К.Н.Н.Т.

Нежно

Pukni_me

Иако музиката на ,,Клуб на невоспитани трудници’’ или К.Н.Н.Т. евоцира добро познато дистописко време, особено во контекст на сегашното официјално Скопје, обременето од “третите деца” кои ќе се поклонуваат на барокните богови, не знам зошто ме влече да го сместам бендот во друга временска (надреална) ситуација како предгрупа на Trans AM и Add N to (X), на дочек на Новата 2000 година во катакомбите на Барутана (под Калемегдан), Белград, каде активистите на Отпор делат свои памфлети против тогашниот и тамошниот режим.

Можеби поради универзалното и безвременското поимање на револтот (контра контроли, идеологии, системи, машини, традиции, навики, музички стилови, рецензии…) кој постои отсекогаш и насекаде. А можеби постои и вирее во вашата соба, додека во моментов го читате текстот на вашиот компјутер. Општ акумулиран револт кој е можеби побитен за набљудување отколку вообичаената пракса да се покажува со прст на еден институционален режим. И затоа, за почеток Нежно ја отпакува својата сирова естетика која не трпи конвенционален третман или одомаќинување, вешто скока од вашиот прозорец и бега по улиците на вашиот град.
Револтот не мора да биде единствена причина за ориентација во нивната музика. К.Н.Н.Т. е музички став кој освојува со аналогната инструментална едноставност и опскурните кратки пораки кои го чешаат вашето уво. Во исто време изискува таа нивна позитивна разиграност на сајзерски рифови и забрефтани ритмови да еволуира од ЕП – кое ‘ржи со многу заразни гаражни демо идеи – во албум кој ќе произведе продукциски острини и ќе ги унапреди од предгрупа во главен акт во поскоро реално време. Или пак нема продукциски да дели во плејлистата ако случајно се најде помеѓу The Soft Moon и Philipp Quehenberger.
Во меѓувреме, секогаш кога ќе се бара причина за бунт, ќе чуете како акустично вибрира некое ближно стакло или пак ќе се најдете некаде во промаја, сетете се на оваа 19-минутно ЕП од 6 траки од Иван Трајчев и Марко Јанев.