BLLA BLLA BLLA

Oversky Balkanishe Re-Form

Сигурно сте забележале дека „реформа“ е омилениот збор на нашите политичари во текот на целата транзиција, а неговата употреба особено се зголеми откако станавме „земја кандидат“. Ама и самите знаете дека домашните „претставници на народот“ обожуваат да најавуваат промени, да објавуваат битки и да се соочуваат со големите зла, но од конкретни резултати, бегаат како комарци од авион полн отрови.

Затоа, денес, како и во минатото, придвижувањето на општеството, поместувањето на застарените норми и уништувањето на стереотипите останува на „обичните смртници“. А ако имате силен сојузник како рокенролот, вашата порака добива актуелна, но и безвременска димензија. За секој случај, ако денешниве „големци“ не ја разберат, можеби тоа ќе го направат идните. Скопската четворка Blla Blla Blla во која членуваат тројца Македонци и еден Албанец, со своето постоење праќа јасен сигнал дека етничките бариери постојат само во умот на поединецот, а не на колективот. А пречките зошто постојат, ако не за да ги надминете?

Blla Blla Blla

Вториот студиски албум на бендот, Oversky Balkanishe Re-Form претставува длабока рок-медитација со која се разголува бесмислениот конзервативизам поради кој целиот регион не може да мрдне од мртвата точка. Ако не го разбирате албанскиот јазик, „наднебесната балканска реформа“ ќе ви биде далечна лингвистички, но не и емотивно. Фронтменот Идриз Амети знае дека искреноста не разбира термини како кирилица или латиница, христијанство или ислам. Личната емотивна умртвеност е таа што може ве оддалечи од албумот, а не етничката различност.

Дури и да немате поим што значат зборовите, тешко ќе ви биде да не ја забележите поврзаноста, цврстината и флуидот што постои меѓу четирите различни музичари кои имаат едно заедничко нешто: сите се луѓе. А човечноста, е суштината на ова остварување. За разлика од повеќето „мулти-култи“ проекти, кои делуваат како вештачки зашиена целина што ќе се распадне ако нема (невладини) финансиери, Blla Blla Blla се природни и монолитни. Љубовта кон музиката, а не желбата за создавање фама со етнички предзнак, е атомот што ги поврзува елементите во оваа успешна звучна формула.

Таа, пак, сместена во шест „редовни“ и три „бонус“ нумери, ја црпи својата енергија од психоделични и прогресивни рок-великани како King Crimson или Pink Floyd, ја модернизира со доза на Radiohead и ја комплетира преку квалитетна електронска подлога, неколку нивоа на гитарски секвенци и цврста ритам секција. Можеби насловот го содржи зборот „балкански“, но албумот е целосно вкоренет надвор од неговата традиција. Освен неколкуте етно-испади, без кои, реално гледано, изданието би звучело уште „постегнато“. Нивното присуство, во претежно „западниот“ аудио-код, делува непотребно иако премногу не ја разнишува целината. Со Oversky Balkanishe Re-Form, Blla Blla Blla докажаа дека (и покрај етничките разлики) се еден од најцврстите состави на овие простори. Камо среќа, балканските општества да фунционираа со таква кохезија.

 

Александар Саздовски
Дневник [Антена], февруари 2006