Отровот на вистината

Кон „Тартиф“, по Молиер, во режија на Игор Вук Торбица, Српски народен театар Нови Сад и Народен театар Сомбор

По завршувањето на оваа, по многу нешта комплексна интерпретација на Молиеровиот „Тартиф“ многу наврапито ми се наметна прашањето: која е вистинската причина заради која пред повеќе од пет векови кралот Луј XIV ја забранил изведбата на ова парадигматично класично драмско дело. Франсис Реј и Жан Лакутур во својата книга „Молиер и кралот“ во 2007 година распрснуваат една можна конвергенција на одлуката на тогашниот монарх, а таа се базира на можната злоупотреба на случајот „Тартиф, или натрапникот“ во животот на обичниот човек која евентуално би довела до дефинитивна и болна девастација на наjсуштественото и најсветото јадро во општеството – семејството.

Тоа значи дека религиската компонента во оваа пиеса не е пресудна иако Парискиот надбискуп во тоа време бил најгласен со заканите за екскомуникација за секого кој ќе ја погледне претставата на Молиер и дека таа носи непростлива навреда кон црквата. „Тартиф“ како пиеса пишувана во александрински стих, мошне деликатно драматски конструирана, останала цивилизациски симптом во кој се импрегнирани и социјалните и општествените, а во некоја рака и религиските контексти на едно општество.

Верзијата на Игор Вук Торбица го прескокнува религискиот аспект, но длабоко навлегува во таа „злоупотреба“ од која пред многу години искрено и можеби наивно се плашел Луј XIV. Овој монарх многу го поддржувал Молиер знаејќи ја неговата бунтовност и контраверзност, но оваа пиеса премногу го уплашила токму заради неговата грижа за благосотојбата на граѓаните кои во добар дел биле гладни, боси и голи. Оваа матрица има своја слика во негатив во ова време и Торбица задирајќи во тие хипокритични струења на денешното општество многу храбро религијата ја заменува со политика. Овој „Тартиф“ плени со својата едноставност и со фундаментално искомплицираната дрматургија. Додека ја гледате оваа претстава имате чувство дека можеби ни Молиер не помислил на некои аспекти на кои инсисира режисерот. Првото изненадување е блиската врска на Дорина со Елмира. „Дорина е сестра на Елмира?“, се потпрашувате додека бескрајно талентираната Хана Селимовиќ ви ја фрла таа реплика в лице уште на самиот почеток на претставата која половината се игра при осветелено гледалиште. Режискиот концепт има сонди длабоко во класичните толкувања на овој драмски текст, но без остаток го има и легитимитетот на анализа на современата хипокризија која тој многу успешно ја дисеминизира низ целото семејство. Емотивните и материјални рани во ова семејство на кое насушно му е потребен советник се длабоки и неизлечиви, исто како што е неизлечив и егоцентризмот на денешните семејни дружби преполни со нетолеранција и лага. Конечно, низ расправите кои го раскинуваат семејното јадро на Оргон како скапана урма ја откриваме онаа најдалечна желба и најдлабоката копнеж на секој од нив – вистината. Тоа е всушност и крајната помисла за оваа претстава – „Тартиф“ на Игор Торбица е претстава за вистината, за нејзината неумоливост и суровост, за нејзината непоколебливост и бескомпримисност.

Александринецот и римата кај Молиер не се само етикеција и театарска традиција во тој напудрен седумнаесетти век, туку тие биле и своевиден пакет од најразлични пристојности во чија содржина се кријат сите бактерии на конзервативизмот, а кој од друга страна станува рак-рана на денешната цивлизациска Содома и Гомора. Токму затоа режисерот александринецот го сместува во репликите на Госпоѓата Пернел и повремено кога „сè е во ред“ или „ништо не е во ред“: Целата друга говорна партитура е реторична и болна, интимна и отровна. Сите други реплики се длабоко понирање во темните ходници на душите на Елмира, Дамис, Валер, Маријана, Клеант, а најмногу на Оргон и на Дорина. Тука Тартиф се појавува како катализатор. Целата лицемерна конфузија кај него е всушност поредок кој семејството го почитува повеќе од Библијата. Тоа е, се чини вистинската причина зошто мудрата режиска палка на Торбица ја отфрлил религијата. Општествениот галиматијас има политички корени и тие раѓаат лицемерност како плод кој семејството не издржува да не го изеде. Сè друго е рутина.

