Подобро е повеќе отколку повеќе е подобро

Во последнава декада, речиси немало други промени кои повеќе ја раздрмаа јавноста отколку овие наводни реформи за високото образование. Начинот на кој тие започнаа, со една непрецизна изјава (кон почетокот на минатиот октомври) на ново-стариот министер, по повод најавата за државниот испит, претендирајќи да ги нарекуваат „концепциски реформи“. Метафората „ново-стар“ министер се однесува не на личноста, туку на „креаторот“ на наводниот концепт, а тоа со голема сигурност не е актуелниот министер. Да беше така, зошто во „најтурбулентната и најофицијалната“ дебата во собраниската матична комисија, од десната страна на премиерот беше поранешниот министер за образование (и актуелниот за здравство) придружен со актуелниот заменик-министер, додека од левата страна актуелниот министер за образование и наука. Понекогаш, симболиката во политиката зборува најмногу.

За три месеци, министерот за образование и наука не може да го „скенира“ најмасовниот сектор на владата (околу 35.000 вработени), а камоли да се подготви за концепциски реформи во најкомплексната област и тоа на сите нивоа. Но, тоа е таа пуста желба за глума, па макар и површна, во која наводно тој е актерот за таквите големи „промени“. По првите куртоазни посети на ректоратите на јавните и приватно-јавните универзитети во земјата, некаде кон средината на декември (значи само два месеца по несреќната најава), дури тогаш беа испратени првите „концепциски промени“ на ректоратите подготвени за „дебата“, за кои, според него, постоело доволно време, простор и слобода за изјаснување по истите. Најзаинтересираните страни за предложените измени беа студентите и нивните родители, професорите, како и  сите вработени во овој сектор, но тој ги заборави студентите, па дури и при нивно инсистирање, не беа примени ниту на разговор. И на крај, следеше оправдувањето дека имало доволна дебата, за нецели две недели, темпирани во периодот на новогодишните и божиќните празници. Ова беше формата и постапката на овие комплексни реформи.

Сметам дека, покрај процедуралните грешки во постапката, како и во формата на пристапот до усвојувањето на измените, за посебно подвлекување е следново:

Прво, непотребно се политизира процесот и се раздели академската заедница. Ако можам така да се изразам, незаслужено оваа масовна реакција и ја препиша на опозицијата, која досега барем покажа дека е немоќна тоа така да го стори. Доминантен дел на студенти, професори па и ректоратите, беа речиси со ист став – најнапред е потребна сеопфатна анализа на состојбите, не врз основа на перцепцијата, туку врз научна основа, па потоа да се пристапи кон дефинирање на оптималните решенија кои ќе одговараат на специфичностите на Р.Македонија, а со тенденција приближување кон западноевропските стандарди, впрочем како и сите други кои така постапија во процесот на транзицијата.

Второ, откако исто така, доминантниот дел на заинтересираните страни се согласија дека нивото на квалитетот е нарушен и трендот е влошувачки, без разлика што постојната гарнитура е најзаслужна за тоа, кога веќе непотребно се раздели заедницата и јавноста, потребно е од „неутрална“ страна да се бара првично решение. Тоа се многу институции и асоцијации од Европската Асоцијација на Универзитети (ЕУА), Генералниот Директорат за образование и наука на ЕУ, Унијата на Европските Студенти (ЕУС), Советот на Европа и слични други европски институции. При оваа би се водело сметка и за Болоњскиот процес и обврските кои произлегуваат од потпишаната декларација, како и Берлинското комунике, кои впрочем се и со надзаконска правна сила.

Трето, кога се конципира парадигма на едно толку комплексно и чуствително прашање во името на квалитетот, треба да се започне од базичните столбови кои тоа го обезбедуваат, а тоа се: човечките ресурси кои не се создаваат со „административна наредба“ туку се креираат со години, потоа наставните програми базирани на потребите на пазарот на трудот, кои во моментов се апсолутно дивергентни, како и просторно-техничките услови на високообразовните и научните институции. Ова можеби звучи едноставно, но е многу тежок и „скап спорт“. Видете во која состојба се високообразовните и научните институции, не само човечките ресурси (дел од кои самата оваа структура ги девалвира до крај), туку и на научната база за тоа (од лабаратории, па сé до вистинска литературна основа и пристапот до специјализирани реномирани журнали, списанија, бази на податоци и слично). Сходно на овие состојби, погледнете каде ни жиевеат студентите, во хорор африкански услови, додека секоја година трошиме милиони евра за неписмено преведување на најсовремената литература која станува купишта хартија по нашите рафтови која ништо не вреди. Впрочем, зошто тоа ни треба, чуму толкав превод за професори и студенти кога и за таксистите се бара задолжителен англиски јазик. Има ли повеќе потреба за коментар?

Од аспект на предусловите, да не зборувам за науката, за која се издвојува околу 0,18% од БДП, кој во просек е најмалку петнаесет пати помал износ од истиот во ЕУ, туку да видиме колку јавни пари се издвојуваат по глава на студент, пред сé во природно-математичките и техничките науки. Смешни сме во оваа споредба, а бараме споредба со американски стандарди од Томсон Ројтерс и Веб оф Сајанс.

Четврто, според моето мислење, на прво место по важност, е прилагодувањето на образовниот систем во целина, а особено на високото образование со потребите на пазарот на трудот. Не само што немаме соодветни профили туку имаме хиперпродукција на „генералисти“, кои сешто знаат по малку но многу малку знаат тоа што треба, и кои се најголемиот проблем на образовниот систем кој секако многу тешко и споро се решава. Оттука и мотото во насловот “better is more than more is better”! Тие кои образованието го масовизираа до ова дереџе не можаат истото да го реформираат од квантитет во квалитет. И така, сега ќе имаме состојба од над 60% невработени со дипломи, а подоцна и десетици проценти и со магистерски и докторски дипломи. И бидејќи овој процес на масовно студирање не може набрзина да се стопира, преку „верификација“ на “learning outcome” може да се спречи да не се прелее на пазарот на труд. Ќе треба да се „паркираат во универзитетите“ со претекст за дополагање на државен испит.

Заокружувајќи ја оваа „анализа“ да потсетам на добитникот на Нобеловата награда за економија, воедно и специајлист за пазар на трудот, Christopher Pissarides, кој пред една година на конференција во Атина, по повод потребните реформи за добивање адекватен профил на човечки ресурси, меѓу другото рече (парафразирам): „…најдобро е на студентите да им создаваме свест, отколку знање, а тоа можеме да го постигнеме ако ги научиме повеќе да мислат и прашуваат отколку да одговараат“.

Сосема на крај, најголемиот парадокс: при самото гласање на законот, најпрвин министерот во една дебата со мене, јавно се изјасни дека ако досега законот е променет десетици пати за 5-6 години и овој закон повторно ќе се промени. Пар дена потоа „државникот“, а не професорот, со посебно соопштение нé утеши дека добил големо уверување од предлагачите дека наскоро ќе работаат на нов закон за високо образование, за да на крај, реалниот шеф во „Јади бурек“ да потврди дека ќе работаат на подготвување на нов закон! Тогаш, чуму требаше сето оваа?