Онтологија на еден вечен театарски радикализам

Кон ‘Mladinsko Showcase’ на Словенско Младинско Гледалишче од Љубљана

Театарската сцена е секогаш отворена. Дури и кога е спуштена завесата. Просторот чија мултисигнификантност инспирира, проколнува и благословува, никогаш не умира. Сите честички во тој воздих кои се невидливи се заостанати здивови или можеби обриси од некакви движења и и крикови. Во тие невидливи координати оние што ќе влезат во тој простор минуваат многу животи и тоа не им е доста. Секоја вечер се навраќаат повторно таму. Секој ден пробуваат да зачекорат или да проговорат, а кога ќе проговорат сакаат да подарат дел од себе, од својот духовен хабитус, од своето постоење, од својата невидливост барајќи одговор на прашањата на кои во вистинскиот живот, надвор од сцената никогаш нема да најдат.

Словенско Младинско Гледалишче во основа театарот го гледа како вруток од прашања низ чии лавиринти ја гради својата секогаш потентна радикалност. Тој театар има сепство какво што нема ниеден друг театар на овие простори: се движи на работ од продуктивноста на деструкцијата. Иако контраверзно, ова објаснување е иницијална промисла која веројатно не вомјази патувајќи низ скриените ходници на онаа, друга животна обликуваност, на онаа друга епика и лирика, на онаа друга субординарна преориентираност каде ликовите ги играат оние епизоди кои авторите не ги напишале или можеби се провлекле меѓу репликите, меѓу дидаскалиите, меѓу режисерските белешки, меѓу флуидите надвор од пробите, меѓу контекстите кои никој од нив не ги кажал дома, а ги кажал на проба, а што е најопасно на претстава. Шесте претстави во овој мини-фестивал не освестуваат не заради својата другост во режиските конципираности, не заради политиката на театарот кој носи се пред себе кога семантиката на злото или на љубовта станува токсична, а ние не сме имуни на неа, туку заради својата бунтовна иконокластика и во формална и во содржинска смисла. Младинско протежира поетика на суровост која е насушно потребна не само на овие простори. Со сите режисерски концепти и начини на мислење, оваа извонредно особена театарска институција објавува долгогодишна војна на сценскиот еуфемизам под чии плаштови се кријат многу цеивилизациски дилеми. Имено, политичката и општествена некоректност како примарна инспирација на многу режисерски имиња во овој театар станува еден сценичен „реалитет“ кој обединува или разединува ако сме самодоволни како публика. Сензибилитетот на актерскиот ансамбл е во исто време и лидер и апстинент, и тивок сојузник и бучен непрокопсаник, една енергија која сите начини на промислување ги метаболизира во ликови кои секако дека досега не сме ги виделе. Затоа онтолошката еманципираност на Младинско е дериват на временската машина на векот кој врие од политички недоследности и се заканува да ни ги стави на тацна рецидивите на автократските постулати во замена за слободата на духот која никако да ја почувствуваме.

Showcase-от на Младинско оваа година го сочинуваа претставите „Спротивни работи“ (Nasprotje stvari) по текст на Борис Никитин и во негова режија, „Народно помирување: претстава за туристи“ (Narodna sprava: Predstava za turiste) по изворната кореографија на Мари Стоклоса и по текст и режија на Војтех Зјемилски во копродукција со театарот Комуна од Варшава, „6“, во режија на Жига Дивјак во копродукција со Маска од Љубљана, „Проклет да е предавникот на својата татковина“ (Proklet naj bo izdajalec svoje domovine) по текст на Оливер Фрљиќ и во негова режија, „Народно помирување: (пејзажи на слободата) (Narodna sprava: Krajine svobode) по текст на Ана Вујановиќ и Марта Попивода и „Сè уште без наслов“ (še ni naslova) по текст на Симона Семенич, а во режија на Томи Јанежиќ. Шест дијаметрално различни начини на мислење и шест дијаболични сцени кои зрачат со непобитна актуелност, со сцени кои не ги допираат, туку ги зграбуваат политичките, социјалните и интимните конфликти во нас и надвор од нас. Сите контексти кои ги апострофираат и ги анализираат режиските концепти, а ги артикулираат актерските екипи имаат феноменолошка дисонантност и тоа импонира не само како рационален еквилибриум, туку и како првично, симпатичко толкување на нивните семантики.


