Portico Quartet

Portico Quartet

Ни џезерите повеќе не се она што беа. Некогаш важеше стереотипот дека овие музичари се црномурести чичиња со ретка коса, кои одамна ја поминале 50 година од животот. Луѓе кои одгледуваат подочњаци како резултат на зависта од хероин и носат очила за сонце дури и кога се на затворено. Наспроти ова, од источен Лондон доаѓа џез-бендот Портико квартет кој е составен од момчиња кои заедно едвај имаат стотина години и кои верувале или не изгледаат како скејтери.
Ако се суди според нивниот стајлинг човек ќе рече дека ова се дечки кои растеле на музиката на Грин деј и оваа претпоставка можеби и не е толку погрешна. Џек, Данкан, Мајло и Киар најверојатно и слушале панк, ама решиле она што го свират да припаѓа на џезот како музички жанр, но кога велам џез овде тоа мора да се сфати во најшироката смисла на самиот збор.
А дека музиката на „Портико квартет“ е тешка за етикетирање зборува и фактот дека вториот, и овој веќе трет нивни албум го издава продуцентската куќа „Риал ворлд“ на големиот Питер Габриел која е позната по промовирање на така наречена „ворлд мјузик, која инкорпорира широк спектар на егзотична музика. Но, ако е речиси невозможно да се опише со зборови и да се складира во некој жанр она што го свират момците од Лондон, тогаш нивната музика не бара никаков напор за да ви се допадне.
Квартетот го сочинуваат саксофонистот Џек Вајли, кој во зависност од потребата свири на сопрано и на тенро саксофон, тапанарот Данкан Белами, басистот Мајло Фицпатрик и перкусионистот Киар Вајн кој свири и на таканаречениот ханг. Тоа е модерен перкусионистички инстурмент кој изгледа како огромна метална школка на која се свири со рацете, а додека музичарот тропа на хангот тој го држи во скутот.

portico-qtМногу британски музички експерти сметаат дека токму овој инструмент му дава посебен шмек на звукот што го донесуваат момците од „Портико квартет“.
Бендот при крајот на јануари го издаде нивниот трети албум кој е насловен исто како квартетот и веднаш го прифати и критиката публиката за која пак можеме да кажеме дека најолем дел се млади луѓе, да не речам врсници на самите членови на бендот.
Од она што може да се прочита за нив изгледа дека станува збор за квартет кој сепак мора да се почувствува на жива свирка, а впечатливо е дека рецензентите го опишуваат како џез-проект кој навлегува на територијата на која звукот на Рејдиохед владееше мината деценија со албумите како „Kid A“ и „Амнесијак“.
Тоа е така бидејќи на последната плоча звукот на овие момци тежнее кон амбиенталните и пастелни тонови, додека цело време во главна улога се басот и суптилните електронски звуци кои, според мене, се најмногу виновни за споредбата со Том Јорк и неговата дружина. Саксофонот пак на „Портико квартет“ им служи за развлекување на мелодиите до бескрај, а не за забавни и за роматични солажи на какви што веројатно навикнале љубителите на овој дувачки инструмент.
Интересно е дека овој џез-квартет името си го одбрал од една помалку несреќна случка во Италија. Таму бендов се уште безимен свирел на некој фестивал кога концертот морал да се прекина поради обилниот дожд. Сепак, лондончаниве се преселиле под најблиската стреа каде одржале свирка за паметење и во медиумите се прославиле како бендот што свири под тремот. Всушност момците оркестрирале под оние големи колонади на старо римски (за малку ќе речев барокен) објект кои го држат покривот и кои се нарекуваат портико. Оттаму и името на бендот!
И додека размислувате дали Портико квартет да биде бендот што ќе го слушате оваа недела јас ве советувам да тркнете до Јутјуб и да ги побарате нивните песни – „Ruins“, „Lacker boo“ и „Steepless“. Ако тие не ве убедат во квалитетите на овој џез-проекет, тешко дека јас ќе го сторам тоа!

 

Владо Апостолов
Дневен Фокус, 30 март 2012