Чиста Околина

Новиот аспект на старата школа

COC

A

B

Овие момци не ќе запеат ни за еден грам. Децидно населени во хип хоп просторот, скопската дружина Чиста Околина јуришно рецитира на својот касетен деби во 21-те оседлани старошколски парчиња кои конечно го заокружуваат периодот “кога гласовите мутираа”.
Ова е, сепак повеќе од сериозен албум. Чиста Околина (унија на неколку поранешни состави) со својот rappin’ (или rollin’) како сакате земете го – фрла котва во новата македонска музика. Униформирани со chillin’ ставот, со Адидас на нога и штотуку испилени од некое непознато бруклинско-скопско гето, Чиста Околина блуе по сé што не е нивно и познато. Од друга страна, лошоречивите “чистачи” се во позиција во која испорачуваат еден тон “кој ве е** филозофија”. Парада на пцости. Од друга страна, тие никого ништо не прашуваат, самите знаат сé. Сепак, на дело покажуваат дека со една ритам машина и грамофон, без семплер можат да се направат чуда. Ако ништо друго, барем ова е првиот скопски состав кој ќе ве натера да stomp-увате (нишате со глава) цела ноќ. Аргументите се тука: Римувани способности, Јас сум шеф, Во потрага по корените, Лигава материја (мојот фаворит), Одамна на веков… Но, доколку сите сакаме чиста околина, ќе биде потребно и помалку параноја. Основното школо е завршено. Одиме во “средно”.

 

мај 1996
Списание за популарна култура “Тротоар”