Nux Vomica

Nux Vomica

Агресивната музика, претежно гитарската, ама и која било друга што не се фуфка од суровоста, е таква каков што е и светот од којшто е излезена – насилна, крвава и без илузии за човечката природа. Ако таа е бескрупулозна, (само) деструктивна или оперирана од емпатија, тогаш би требало, да му се невиди – нужно е – да постои звук во којшто сè тоа ќе се преслика. Тој може да варира од блатантен нихилизам преку арт-катарза до животински натурализам. Или да не звучам толку „купувам-филозофски-четиримесечници-за-мачката-да-има-каде-да-се-пентари“, неговата форма може да биде екстремно одбивна, нагласено прочистувачка или брутална како дарвиновата селекција.

Чести се, секако, ситуациите кога сето ова – и многу повеќе – се спојува во микс којшто потребата за квалификации ја претвора во ментално измачување исто толку болно како физичката тортура во Средниот век (или во актуелните војни). На своето деби за андерграунд-гигантите Relapse, петорката од Портланд, Nux Vomica, лесно влегува во општата „бучно-гитарска“ графа и без мака успева да се издвои со забележителни екскурзии во правци „несродни“ на нивната база. А таа, за овој бенд основан во 2003 година и со две други лонгплејки зад себе, е панкот. Очигледно дека новото цеде на групата е поекспанзивно, поотворено и студиски побогато отколку што нејзината матична „сцена“ би дозволила, но и покрај тоа, во прашање се панкерчишта. И тоа побаеги умни, мудри и искусни.

Ова, сепак, во ниту еден миг не значи оти составот е нежен, внимателен и како секоја мисица на светот, искрено сонлив во желбата за мир во светот. Не, Nux Vomica на третиот албум во кариерата го земаат крастот на Discharge и со сета расположлива сила и крупна интелигенција го деформираат според сопствени сфаќања и потреби. Тоа се отелотворува во хардкор-интензитет, блек-метал параноја и епско дум-пакување на композициите. Две од нив се по 12-ина, а на третата ѝ се отстапени цели 20 минути. Во кои нив, структурата се третира како лабава скица, а не ригидна рамка од која што не смееш да избегаш дури и да можеш и да посакуваш. Динамиката тука е императорот. Патот од дното до врвот – и обратно – неколкупати се изодува, но сè помеѓу не се повторува.

Затоа секое слушање на изданието е движење низ простори кои постојано се менуваат, а не репетиција што е резултат на фиксирани идеи. Апокалипсата во стиховите на Sanity is for the Passive преминува во однапред изгубената битка со зависностите (општеството) во Reeling, а Choked at the Roots сè заокружува во ода за анти-солидарното, недоверливо и нескромно семе што скапува и не навестува баш светла иднина за човечкиот род. Без разлика како таа фактички ќе се развива, Nux Vomica веќе го снимија саундтракот. Патем, го наполнија со стрихнин.