, како 17-годишни ученици се најдовме на насловните страници на сите англиски музички магазини и тргнавме на турнеи со Patti Smith и Pere Ubu. Отидовме и во Њу Јорк.

Од наша перспектива изгледа дека во Британија класните разлики се доста воочливи и битни.
Мислам дека е тоа доста социолошко и семиотичко прашање. Токму вчера, еден германски новинар ме замоли да напишам нешто за демистификацијата на работничката класа од перспектива на едни Gang of Four или The Clash. Но од моја перспектива, каде што дел од моето семејство е работничко, додека другиот е прилично ситуиран, а некои имаат и циганска крв, мислам дека можеби од ваша перспектива имате изградено стереотип за нашето општество.

Дали знаеш дека кај нас Циган е навредливо обраќање и дека се користи зборот Ром, зборувам за тоа како некој те нарекува а како ти сакаш некој да те нарекува.
Да, знам, слично како и моите афро-американски пријатели кои го отфрлаат зборот nigger, или пак моите геј пријатели. Но добро, кога се сеќавам на себе како 13-годишно момче кое сакаше музика, од човечка перспектива јас не се нарекував себеси Британец, туку сакав да живеам, на пример, во Њујорк, да ги слушам The Velvet Underground, да бидам на Јамајка и да слушам реге. Со музиката можеш да „патуваш“. Со интернетот дознавам за сите тие одлични мали сцени во различни градови. Патувајќи, дознаваш и за сите тие сквотови во Холандија, или пак за сите добри места во Полска, Русија или Македонија, сфаќаш дека постојат генерации на слободоумни луѓе секаде во светот, како на пример некои активисти во Колумбија, со кои имам повеќе заеднички нешта отколку со мојот прв сосед. Постои интернационална солидарност, знаеш, каде што музиката е сврзно ткиво. Кога ние бевме деца гледавме на тоа малку племенски, ќе отидеш на панк концерт, ќе видиш некого со фарбана коса и чудни кондури и ќе помислиш – овој човек е во ред и веднаш ќе посакаш да зборуваш со него, а сега со интернетот се создава истото чувство за заедништво, каде што се поврзуваш со луѓето преку нивните freak flags. Мислам дека е тоа одлично.

Ме инспирираше за моето следно прашање. Отсекогаш сте биле панк бенд, бидејќи панкот е слобода на изразување…
…Да, и сé уште е.

Дали успеавте, соочени со конзерватизмот и едностраното сфаќање на панкот, да ги помрднете работите?
Најсмешната работа, другар, е што тоа сé уште се случува. Како и во времето на фри џезот и битниците… еве правам плоча една година и сé уште има прашања од типот „Какви се тие чудни звуци во позадината“, одговарам: „Тоа се самплови што ги собирам 10 години“. „Ти клипува басот“, велам: „Не, тоа е експлозија од еден воен филм.“ „Каков е тој чуден извртен ритам“ – „Не, тоа е мојот мозок кој патува наназад во времето“. Те гледаат чудно и ти викаат: „Седни, одмори малку“. – „Не, одмори ти, остави ме на мира, јас само свирам музика“. На времето во студио ти ги кратеа високите и басовите, а бидејќи јас малку се разбирам во наука, им викам: „Ти недостасува нешто во звучниот спектар“. А тие те гледаат како да не разбираат ништо… ако разбираш што сакам да кажам. Тогаш луѓето ми викаат: „Марк, смири се малку“.
Меѓутоа, постоеше еден човек од BBC што многу нé поддржуваше, легендарен диџеј, не знам дали го знаеш, John Peel, ги поддржуваше и The Fall. Кога ќе се соочевме со инженерите на BBC научени на нормален рокенрол, секогаш некој од нив ќе ни кажеше: „Вие сте најлошиот бенд со кој сум работел, цело време се обидувате да ми го скршите пианото“. А ние само се обидувавме да експериментираме како John Cage, ги семплувавме гитарите наопаку и му велевме: „Нека оди се во црвено“. Искрено, се чувствувавме како да доаѓаме од друга планета. Проблемот е во тоа што многу мои пријатели се чувствуваат фрустрирани поради „зомби“ светот во кој живееме, каде што училиштето и работата се трудат да ни го одземат најдоброто од нас и преку технологиите се трудат стопроцентно да ни го одземат човечното во нас, да нé направат депресивни, да гледаме сиво. Но, ние одбиваме да бидеме такви, тоа е мојот карактер и карактерот на бендот, ќе стоиме исправени се додека нé умреме. Но, луѓето повторно ни викаат: „Не, немојте така, животот е прекрасен, можете да направите прекрасни работи“. Во нашиот последен сингл Mad Truth, пеам за тоа како можеш да се заљубиш илјада пати на ден, ако ги држиш очите отворени животот може да биде брилијантен, што и да правиш. Тоа е поентата на приказната, нема да дозволам никој да ме вовлече во ебена депресија.