Актерските креации ги заоструваат боите на оваа дефинитивно иновативна интерпретација на „Тартиф“. Пред осветлениот салон на публиката првиот монолог го говори Дорина. Хана Селимовиќ еманира неверојатно силна енергија одигрувајќи една Дорина која во принцип не е слугинка и како сестра на Елмира ја знае секоја пора на куќата чија „хармонија“ ја нарушил посетителот од надвор. Ваквата Дорина е благотворен егземплар на трагикомичен лик со валери чиј број никогаш нема да го знаеме. Хана и покрај тоа што напати коментира, таа ликот го води најмногу во дослух со Молиер, но не со априорната драматургија на стихувано напишаната Дорина, туку со крвта која избива од меѓу стиховите. Оваа Дорина е длабоко загрижена за новонастанатата состојба во семејството чија интимно-флуидна „кореспонденција“ е нарушена и таа е загрижана за две работи: за бракот на својата сестра Елмира, но и за откривањето на добро покриените тајни кои се многу попогубни. Конечно, Хана Селимовиќ развива лик чии амплитуди во значенска смисла се високи и импресивни. Таа својата Дорина ја приклучува на антологиските улоги кои се знак за актерка која, и покрај тоа што е сè уште млада веќе станува обележје на еден современ актерски сензибилитет на овие простори. Кога сме веќе кај тајните, не можеме, а да не прејдеме на најопасните делови од претставата која гледа во публиката онолку колку што и публиката гледа во неа. Тоа е еден семиотички интензивно одржуван дисбаланс, всушност една естетика за која се пишува посебна студија. Најопасниот дел во јадрото на овој „Тартиф“ како што споменав погоре е вистината. Се чини дека вистината е тој гравиден апостроф кој го раскршува согледувањето на „семејството“ како аксиоматски поставена целина наспроти „хипокритот“ како еклатантно дисторзиран адресант заради кој и постои целата пиеса. Парафразирана погоре, таа вистина математички точно го отфрла лицемерието на принцип на кој минусот помножен со минус дава плус. Едноставна аритметичка релација која се мултиплицира со сите други ликови освен со Оргон и Тартиф. Така Елмира, чиј брак останува на стаклени нозе ја гледаме како потполно изгубена жена која за првпат во оваа концепција не е априорен сексуален објект, туку е избезумена симпатична женичка која искомплицираната ситуација ја наведува да сфати дека како втора жена на Оргон не успеала да добие ништо во животот. Таа линија на сопруга која од релативизирање на сè освен нејзините аспирации кон помладите до длабоко изневерена „сопруга“ Тијана Матковиќ ја игра мошне умешно. Во целата нејзина интерпретација го чувствуваме тој меланхоличен призвук кој расте сè повеќе и повеќе. Една од најинтригантните улоги во овој „Тартиф“ е онаа на Клеант. Драматуршки секогаш во сенка на главниот лик, братот на Елмира овде е лицемерна лисица која бидува разкринкана многу брзо. Но, Марко Марковиќ овој лик го одигрува со една доза на милозвучен негативец за кого во прво време би помислиле дека е една верзија на млад Тартиф. Но, секако, на Клеант му фали доследност и итрост и Марко Марковиќ од периферен лик кој го има доста на сцената, прави вистинска бравура, еден своевиден Арсен Лупен чија рака е фатена токму во моментот кога е сигурен дека дијамнтската бразлетна е негова. На истата релација е и енергичниот и индолентен Дамис, маркантен младич кој во интерпретација на Марко Савиќ делува толку наметливо што станува ригидно смешен. Овој Дамис Марко Савиќ го доловува многу експлицитно и неговата вистина, се чини дека заедно со онаа на Клеант го одмотува клопчето кое Тартиф убаво го обвиткува околу сите членови на семејството и тие, за жал, не можат да излезат од тие испреплетени конци. Во таа наезда на неоткриената вистина како колатерална штета се вљубениот пар Валер и Маријана кои кај Молиер го губат она највредното, она кое одамна го немало во таа куќа – љубовта. Младиот и современ вљубен пар наспроти сето она што значи напнатост заради дојденецот во куќата си го игра својот филм и сосема наивно навлегува во тие испрелетени конци кои носат смрт, а за која во замена им се нуди послушност. На сите. Душан Вукашиновиќ и Даница Грубачки инспирирани од љубовната возбуда и разочарувањето кое ја започнува таа дисхармонија во семејството се многу интересно дуо кои, од друга страна многу хармонично ги одигруваат своите улоги.

Послушноста во замена за смртта и вистината се територија на хоризонталата на оваа претстава – Оргон и Тартиф. Кога велам хоризонтална, не мислам на еднолинеарност и прагматичност. Напротив, оваа хоризонтала значи две различни животни филозофии: онаа Епикурејската на Оргон и онаа Макијавелистичката на Тартиф. Нинослав Ѓорѓевиќ овој Оргон ни го принесува како исклучително прагматична непознатица. Во сите други видувања на „Тартиф“, Оргон е прочитана книга уште со самиот негов влез на сцената. Оргон на Ѓорѓевиќ носи една енигма која значи: „што се случува со мене?“ Но, мазохистичката компонента не му дава да си одговори на тоа прашање. И тоа еквилибрирање на овој одличен актер е бесценето за целата претстава. Нинослав Ѓорѓевиќ го игра Оргон кој длабоко во себе проблематизира сè, и се чини дека тој ја знае вистинската причина зошто го довел тој компелетен туѓинец во куќата. Ѓорѓевиќ не е занесен од „праведноста“ на Тартиф, тој е понесен од големата надеж дека овој човек ќе му помогне да ја реши целата дисторзија во неговиот дом за која сите мислат дека не ја гледа, но се лажат. Фантастична интерпретација вредна за секој респект.

