Немилосрдно и обземувачки

„This is not This Heat“ @ Thalia Hall, Чикаго, 23 јули 2019

„This Heat“ беше трочлен состав кој делуваше од крајот на седумдесеттите до почетокот на осумдесеттите. Издавајќи два албуми, насловени „This Heat“ и „Deceit“, нивната музика е некаде на тромеѓето на краут-рокот, пост-панкот и експерименталната. Творејќи во просториите на напуштена кланица, создаваат музика чиј извор може да биде било што. Според Сајмон Рејнолдс „This Heat“ со својот звучен радикализам и политички бунт, единствено можат да се споредат со огнената жестокост на „The Pop Group“.

фото: Rick Reger

This is not This Heat е група составена од двата преживеани членови на „This Heat“, Чарлс Хејварт и Чарс Булен, засилени со неколку млади музичари, Даниел О’Саливен, Френк Бинг, Алекс Вард и Џејмс Седвардс. Настапуваат веќе неколку години, изведувајќи музика на оригиналниот состав верна на духот на песните снимени скоро пред 40 години.

Моќно и жестоко. Започнуваат со силовита изведба на „Horizontal Hold“ и веднаш е јасно дека ќе присуствуваме на одличен концерт. Со два тапанари и, во некои песни, четири гитари, звукот е немилосрден и обземувачки. Се редат „ The Fall of Saygon“, „SPQR“ и други во кои главниот вокал е на Чарлс Хејварт кој има голема помош во извршување на тапанарски должности од Франк Бинг. Булен, како и во времето на „This Heat“, беше задолжен за откачени и невообичаени боења на звукот со својата гитара. Настапот, по час и половина непрекината свирка, го завршуваат со две долги импровизации и, се разбира, по такво жестоко финале нема бис, а и нема потреба. На сите ни е јасно дека бевме сведоци на вдахновена изведба на музиката на „This Heat“ која и по 40 години од создавањето сè уште е битна и има што да порача за состојбата на човештвото.