2/5 BZ

NO Exotic

S_K

Serhat Koksal aka 2/5 BZ е истанбулски mish-mash DJ, продуцент, аудиовизуелен реставратор, радио водител… и уште нешто малку повеќе од тоа – сериозен критичар на културните клишеа на Ориентот и Западот. Дискографски полнолетниот Коксал и после толку години на европската сцена успева да ја пронајде свежината на „новите“ медиуми на NO Exotic албумот (со извонредно ДВД издание во пакет). Со репутација на cut-up монтажер, Коксал во неговиот нов аудиовизуелен концепт NO Touristik NO Exotic се поигрува со современите придобивки на масовната култура – поп музиката, фолклорот, кичот, митовите… ставајќи ги во див синеастички микс од дадаистички размери. Коксал ги (ре)афирмира турските Б-филмови и со мала помош на електрониката создава кошмарно убедлива плоча за слусање. Со пријатна доза на хумор.
Во судирот на блискоисточните вредности, 2/5 BZ отворено ја сугерира политичката, историската и социјалната стварност на Истанбул, па и пошироко. На своја, а и наша среќа, Серхат не се вклопува во стандардниот профил на диџеј и продуцент. Избегнувајќи ја типичната four-on-the-floor ритмика, Коксал прибегнува кон „комплицираните“ колажи. Стилски, ова е сосема неопределена територија, иако евроазиските емоции се интерпретирани во секоја секунда од албумот. NO Exotic го содржи и легендарниот Peel session од 2003-та со воведните зборови на John: “Мојата омилена музика од Турција“. Албумот не престанува да скокотка со својот истражувачки дух и практично се слуша во еден здив. Ова е, секако екстремна музичка понуда од Блискиот Исток. Но, блиска за уши.

Саша Павловиќ, plagij.at 2007