Од Скопје со љубов | Кон концертот на ХАХАХА

Последен концерт на ХАХАХА. На време сум во МКЦ, спремен да ја изгледам понудената програма, нестрплив да ги слушнам ХАХАХА – нивниот последен албум силно ме погоди па така ова е концерт кој што со нетрпение го очекував уште од средината на август. Тоа што во меѓувреме стана јасно дека ова е последниот концерт на ХАХАХА само ја зголеми целата еуфорија околу оваа вечер.

хМАРКОх имаше чест да го отвори овој фестивал на љубовта, како што се испостави на крајот на целиот настан. Со својата акустична гитара ги отпеа своите композиции, делуваше и малку исплашено и со многу трема, како да претчуствуваше дека отвора една специјална скопска ноќ.

На сцената веќе се Anna O, претставници на хард кор сцената, толку блиска со целата приказна на ХАХАХА/Bernays Propaganda. Моја прва средба со овој состав: интересен бенд, вокалист / басист во преден план, гитарист со фантастична појава и енергија зацементирани со добар ритам.  Anna O за мене беа изненадувањето на вечерта, би сакал да бидам во право кога викам дека овие момци ќе продолжат со уште повеќе ентузијазам.

Мазно, ама не е e битолски состав кој годинава дебитираше со албумот Фкрај. Ординарен поп израз кој ме остава рамнодушен, како при преслушувањето на нивниот албум, така и при нивниот настап во живо. Не би сакал да звучам обесхрабрувачки, но Мазно, ама не е беа најслабата карика таа вечер. Можеби поттик веќе во следниот албум да добиеме нешто поинакво и провокативно.

Легендарната дансинг сала на МКЦ е спремна да издржи уште еден масивен скопски концерт. Фасцинантно е како се сите тука. Ок, тие што треба да бидат. Од околу петстотината присутни таа вечер би ги издвоил: клинки и клинци на нивни 18/19 што прв пат ги гледам; моја генерација у најголем број: Иво, Искра, Цане, Лица, Грга, па и Зафо – главниот партнер на Васко од средношколските денови…, сосем нормално би рекол, сепак ние сме генерацијата што го следи неговиот развој од времето на Бумбикс, во втората половина на деведесеттие години на минатиот век; претставници на хард кор сцената: Раде, Мунгос…; десетина соработници на Стотројка; десетици навивачи на ФК Вардар; претставници на битолското лоби во Скопје; Синиша и Љупа; претставници на кланот Атанасоски; и за крај, стара гарда у пун состав: Хинки, Тошо, Паша, Мирко, Ж’ба… Сите ние спремни да го видиме и бидеме дел од последниот танц на ХАХАХА. Концертот започнува со Сами мажи и жени, насловната композиција на нивниот последен албум. Иако е една од моите омилени песни на бендот се добива впечаток за доста млак влез во концертот: песната беше изведена во поспора верзија (ко да сте го намалиле пич-контролот на грамфонот за едно 6 проценти). Со текот на концертот станува јасно дека е тоа така со речиси сите песни од новиот албум кои што беше отсвирен во целост, заедно со избор од 5 песни од останатото творештво. Веќе кон средината на концертот почнувам да уживам во поспората изведба на песните со уште понагласена меланхолија, притоа не сум сигурен дали јас се навикнав на ”новиот” пристап или бендот влезе во саканиот ритам. На крајот на денот, оваа постава заврши одлична работа со фактот што успеа за краток рок да се спреми за овој концерт (Саша Павловиќ – бас, Дени Крстев – гитара, вокал, Кристијан Лафазановски – тапани, Васко Атанасоски – вокал и гитара). Со изведбата на Ема, емоциите почнуваат да го водат овој концерт повеќе од било кој претходно: Васко се удира по срцето и насолзен вика: За Маца, за Маца… Се придружува и Тина Горовска, воклаистката на Bernays Propagnda и музата во неговото срце, па целата домашна атмосфера во салата станува неизбежна. Васко речиси неконтролирано отпива од пивото, несебично го дели со првите редови и со неговите настапи меѓу песните го претвора концертот во омаж за македонската музичка сцена како што тој ја доживува и сака. Притоа цело време се удира по срцето, озбилен е до поврќање, he means business. Благодарен е на тие што свиреле пред него, се крсти во тие што ќе свират после него. Еден долг и темелен special thanks на сите кои што во овие години на овој или оној начин биле покрај него. Според мене, веројатно најголемиот, па ако сакате и единствениот недостаток таа вечер е фактот што не ги видовме ХАХАХА во оригиналната постава. Што точно се случило помеѓу Васко од една и Џано и Трипе од друга страна, децата што свират со него од нивните малолетни години знаат само присутните на последната, фатална турнеја за бендот. На крајот на денот тоа воопшто и не е битно, бендовите во основа се склони кон распаѓање, и како што гласеше најавата за овој концерт, Не постои смрт – само промена на светови така е повеќе од јасно дека сите инволвирани ќе продолжат по својот нов пат: и Васко и Џано и Трипе. И тие се дел од севкупниот special thanks на Васко, се разбира присутни се на концертот и за прв пат се во позиција од публика да ги следат песните на ХАХАХА. Со изведбата на Младите не се млади, 2 милиони тркалачки камења и Радио моторика, концертот го достигнува зенитот и веќе е јасно дека сме при крајот.  За крај, Сакам дома да живеам и Колку назад можеш да се вратиш, со стејџ дајвинг, со пуно солзи, со целосна еуфорија во салата, со све. Тхе енд драги гледачи. Кој виде, виде.  Бис нема, а веројатно никогаш и нема да го има кога зборуваме за концерт на некој од бендовите на господинот Атанасоски, најгласниот поет на мојата генерација.

 

 

фотографии:
Александар Михајловски
Зденко Петровски

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20