Фотографија: Matej Povše

Импресивна е првата претстава каде и режисерот и авторот е ист: Борис Никитин. Политичка per excellence, „Спротивни работи“ е своевидна вивисекција на неприкосновените стравови на калкулантската суровост на она надоаѓачкото автократско „нео“. Целта на деконтекстуализираните и намерно директни памфлетски пасажи е да се отвори оној сив визир на светогледот кој евентуално би го одбегнали како граѓани, а не како национални припадници. Имено, петте актери говорат за различните компоненти на компримираниот општествен гнев артикулиран низ иронични изразни констелации каде музичката е најдистрозирана, но е најимпактна. Иван Петернељ, Примож Безјак, Јања Мајзељ, Стане Томазин и Блаж Шеф откинуваат дел од најнепосакуваните социјални и општествени окружја и од тоа прават екстравагантна инсценација каде монологот е емотивна епрувета во која се сместуваат токсични термини и тие стануваат дел од актерскиот корпус каде улогите имаат фактичко, но и фатичко дејство. Фашизмот и неговиот арументен и артистичен предзнак стојат во една субординарна епика во која овие четири актери и една актерка градат сива кула со дупки од кои ѕиркаат демонски креатури, но… Тие добро знаат дека ние тоа како публика го прифаќаме само заради предупредувачките компоненти, заради нашата еклатантна жед за крв од која интимно не сакаме да побегнеме, па целата поетична дисторзија на фашизмот ја јадеме како одамна заборавено и замрзнато забрането овошје. Субверзијата во целата претстава која во нашата свест имплодира, но не не отфрла како катапулт ни ја наметнува анксиозноста како опркужување од кое интимно никогаш не сме излегле колку и да ни бил лагоден животот. „Спротивни работи“ допира многу политички вирални состојби не само на овие простори, туку и генерално, како цивилизациски егзодус. Борис Никитин е писател и театарски режисер со интернационална кариера и оваа претстава е дел од неговиот ангажман во политичкиот театар каде на исклучително аналитичен начин навлегува во порите на една циклично дизавуирана реалност и создава ригидни перформанси каде теориските епистемологии се сублимираат низ актерскиот инструментариум и стануваат еклатантно актуелни.

Кратката претстава „Народно помирување: Претстава за туристи“ е дел од неколку претстави кои ги сублимираат интимните со политичките контексти користејќи разни театарски модалитети. Така т.н. „Претстава за туристи“ е сублимат од кореографија и диајлошка форма која ја има на англиски јазик и тој наметнат туристички шмек го играат тројца актери: Примож Безјак, Дамјана Черне и Марија Стоклоса. Интимните инспиративни тематски облежја кои се однесуваат на симплифицирани дејствија што понатаму се комплицираат на почетокот се на ниво на показ од страна на двајцата „водичи“ експонирани низ една ситна, но значенска гестовна оркестрираност од актерката која не говори, но чии движења носат една креативна констернираност која отвора една интерактивност со пибликата, но и една интертекстуалност со реторички значења. Имано, базичните чувства и состојби во политички немирни и нелогични времиња носат пластика на страв и дисторзија. Овие релации до крајот на претставата добиваат на тензија и отвораат значења кои публиката си ги проблематизира за време на претставата. Овој копродукциски проект со Комуна од Варшава по текст и во режија на Војтек Зиемилски е еклатантен пример за ригиден спој меѓу движењето и говорниот сегмент во една кратка есеистичка варијанта која поставува низа прашања кои го допираат нашето секојдневие, но и историските тежини што ги носи цивилизацијата.

Претставата „6“ работена по документарни текстови и по актерски текстови се однесува на невклопувањето на на деца баратели на азил во студентскиот дом во Крањ. Претставата е потресна исповед која ја пренесуваат пет актери: Изток Драбик Југ, Аља Капун, Катарина Стегнар, Вито Вајс и Грегор Зорц. Она што е индикативно за оваа претстава е тоа што актерите многу верно го одигруваат својот однос кон тој конфликт од дискриминаторски размер. Нивниот личен однос во исповедните тиради има фасцинанти валери и тие делуваат како едно, како актерски органичен механизам кој истура еден радикализам на многу специфичен начин така што оваа претстава со својата интактност делува многу емотивно и инспириачки кон нас. Всушност, режисерот на претставата Жига Дивјак успева низ исповедните монолози на актерите кои с еполни и со факти и со нивни коментари да ја отвори таа Пандорина кутија на дискриминацијата говорејќи им со својот концепт дека таа не е плод на општествено движење, туку дека потекнува од еден чисто интимен конфликт со самиот себе, со својите нерасчистени сметки во односот кон другите.