Дури ни панкот не беше имун на еднодимезионалниот музички аспект на работите. Слушајќи ги вашите плочи и гледајќи ги вашите видеа, не ме напушта чувството дека вие инсистиравте на интеракција и со други уметности…
…Да, дефинитивно, тоа го правиме и сега.

Но и дека истовремено сте се дружеле и со луѓе од маало…
…Да.

Дали мислиш дека сите сите тие убави работи што дојдоа со панкот, еднаквост, братство/сестринство, заедништво, останаа заробени во тие исти три униформирани акорди, токму поради таа еднодимензионалност.
Да, така се случи. Но, првиот бран на панкот во Англија дојде преку паб-рокот, или преку луѓе што свиреа традиционален рокенрол, како Joe Strummer, фантастичен човек, ми недостига. Тогаш свиреше во еден обичен паб-рок бенд – The 101ers, слично како и The Stranglers. Но, дури и таа музика тогаш спредена со прог-рокот звучеше повозбудливо. За мене панкот е став. Гледајќи ги првите настапи на The Clash, бев воодушевен од басистот Paul Simonon, на басот имаше налепници кои му покажуваа каде да ги држи прстите додека свири, тоа е тој став, DIY естетика која се прошири во неочекувани насоки низ целото општество. Претходно, како работничка класа и пролетеријат во Англија ти се нудеше феудализам каде ти повторуваш „Да шефе. Не шефе.“. Но, да изградиш самодоверба и став беше навистина тешко. И тогаш видов искра, го препознав тоа во панк екплозијата која се случи, им даде на луѓето можност ширум светот да кажат – Еве кој сум јас, сакам да се обидам да го направам ова.  Очигледно тоа започна со Malcolm McLaren, кој тоа го превзема од ситуционистите во 68-ма, тоа е коренот на работите. Интересно е дека теоријата се приближи на улично ниво, како grassroots иницијатива. Тоа го донесе панкот. Многу мои пријатели кои претходно беа само обични фудбалски хулигани, одеднаш најдоа креативен простор со кој можат да се поврзат.

Бевте ли поврзани со The Crass и нивната издавачка куќа?
Подоцна. Тие имаа одлична дистрибуција и став да не соработуваат со меинстрим капиталистички издавачки куќи…

…Оној „не-плаќај-повеќе-од…“ став?
Да, тие имаа одлична дистрибуција преку Rough Trade, имаа сопствено студио, Annie Anxiety беше моја пријателка, а малку подоцна и Penny Rimbaud. Лично, многу ми се допаѓа графиката на The Crass, сите тие монтажи, отсекогаш тоа било многу важно за мене, колажите на Winston Smith за Dead Kennedys, или Gee Vaucher за The Crass. Не бевме толку лично поврзани со нив, но The Crass направија одлична работа за европската сцена, помагајќи им на луѓето да ги изградат своите локални сцени преку младински центри и сквотови. Она што навистина се случи со нас кога експлодираше панкот, а подоцна и пост-панкот, е дека ние формиравме наша издавачка куќа, Geoff Travis ја основа Rough Trade. Напоредно голема сцена се случуваше во Сан Франциско, се појави магазинот RE/Search, кај нас Throbbing Gristle, па industrial сцената, Butthole Surfers во Тексас… Уште од самите почетоци на The Pop Group одевме во Њу Јорк и се мешавме со луѓето од “no wave” сцената, свиревме со James Chance, DNA, Arto Lindsay, се здруживме со многу радикални филмаџии и активисти. Вчера зборувавме со Daniel Miller од Mute Resords колку е битно луѓето од алтернативната сцена да се држат заедно. Кога почнувавме, свиревме многу бенефит концерти и турнеи заедно со Cabaret Voltaire, Nico, Linton Kwesi Johnson, Gang of four, Delta 5… си помагавме меѓусебно околу изданијата, The Crass доста помагаа. Подоцна Fugazi правеа одлични работи во Америка, Nation Of Ulysses… во моментов мора да постои единство помеѓу алтернатвните бендови, и покрај малите политички несогласувања, музички афинитети и ега, алтернативната сцена мора да остане заедно.

Кружат урбани легенди дека луѓето кои ја креирале трип-хоп сцената во раните 90-ти, биле најмногу инспирирани од тебе, дали е тоа вистина?
Да, вистина е. Како што ти кажав претходно, во нашата мала бристолската сцена некои од нас имаа по 14-15 години, некои 74-75. Daddy G беше еден од моите најдобри другари, тој и Miles Johnson доаѓаа на нашите концерти, а често одевме заедно и на други панк концерти, Miles тогаш имаше четка (mohawk) фризура. Во тоа време со The Pop Group отидовме Њу Јорк, во една прилика слушајќи ги на гето-бластер локалните радио станици сфативме дека ритам машините ја превземаат работата. Тогаш го откривме Kool DJ Red Alert од Zulu Nation, кој имаше емисија на едно од првите хип хоп радиа. Сите негови емисии ги снимавме на касети, кои ги донесовме во Бристол. Мојот пријател Del, штотуку започна да црта графити, црташе и на моите касети, цел Бристол ги пресимуваше касетите на мојот двоен дек. Така започна хип хоп сцената во Бристол. Del Naja стана 3D од Massive Attack, Grantley стана Daddy G од Massive Attack, а Tricky бегаше од школо и доаѓаше во мојот сквот да слуша реге. Јас го натерав првпат да се качи на бина и му помогнав да го направи првиот албум. Бристол е сé уште мал град, ние тоа го викаме “posse”, но постојат одлични панк, хип хоп, drum and bass сцени… Доаѓаат нови генерации, како на пример Joker, потоа Pinch кој прави одличен дабстеп и соработува со мојот стар пријател Adrian Sherwood. Бристол продолжува понатаму.

