Постмодерна „дел арте“ конспирација

Кон претставата „Лоренцачо“

„Лоренцачо“ е една од најпознатите пиеси на Алфред де Мисе, франацуски поет и драматичар, еден од зачетниците на францускиот романтизам, автор чии дела се поливалентни и политички индикативни. Како политички најсигнификантна, „Лоренцачо“ е пиеса која совршено се огледува и на денешните социјални и општествени струења каде интригантството е примарно кога се во прашање авторитарните релации. Интригант и измамник, така некако на прва топка би го формулирале ликот на овој Тартифовски епигон кој во предмедичиевото време се појавува како ексклузивен манипулант разоткривајќи ги непотистичките и подземните недозволени релации и на политичките и на религиозните властодршци.

Шемата на убиства и подметнувања во оваа пиеса е еклатантно премостлива и во денешно време, па така режиското видување на Борис Лијешевиќ почива на една по малку Брехтовска дистанца со мирис на атмосферата на Виткиевич, но во стил на „комедија дел арте.“ Овој режисер многу успешно таа раскажувачка експресија и визуелно, а и внатрешно  ја вмрежува во систем кој има многу од малициозноста на „комедија дел арте“, но има и една стилска свесност за тоа дека сето ова е театар што во овој случај не би го нарекол со излитената фраза „театар во театар“ затоа што приказната (која е неверојатно динамична) тоа е намерно оставено во втор план. Тоа поставување на сижето во втор план и Брехтовските врвови во прераскажување на она што допрва треба да се случи кај Лијешевиќ има мирис на политички театар, на еден субординарен артизам чија игривост е контаминирана од политичката строгост на Пискатор, но и на метафориички препарираните ситуации на Виткиевич. Но, режисерот и овие доста комплицирани релации успева да ги премине преку длабоката вода на конзистентноста каде, за среќа, не пропаѓа компактноста на неговата претстава токму заради двојните улоги кои ги играат актерите па дури и актерот кој го игра Лоренцачо. Тоа наведува на еден вид на бихевиорално исклучување на племенските скали и создавање на една артифициелизирана црна комедија каде ликовите повремено цивилизациски се трансформираат во наши, пропознатливи прототипови. 

Така италианската генеалошка и социјална шема каде бледо ги препознаваме и семејството Строци и Кардиналот Чибо и Салвијати, а конечно и одродените Медичи на самиот Лоренцачо како и сите вклучени во дворските интриги станува еден добро ситематизиран галииматијас кој интенционално наликува на социјалното милје на Италија во времето на Пазолини, Фелини или можеби на Бертолучи. Тоа на прв поглед, но кога ќе се одгледа претставата тоа баш и не е така. Лијешевиќ успева тој априорен артизам каде сите трауматски сцени се потопуваат во една горчливо-комична идниферентност да го подигне на ниво на филозофија и интригата да стане еден вид на „апсурдистички“ фолккор на кој овие поднебја веќе стануваат имуни. Се чини дека режисерот во овој процес го одбрал потешкиот пат – преку интерферирање на ликовите во стилската промешаност да дојде до круцијалната актуелност на ова дело, но тој пат му го даде многу подобриот резултат затоа што овој „Лоренцачо“ е оригинален токму по режиските амплитуди каде интригата е интрига онолку колку што може да се издржи, а ова време на информатичка презаситеност интригата во себе содржи општост која иритира и персифлажата е најголмиот лек за тоа. 


фотографии Ненад Петровиќ

 

Актерскиот сегмент е исто така за секој респект. Лоренцачо на Марко Јанкетиќ врие со приземна логика, но овој талентиран актер го одигрува со една фантастичен цинизам и со една наместена емотивна поставеност што интригира, а и воодушевува. Неговиот Лоренцачо има глазура на накриво насаден Арлекин и тој дисторзиран кловн кому, за жал, сите му веруваат пулсира со компримиран бес артикулиран преку виртуозните реторички пасажи. Марко Јанкетиќ гради лик на истоштен пагански комичар кому се помалку му текнуваат шеги за да ги покрие своите измами, за да се извлече кога ќе згусти и таа патетична „наивност“ е еден од инструментите на овој сјаен актер овој лик да го подигне на ниво на парадигма. Марко Јанкетиќ во овој Лоренцачо има некаква мала тинктура на натаженост која ја нема во ликот испишан од де Мисе, но овој извонреден актер во овој лик пронашол и една суицидна нитка чија логика е препознатлива во скоро сите сцени, така што оваа интерпретација на еден од најголемите антихерои во светската драматургија станува и иновативна. 