Фотографија: Matej Povše

Во тој контекст е и втората претстава „Народно помирување: Пејзажи на слободата“ по текст и во режија на Ана Вујановиќ и Марта Попивода. Оваа претстава е еден вид на мизансценско и ликовно метаболизирање на Југословенското минато. Колективната меморија на антифашискитчкото дејствување за време на Втората светска војна е главниот инспиративен мотор на оваа ликовно експонирана претстава. Трите актерки Дамјана Черне, Вида Руцли и Катарина Стегнар ги вмрежуваат текстуалните пасажи (кои ги слушаме околу нас како исповеди) во ликовните инсталации низ кои се движат со чекори кои наметнуваат собитија во едно духовно преинсталирање на сеќавањата кога потребата од слобода била дел од една идеолошка матрица чии еха носат временсти тектоники од кои се раѓаат нови политички промислувања. Двочасовното промешувања на визуелните и говорните сеќавања премостувани со една торжествена, но сигнификантна кореографија направија една компримирана иконокластика која своите цинични идеограми ги стационира во нашите сублимати, како публика во која голем дел немаат реално sense memory на случувањата од Втората Светкса војна на тлото од поранешната Југославија. Се чини дека оваа претстава некако епистоларно делува на нашата мемориска епика, на нашето согледување, или можеби визионирање на минато кое има дистописка нитка, една возуелно-говорна контравезра што не не остава рамнодушни без обѕир на фактот што целата претстава имаше една лежерна атмосфера.

 

„Проклет да е предавникот на својата татковина“ е стих од химната на Југословенската федерација кој Оливер Фрљиќ, како режисер кој долго време понира во политичките придвижувања го употребил како наслов на претставата што френетично се одвива во некои деведесетина минути пред нашите очи, но и пред рационалните соблазнувања од меморијата на една политичка хипокризија. Синтагмата „рационални соблазнувања“ ја употребив намерно иако таа наметнува една и лингвална и значенска контраверза. Имено, химната „Еј Словени“ која имаше препеви колку што имаше и народи во таа хибридна Југославија во оваа претстава станува поле за една сурова анализа на вирусот кој ја распарчи таа југословенска идила. Хипокритичната матрица на таа историска мултинационална „социјалитичка“ земја е инспирација за драматуршката предлошка на Борут Шепаровиќ и Томаж Топоришиќ, но целата претстава е создадена од актерските импровизации на Примож Безјак, Олга Град, Урош Каурин, Борис Кос, Урош Мачек, Драга Поточњак, Матеј Рецер, Романа Шелхар, Дарио Варга и Матија Вастл. Сцените кои од едвај чујна мелодија која потсетува на „Еј, Словени“ се развива во една фуриозна констелација која циничните сегменти ги натопува со сурова интерпретација на болните точки од времето кога сите живеевме во „братство-единство“. Темните обележја на тоа „чија националност си“ и „од каде си“ помешани со модните ревии во кои единствената облека е југословенското знаме и музички поддржани од песната „Југословенка“ на Лепа Брена, во осумдесеттите години симбол на таа слаткаста и пластична народна идила ги поттикнуваат црните визии на она што понатаму се покажа како страотна реалност. Фрљиќ остава простор за перпетуирање на сите сцени што тој ги нуди како еден горчливо-езотеричен енцефалограм и не поведува во нешто во што ние во моментот додека ја гледаме претставата се чувствуваме бескрајно измамени. Барем ние кои го почувствувавме вкусот на таа слатко-горчлива хипокризија. Оваа претстава пренесува  мета-анализа на една компримирана хистерија која во деведесеттите години чинеше море крв. Претставата посебно импонира со својата рудиментарност и импактност, но и со актерската компактност чиј ангажман претставува ‘рбет на целата оваа анализа.