Напоменав дека Тартиф во оваа верзија е катализатор. Овој Тартиф нема никакви аспирации и би бил среќен ако е правилно сфатен. Би сакал да заведе мир, да се врати хармонијата на семејството, но сè што ќе се постигне со мировниот процес да биде многу елегантно заведено таму каде што треба. Семејството се занимава со своите интриги, а Тартиф со будно бележење. И секако, ништо не му бега од вниманието. Како се растура провидната семејна идила Тартиф во концептот на Торбица станува светец на нашето време – извалкан и расипан. До срж. Торбица во оваа претстава заговара време без светци, без свети нешта, без вредности и на раб на истребување и неговиот Тартиф е токму тоа – апотеоза на елементарна расипаност завиткана во политичка обланда. Саша Торлаковиќ овој Тартиф го игра со една зачудна смиреност која ја одржува во текот на целата претстава и од незабележливо човече кое ѕирка од десниот портал некаде на средината на претставата станува лајт мотив на едно време во кое најинтимните релации се нешто налик на одење по жица над амбисот наречен судбина. Ја споменувам судбината затоа што Саша Торлаковиќ ја има за цело време во неговиот поттекст, во неговите рационални пасажи и во тензичните паузи кои тој многу зрело ги дозира градејќи лик кој до крај импонира со својето legato, а од друга страна и со својата повремена глазура на арогантност. Саша Торлаковиќ како искусен актер оваа исклучително комплицирана партитура ја одигрува со голема вдахновеност правејќи лик кој останува долго во сеќавање.
Голем антипод на оваа дисхармоничка семејна симфонија е Госпоѓа Пернел која се обидува да ги потсети сите на убавините на традиционалноста и посветеноста на семејните вредности здушно говорејќи ги стиховите на Молиер кои пак, од друга страна наведуваат на една естетски потцртана архаика и во концептуална и во актерска смисла. Билјана Кескеновиќ прави вистински значајна епизода одигрувајќи ја ужаснатата од лошата семејна состојба мајка на неспокојниот Оргон.

Една од најинтересните компоненти во оваа претстава е оној мета-реалитет кој погледнат од сцената е реалитет кој театарот го препознава како бекство од излузијата, а публиката како флерт со нивниот реалитет со кој дошле од своите домови. Оваа компонента е исто така мотив за посебна студија, но како актерска присутност е исклучително интересна и е отелотворена во ликот на хаусмајстор кој постојано влегува на сцената прекинувајќи го дејствието носејќи една енергија која се изразува преку неговите коментари на истото дејствие. Интересно е тоа што овој лик е вметнат и го носи ликот на слугата во друго едно мошне интересно дело на Молиер – Мизантроп и се вика Баск. Немања Бакиќ овој впачатлив епизоден лик го одигрува со голема смисла за хумор.
Не можеме, а да не ги споменеме оние кои ја носат coda-та во оваа приказна, а тоа се замените за Господинот Лоајал и Стражарот со современите судски извршители кои ги играат доста инспирирано Милорад Капор и Драгана Шуша.
Сценографијата на Андрија Рондовиќ и костимографијата на Елисавета Татиќ Чутурило се многу едноставни и ненаметливи, но токму таа едноставност наведува на помислата дека визуелниот контекст може да возбуди со еден потег. И покрај тоа што се без остаток комплементарни, и костимите и сцената дишат со една внатрешна сигнификанстност и се своевиднен коментар на самото дејствие посебно низ деталјите како што е експонирањето на името на Тартиф како случај за целото семејство преку кој тоа си ги испитува своите внатрешни анималии. Музиката на Владимир Пејковиќ не го следи дејствието. Таа ги следи ликовите, нивните турбуленции и амплитуди и исклучително возбудува со својата мудрост и елоквентност.

„Тартиф“ на Игор Вук Торбица е претстава за отровот на вистината, за политичката манипулација која неосетно навлегува во дамарите на семејството, за дијахрониката на еден век кој сите мислевме дека завршил, но тоа време застанало во нашите глави. Измамата е цврста ѕидина која на овие простори многу тешко се разбива, макар да се направи пукнатина и ние да помислиме дека еве, не огреало некакво сонце и покрај тоа што духот ни замира во мрак. Во добар дел од овој „Тартиф“ се скоро сите актери на сцената. Нивната органика е антологиска и впечатокот за ова театарско доживување е незаборавен.