Отсутното јадро на присутноста

Кон романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова во издание на Темплум, Скопје, 2018

Контемплативноста има прагматична опсценост која инспирира, но создава чувство на лесен страв кој нè измачува повеќе од моментниот, силен отровен трепет на кој долго се сеќаваме. Овој лесен страв кој ни се вовлекува под кожата го живееме долго и тој ни го истоштува духот, па нашиот уморен ум раѓа фантазмагории, фрагментарни прикази и неспоиви синтагми – делови од животот кој нè казнил, заслужиле ние или не. Шри Чинмој говори дека контемплацијата го поистоветува патот кон целта со самата цел, но големиот поет Винстон Хју Одн контемплацијата ја поистоветува со „денско сонување кое постанува оброк каде што сликите (илузиите) се тие што се изедени“. Николина Андова Шопова е поетеса и се чини дека овој цитат некако многу одговара на нејзиниот дебитантски роман „Некој бил тука.“

Доживувајќи го насловот како филозофска премиса за присутноста, за цело време додека „го голтав“ текстот ми се наметнуваше мислата за „неприсутноста“, за обратниот учинок од оној што авторката го преплетува преку сите книжевно-темпорални осцилации и психолошки шаради чија есенција многу умно ја процедила. Интензивирајќи ги инсинуантните родовите превирања во краткиот роман од одвај нешто повеќе од стотина страници авторката се одлучила присутноста да ја „инсценира“ преку „просторната“ отсутност. Главниот протагонист во романот, средовечниот животен губитник кој решава да влезе во љубовна авантура користејќи нечиј друг стан, друг животен простор станува експлицитен роб токму на „неприсутноста.“ Иако при некое симплифицирано просудување би се повикал на она чувство дека кога престојувате некаде си помислувате дека некогаш сте биле таму, но реално никогаш не сте биле, туѓата присутност, емотивните дамари и рационалните конструкти од другата присутност стануваат еклатантна инспирација својот незаменлив губиток да го премодифицирате во животна пресвртница. Се разбира, лажна. Со што фасцинира овој краток роман? Конгломератот од љубов, секс, хедонизам, среќа, тага и недоразбирање кај оваа авторка има една длабоко импресионистичка тегобност. Ненадоместливиот губиток на својата ќерка, главниот лик во романот се обидува да го отелотвори во други присутности и тие ги повикува секогаш кога неговото его има супстанцијална криза и токму тој, во неговиот сега веќе ефемерен живот се обидува својата „неприсутност“ да ја метаболизира со туѓата, дефинитивно нелогична „присутност“. Токму тој артифициелен ерес ја прави оваа приказна уникатна. И токму насловот „Некој бил тука“ во целост ме инспирира да ја побарам во ова прекрасно четиво „неприсутноста“ која, за жал, во виртуелниот секојдневен композит сите ја чувствуваме како бреме, иако потајно помислуваме на неа како на прибежиште.

Николина Андова Шопова овој свој прв роман го пишува како флерт на просторот со дезинтегрираната индивидуа на која веќе не и е битно каков ќе и биде животот. Погоре споменав родови осцилации. Авторката за главен јунак во овој роман има маж. А повремено, во текстот и граматчки пишува во женски род. Оваа консекутивна андрогиност отвора една друга димензија, а тоа е мета-интактноста. Во семантичка смисла, ситуациите се прелеваат како изместени семејни и родови знакови (ќерка, татко, сопруга, дом, огниште) чија експонираност носи со себе една ригидна епистоларност, но на различна адреса. Метаинтактноста е духовен „лажен екстремитет“ кој го чувствуваме како нервен љубоморно сокриен адут за да се оправдаме себеси за сè што било еретично во нашиот интимен живот. „Некој бил тука“ има нарација која погоре опишаната контемплативност ја користи како алатка за повремено оправдување на главниот лик, но за оправдување и на женската „отсутност“. Токму затоа аспектите на „присутноста“ и „отсутноста“ со кои авторката многу умешно ги релативизира сите ситуации се главните координати на приказната која има длабоки корени во детството на средовечниот протагонист. 

 

Една од основните промисли на авторката е дека несреќата повеќе го променува човека од среќата. Сите изгубени души и предмети не прават емотивно пофрагилни, но користејќи го тој, тежок начин да ја одмериме нивната вредност, тие не прават можеби посилни. Можеби. Тоа е констатацијата која покрај „присутноста“ е проблематизирана во овој краток роман. Дали имаме сила да продолжиме со животот после голема трагедија која ни отворила рана која никогаш нема да зацели? Кои се импликациите на бесмислата на сè она што би се случило понатаму? Николина не одговара на ниедно од овие прашања, а и не се обидува затоа што тие прашања имаат одговор само во реалниот живот. Во „недајбоже“. Главниот протагонист на нејзиниот роман многу правилно се прашува: „каде е?“ Големиот поет Џелалудин Руми вели дека „твојата најдлабока присутност е во секое контрактирање и раширување“, а духовните контракции на двете „присутности“ и една неисплачена „отсутност“ одговара на илузивен свет во кој ТОЈ, главниот лик се избегнува себеси очајно барајќи временски теснец низ кој би избегал. Но, тука се поставува прашањето: каде? Веројатно во некој имагинативен свет кој главниот лик го барал уште од своето детство, но не ни помислувал на тоа дека долго време после тоа тој ќе мора да се збогува со својот живот не напуштајќи го физички. Затоа контемплацијата е алатка, а не намера. Помислата дека она што поминало никогаш повеќе нема да се врати и дека тагата е единствениот другар во врволицата од туѓи „присутности“ му наметнува на главниот протагонист да се предаде на „големата брзина на стоење“, фраза со која еве јас се обидувам да го формулирам тоа бекство, таа неистражена состојба и тој длабок мрак од каде навистина не можам да претпоставам дали има излез. Не може ни авторката и затоа овој роман останува да виси како прашање, како тивок сомнеж дека сепак ние во такви состојби самите стануваме „отсутност“, една реторична парадигма која не останува како пример, како искуство, туку со нашето исчезнување исчезнува и таа. 

Трагичниот животен пресврт кај главниот лик истура лавина од спомени, но таа имагинативна „присутност“ е доминанта која авторката ја користи за неговата „неприсутност“ сега и овде да ја формулира како горчливо искуство. Колку и да звучи патетично и елементарно, оваа синтагма има аксиоматска сила и ние не треба да ја избегнеме. Горливите искуства се духовен водач кон ефемериноста на контемплативноста и не е случајно што Шри Чинмој го поистоветил патот кон целта со самата цел. Главниот лик на романот „Некој бил тука“ е нихилистички конвергентен и кон „отсутноста“ и секое преобмислување на минатото неговата неизлечиво девастирана присутност ја прави илузорна. Што е лекот? Го помислив и тоа додека го препрочитував овој сјаен краток роман. Времето. Времето е најголемиот лек за сите недоследности и неконкретности, за сите настани кои не можеме да ги контролираме, а кои ќе ни стават дамка во животот која, за жал, никогаш нема да можеме да ја избришеме.

„Некој бил тука“ е роман кој е многу ТУКА во македонската литература. Со големо и значајно место. Спецификата на ова кратко четиво возбудува и интригира, а наративот на Николина Андова Шопова и плени и инспирира.