Деветчасовната претстава „Сè уште без наслов“ по текст на Симона Семенич и во режија на Томи Јанежич претставува театарско доживување per excellence. После подолго размислување за тоа како би ја нарекол оваа претстава која има масивна сигнификантност и е преполна со информации и изразни средства, на ум ми падна синтагмата „театарска инвазија“ која во позитивна смисла означува целосен опфат на нашиот духовен хабитус и како публика и како индивидуи. Верувајќи дека ова е втор обид на Томи Јанежич после неговиот исто така моќен „Галеб“ во Срското Народно Позориште во Нови Сад работен во сличен стил, оваа претстава остава неизбришлив впечток и некако како да не допушта целосна рационализација на сè што се одигра пред очите на публиката. Интелекталниот флерт кој донесе на сцена многу актерска енергија, но и многу концептуални недоумици, не насочи кон тоа театарот да го опсервираме како есеј, како еден дистанциран modus operandi, една несегрегирана уметност каде и исповедта и актерскиот мизансцен, и емотивните категории се разминуваат, но и се вмешуваат, се блендираат како во соковник, но и ни се вовлекуваат во целата приватност додека седиме на меките фотелчиња и ги следиме сите нивни обраќања, режисерските индикации кои се епископални и за нас и за нив, во многу моменти не вовлекуваат вои дејствието и во одредени делници дејствијата ги извршуваат во реален временски опсег и со вистинска енергија што не наведува нашата интимна екскурзија на ова парче земја која срамежливо ја нарекуваме „живот“ да ја прерационализираме, но и есенцијално да се исплачеме над нашите депресии, над нашите таги и губитоци. Оваа претстава има силен емотивен катализатор и симпатичкиот мост со публиката го гради низ една суштинска релација, а тоа е преку индивидуалната регресивност. Зошто регресивност? Томи Јанежич многу умно ги импрегнира сите лични искуства во драматургијата која и самиот повремено ја преориентира кон неговата сопствена дилема: ќе се вгнезди ли оваа претстава во главите и органите на публиката онака како што личните искуства на актерите се имплементираат во ликовите кои тие скоро медијаторски ги претвораат во биографски метафакти. Регресивноста во исповедните делници (а ги има во огромен број) нуди едно чудно sense memory кое го препознаваме низ нашите еклатантни емотивни катастрофи, низ нашите трагични себеспознавања и заедничките сеќавања со актерите кои повремено резултираат со еден in flagranti структуралистички призори од кои неколку пати (искрено, многу искрено) ми застана здивот. Гледајќи ја оваа импресивна претстава имаме чувство дека и режисерот и актерите добро не познаваат и многу инстинктивно ние во сцените на повторувањето на љубовните запознавања, во сцените на трагичните несреќи каде е за жал невозможно да се спаси девојката, во сцените каде ангелот има секс со девојката, во сцените каде истиот тој сексуален акт до крај го понижува не Дон Жуан, туку актерот кој долго се подготвувал да биде Дон Жуан, во сцените каде режисерот бесен што оваа претстава нема катарза почнува со цела сила да ја крши големата маса каде актерите се собрале повторно да се исповедаат истоштени од судбинските прераскажувања на една те иста приказна, од исповедта на Драга Поточњак за флагрантната сцена во „Убавица и ѕвер “ на Иво Светина во режија на Душан Јовановиќ пред повеќе од триесет години, каде историските давења на духот прават од Дон Жуан артифициелен Јети за кого женско битие веќе нема на нишан, во излудените затрчувања во празно од каде излегува една арогантност за која не сме свесни, но актерите навистина го коментираат тоа и овие мисли Јанежич некако „измамнички“ ни ги вовлекува во кортексот правејќи да го сонуваме и пресонуваме она што го видовме. Во формална смисла „Сè уште без наслов“, откочува еден механизам кој, се чини, беше долго за’рѓан во театарската, а тоа е тоталниот театар, театар кој во себе ги содржи сите формални компоненти: интимен театар, физички театар, Брехтовски театар, реалистичен театар.“ Едно целосно театарско доживување на кое Томи Јанежич не може да му го одздеме единственото нешто – времето. Со актерите и со него поминавме незборавен ден на двете сцени на Словенско Младинско Гледалишче. Ден кој потписникот на овие редови нема да го заборави до крајот на животот. Оние кои го одживеаја овој театарски чин со реално и иреално време во нивните дејствија со есеистички приод се: Неда Р. Бриц, Даша Доберчек, Томи Јанежич, Наташа Кецер, Борис Кос, Мирјана Медојевиќ, Ања Новак, Драга Поточњак, Матеј Рецер, Блаж Шеф, Даниел Деј Шкуфца, Стане Томазин, Матија Вастл. Нивниот ангажман е антологиски. Нивната енергија делува вознемирувачки и повремено исцелително. Тие го подигнуваат адреналинот на публиката и … сите поминуваме низ едно чистилиште каде навистина мислиме дека театарот е овде, во нашите пори, во нашите желби, во нашите таги, во нашите гневови, воопто во целиот наш spiritus movens.

Фотографија: Žiga Koritnik

Младинско Showsace-от е Авалон за театаркиот иновативен процес во Европа. Овој по многу нешта специфичен театар не прекинува да пребарува внатре во длабочината на театарскиот имагинариум. Временскиот теснец во сите нас, инструиран од политичките превирања кои никогаш не се на страна на оние кои влегле да гледаат нешто ново на сцената, ги става во клинч артистичните импланти на новото време со плиткото апострофирање на она што значи глобално политичко движење. Младинско во театарска смисла зграбува голем простор со својот ангажман и претставите што ги продуцира овој театар имаат ингениозна моќ на промена на менталитетот и духот, која е исклучително тешка кога се работи за време каде што информацијата е најголемиот израз на духовната „измама“, а емотивниот постамент блендиран во надежта и летаргијата. Овој театар има нескршлива феноменолошка структура, има онтолошки енцефалограм чиј крвоток тече во слапови и повремено ја отвора земјата за сите да видиме дека внатре е многу темно. Јас искрено верувам дека Младинско е глорификантен театар и дека таков и ќе остане. Дека ќе има уште многу што да каже и дека ќе го слушнат доста далеку иако го има на многу меридијани. И дека тој остар и иритантен радикализам ќе остане во неговите дамари. За навек.