Парадоксалниот свет на тишината и празнината на господинот П.

Кон збирката раскази „Отсечки стварност“ од Ѓоко Здравески во издание на Бегемот, Скопје, 2019

Геометриската конципираност на кратките раскази на Ѓоко Здравески носи во себе еден лебдечки метареалистичен еквилибриум. Органиката на реализмот во овие прозни одблесоци е многу елегантно расклопена во еден процес во кој намерно е оставен тој сочен лингвален перформанс и се чини, токму таа контраверза ја чини ова прозна збирка многу оригинална. „Отсечки стварност“ е обид на реализмот да ја пробие мембраната на својата алогичност, есетески „заработена“ од својата длабока доследност и да навлезе во еден сосема поинаков свет исткаен токму од неговиот инструментариум. Овие раскази минуваат низ нашата свест како сцени на живот кондензиран во нашите соништа. Извртената стварност каде протагонистите се истите оние кои ги играат своите улоги во нашите животи создава ситуации кои би ги нарекле токму како насловот на еден од „Едноминутните новели“ на Иштван Еркењ „Оптички илузии“. Ѓоко Здравески таа стварност ни ја сервира како аспект кој во нашата свест се метаболизира најмногу преку нашето животно искиство, што би значео дека овие литерарни кондензати со својата импакност стануваат дел од нашето битствување и покрај тоа што дефинитивно немаат ништо со нас како читатели.

Прозната збирка е поделена на пет дела од кои четири се озаглавени со геометриски термини како што е всушност и самиот наслов: Точки, Кругот, Вектори, Отсечки, додека петтиот дел се нарекува: Господин П. според Хармс. Точките во кои застанува разлеаната реалност на Ѓоко Здравески прободуваат инсинуантни мигови кои застануваат на меѓата меѓу сеќавањето и желбата. Временски тие кратки прикази немаат можност за кулминативни „точки“ од едноставна причина што самите тие се кулминативни „точки“. Долгоочекуваната порака која стигнува во 4:53 и која вели дека љубовта е тука значи момент кој се распрснува во два романи со многу настани, а овој сублимат од расказ нема ни десет реда. Од друга страна Здравески многу ad verbum имплицира на препознавање во расказот кој е насловен токму така потсетувајќи го својот читател дека тој многу, навистина многу ќе се препознае во овие кратки стории. Точките во овој дел се благороден книѓевен punctum од којшто почнуваат големите приказни и каде се сретнуваат ликовите на големите приказни, а и каде конечно завршуваат нечии истории (Муабети). „Кругот“ во вториот дел на ова збирка разгледува судбински циклуси каде минатото и сегашноста тргнуваат и завршуваат токму во точката на поетичното секојдневие каде вообичаените поставени прашања имаат мирис на бесмртност, а крајот вкус на почеток. Сите вообичаености во овие раскази се стопуваат во фатален круг кој ги спојува животот и смртта на еден, би рекол ригиден начин (Дедо и фнуче), ги спојува и небото и земјата преку стравот кој кружи од мајката кон синот и обратно (Хиерогамија), а тој круг има и своја социјална и политичка дисонантност во која недоразбирањето, всушност станува незаслужена казна (Доле влада!). Овој круг од кратки раскази тангенцијално допира многу социјални и општествени аномалии и конечно, предупредува на една контраверза која чини генерациска изгубеност. Третиот дел „Вектори“ посочува на една неминовна судбинска дисторзија од која нема враќање. Здравески во овие раскази немекнува приказни кои коагулирале токму таму каде што не се очекувало. Средби, инстантни, неочекувани, миговни состојби кои го завртиле времето во друга насока. Тука главните протагонисти го минуваат или истиот пат, (Повторувањето е мајка на просењето), или заминуваат на некое опсесивно патување (Аушвиц). Овие раскази говорат за неминовноста, за сабепроколнувањето, за една неодминлива деструкција која е до крај ирационална. Овде би го истакнал стилот на овој автор кој совршено наликува на големиот Петре М. Андреевски, стил кој кореспондира со живост и живописност на ликовите. Конечно, затворајќи ја оваа геометриска комплексност делот „Отсечки“дефинитивно е дел од збирката кој со себе ја носи таа литерарна импулсивна фрагментарност, рециклирајќи извадоци и правејќи од нив мета-стории, приказни кои, всушност се случиле само во илузијата на гледачот, читателот, авторот. Токму затоа оваа збирка е оригинална. Затоа што создавајќи ја таа книжевна дистанца, Ѓоко Здравески многу вешто ги одигрува сите потребни улоги на еден Пиранделовски начин, улогите на гледач, читател, писател. Оваа книжевна рециклажа има зачудна есеистичка нитка преформулирана во краток расказ во кој авторот своето читателско искуство го метаболизира и тоа постанува инспиративен крвоток од кој произлегуваат овие раскази. Затоа го споменав Пирандело, авторот чие дело е голем експеримент со книжевните родови, со „театарот во театар“. Ѓоко Здравески во овој дел најавува таков експериментален процес на „литература во литература“ и наративот во нив станува сублимат на импресии (Огледало), а напати излегувајќи од раскажувачкиот колосек, како што споменав погоре, се конвертира во есеистички пасажи (Кога кусурот станува наративно јадро). Секако, овој процес не е остар како што се остри геометриските слики по чии линии се движат овие раскази, туку тој се прелева оставајќи простор и на живата нарација за во последниот дел кој не е геометриски одреден, авторот да се дофати до еден апсурдистички стил и да го создаде тој циклус наречен „Господин П. според Хармс“. Точно така, во ова книжевно кадрирање, Здравески отвора албум на слики од фрагментирана биографија чија веродостојност воопшто не е важна. Овој, последен дел од оваа збирка раскази е она што го наметнува како начин на мислење целата книга – збирка од отсечки на некаква стварност. Јас како одблесок на мојот впечаток би ја нарекол „отсечки тишина и празнина“. Тишината која ја исполнува празнината наречена апсурд има многу што да донесе и како цивилизациско, и како артистично искуство. Ѓоко Здравески  својот П. го прошетува низ ходниците на факултетот, го соочува со Аристотел и со Александар Македонски и така на еден многу умешен начин ја пробелматизира неговата присутност. А тишината, чинам е таа која ја бележи нашата присутност.

Авторот на оваа многу оригинална збирка раскази многу добро знае дека тишината е најболна и најмачна после голема врева. Големата врева остава неизбришливи траги во човековата судбина. А тишината која тој систематки ја анализира низ сите овие раскази е големо предупредување и носи со себе голема порака. „Отсечки стварност“ се раскази за блесокот кој ни ги заслепува очите и после тоа ни треба подолго време за да ни се врати погледот и сликата за она што значи светот околу нас. Прво ја гледаме во негатив, а потоа ја гледаме онака како што ние сакаме таа да изгледа. Оваа извонредна збирка кратки раскази говори токму за таа себенаметната празнина.