На вашиот нов албум “Citizen Zombie” зборуваш за зомбификација на општеството, што мислиш со тоа?
Да, тоа е главниот проблем во моментов. Јас сум човек кој се надева. На новата плоча имам стих: “The flags of our fathers are tattered and torn”. Многу идеи од ладната војна, средновековието и сфаќањата за нацијата се застарени, бидејќи денес корпорациите одлучуваат кои политички партии ќе ги финансираат. Поенатата е да почнеш да размислуваш за светот на еден поинаков начин. Светот е сега поширок, постојат нови технологии кои требаше да нé ослободат, прашањето е како да им дадеме надеж на новите генерации, бидејќи тие технологии можеби ќе ги оневозможат да го направат тоа. Интернетот на почеток беше идеалистички простор, сега се случува мутација. Постојат два правци: едниот е да станеш зомби, дигитален роб во дигитален кафез, заробен од сите тие мобилни телефони, лап топ комјутери и таблет-и, што ќе те оневозможи да влијаеш позитивно на светот, што за мене е поентата на животот. Вторитот правец е да се обидеш да се ослободиш од конструкциите на старите истрошени идеи, банкротирани идеологии и политички концепти и да се обидеш да сонуваш во иднината. Постојат поинакви начини да се прават работите, иднината би требала да биде отворена врата, луѓето не би требало да бидат како живи мртовци од сите оние зомби филмови.

Следиш што се случува во Франција, Сирија, Украина, Грција? Се враќа ли ладната војна?
Не. Би бил среќен да можев да ти напишам есеј од 20 страници како одговор, за мене ова е економска приказна. Неодамна гледав многу интересен филм, каде еден англиски новинар поставува прашања на економисти. Сите овие луѓе од нивните канцеларии, „прекрасни“ човечки суштества кои носат одлуки бидејќи е тоа нивна работа, да ги банротираат државите, да донесат хаос, да креираат нестабилност и од тоа да заработат пари… ја знаеш онаа песна од Sex Pistols – Cash From Chaos. Во училиштата, низ историјата и политиката постојано слушаме приказни за кралеви и кралици, никогаш за луѓето. Се трудам да ги разберам двете страни од приказната, но сé некако наидувам на економски причини и мислам дека поголем дел од политичарите не знаат што прават, а често изгледа и дека не се интелигентни. Посакувам системите да бидат водени од интелигентни луѓе, а не од егата на себични глупаци. Она што најмногу ме нервира е нерамноправната дистрибуција на општите добра, седумте најбогати луѓе на светот имаат повеќе богатство од 3.5 милијарди најсиромашни. Тоа што сакам да го кажам е дека елитата треба да им даде на луѓето малку повеќе од трошките на масата.

Кој е елитата во Англија, кој е шефот?
Не знам кој е, сигурно не сум јас, хахахаха. Можеби овој разговор треба да го доправиме во паб. Една од моите поенти како музичар е дека човештвото и светот се најбитни. Вториот албум на The Pop Group се вика “For How Much Longer Do We Tolerate Mass Murder?”, бидејќи луѓето ширум светот умираа од глад, а ние не можевме да го игнорираме тоа. Како можеш да го игнорираш тоа и да пееш само за цвеќиња, бизарно е. Ние пеевме за тоа на линија на надежта, бидејќи ако ги игнорираш работите ќе станат само полоши. Кај нас во Англија постои изрека: „Ако добрите луѓе не направат ништо, лошото ќе надвладее“. Денес живееме на поинаква планета, треба да научиме да го дишеме воздухот поинаку, да влеземе во интеракција со луѓето поинаку, треба да дозволиме да пораснат поинакви цвеќиња.

Да се вратиме на повесели теми. Албумот “Citizen Zombie” излегува на 23-ти февруари. Ќе има ли светска турнеја?
Да да, албумот излегува во зомби светот хахаха, оттаму доаѓа и името на турнеата – Zombie world tour. Сакам да имам зомби бебиња во сите зомби земји каде ќе се веат зомби знамиња. Ова е зомби апокалипса хахаха.

Доаѓа ли зомби апокалипсата во Македонија?
Да. И се надевам дека Критика ќе ни помогне во тоа.