Anna O.

Подочњаци

“Тука мртов е секој ден
јас и ти
ти и јас
мртви сме…”

 

Со оваа смела изјава искомбинирана со заразен мелодичен риф, кочанските Anna O. го започнуваат својот прв албум, Подочњаци, комбинација на која ако се додаде и одличниот кавер изработен од Pig Hands, од првиот контакт со Подочњаци се наговестува дека тие се решени да ја продолжат традицијата на тмурни мелодични македонски бендови како Suns, Флукс, а може и средниот период на FxPxOx.

Подочњаци текстуално претставува целина која одлично ја опишува апатијата присутна кај поголемиот дел млади луѓе во Македонија, без притоа да нуди решенија или покажува со прст, верувам водејќи се по оној познат стих на Флукс “Џабе серам, исти кур сум и јас”. И баш во традиција на Флукс, тие нихилизмот и песимизмот во своите текстови го надополнуваат со добра доза мрачен хумор и сарказам,  без да навлегуваат во патетика ниту пак интелектуално елитистичко дркање. Кулминацијата на песимизмот ја гледам баш на средината на овој албум, на „Овој Дожд“, каде има соочување со надоаѓачкиот крај/”апокалипса” и прифаќање на истиот со насмевка и доза нетрпение. Истата таа апокалипса во последната „Празен Е“, со приметливо на разочарување ја нарекуваат “ефтина”.

Музички влијанија може да се осетат од сите страни. Почнувајќи од гореспоменатите, веќе легендарни локални бендови, преку Dinosaur Jr. Hüsker Dü, The Replacements, Lemonheads, потоа по гитарските ствари на New Order, Blitz, Jesus and Mary Chain, Oasis, пост-хардкор легендите како Fugazi, Drive Like Jehu, The Nation of Ulysses, At The Drive-in, па дури и добар дел од напнатоста на Converge, Botch, His Hero Is Gone, како и по свежите Give, Coliseum и Narrows.

И покрај сите овие различни влијанија, Подочњаци успева да звучи како целина од која е тешко да се издвојат поединечни песни како најдобри или пак најлоши. Целина која завршува со дополнување на онаа почетна изјава со „…твојот град празен е“.

Иако го имам албумов уште од периодот кога беше неподносливо топло и сончево, секогаш кога ќе го пуштам ми дава есенска атмосфера, кога секој повторува колку е одвратно времето, но сепак има некоја пријатна удобност. Тој баланс и таа удобност во безизлезноста која е постојано присутна е токму тоа што го прави Подочњаци за мене најдобар македонски албум издаден последниве десеттина години.