Милан Мариќ игра повеќе ликови, (Александар ди Медичи, Козимо ди Мдичи, Кардиналот Чибо) но сите тие заедно го покриваат онаа авторитарна братија и во оваа концепција сите тие ликови се стопуваат во еден претставник на општествениот апарат кој од друга страна е најголемиот реципиент на конспиративната шема на Лоренцачо. Корпулентен и до некаде наметлив, овој симбиотски лик Милан Мариќ го донесува со волуминозна вокалност опонирајќи на пластиката на Лоренцачо и тие контрастни механизми всушност се координатата на целата претстава каде што италијанската разговорливост одлично насликана од француски автор како што е де Мисе носи со себе една вонвременска нитка, една импостација која Мариќ ја држи во залог на својот талент и тоа го прави доста умешно. 

Слобода Миќаловиќ ги игра ликовите и на Луиза Строци и на Марија Содерини. Женскиот протоип на заводничка во интерпретација на оваа актерка не носи со себе зачин на интригантство туку на фарсична опсценост. Слобода Миќаловиќ е далеку од емотивните контексти на овие ликови, но нејзината стилска умешност е доста комплексна, па така овој лик наликува на филмските флертови на една Џина Лолобриџида од златното доба на неореалистичка Италија. 

Бранислав Лечиќ ликот на Филипо Стоци го рационализира до таа мерка што повремено и ја запира претставата внесувајќи парче од оној реалитет кој се случува сега и овде. И покрај тоа што би рекле дека е тоа режиска ситуациска симболика, Лечиќ во овој лик, но и во другите неколку што ги толкува (Аламано, Корсини, Паци) ја флуктуира резонерската антиципативност на целата претстава токму преку својата говорна експресија. Како актер со длабок поттекст во секоја своја реплика, Лечиќ овие ликови многу мудро ги предава преку својот духовен хабитус и делувајќи контрадикторно кон целото дејствие прави незаборавни бравури.

Измамената Катарина Ѓинори во ликот на младата актерка Милена Васиќ прозвучува неверојатно лирски иако тој лик (како и помалите ликови на Габриела и граѓанката) има најсоблазнителни елементи и нејзината актерска наивност носи поетичност која плени. 

Во овој концепт еден од најинтересните ликови е оној на Миодраг Драгиќевиќ кој го игра Пјетро Строци и овој карактерен актер со строг изглед и со извонредна пластика која конвенира со пластичноста на изразот на Марко Јанкетиќ се наметнува како многу интересна театарска појава и како талент кој многу ветува.

Петар Бенчина носејќи со себе еден Мастројани изглед и израз и Андрија Кузмановиќ кој својата шармантна робустност прави таа да биде неопходна за оваа претстава се делови од оваа извонредно креативна театарска машинерија која навистина восхитува со својата инвентивност и необичност.

Сценографијата на Горчин Стојановиќ е симплифицирана до крај и е сведена на бела површина која делува девствено и каде повремено влетува тој театарски сандук од кој излегуваат и влегуваат ликовите на де Мисе и се чини дека тоа решение е најделотвроно за ликовите милтиплицирани од актерите да го одживеат своето театарско его и во сознанието на публиката да се вгнездат како значенски амалгами. Сосема очекувано костимографијата на Марија Маркивиќ Милојев се движи по една цивилизациска вертикала од времето на де Мисе до денешно време и игривите решенија од романтичарскиот период контрастирани со темните решенија од денешно време носат со себе една компактна артистичност која навистина импонира. Сонговите во претставата се изведуваат на сцена, компонирани од Ана Ѓорѓевиќ по стихови на Марија Стојановиќ и тие се најиндикативниот аспект на брехтовско-виткациевската дистанца која де Мисе го прави многу современ и актуелен. Одлична музичка подлога со која совршено го заокружува овој мошне интересен режиски концепт. 

Концепцијата на Борис Лијешевиќ наведува на најдобар начин овој „Лоренцачо“ да го почувствуваме до себе, но и во себе. Погоре споменатите излегувања од дејствето во реалниот тек на време каде на сцената се појавуваат и другите чинители на претставата (оние кои не ги гледаме на сцената) го прават проблемите на непотизмот, корупцијата и измамата да се метаболизираат во политикантската логика на овие простори која станувајќи се поапсурдистичка го прават ова општествено тло се понеподносливо.

Lorenzaccio од Alfred de Musset
режија Борис Лијешевиќ

Играат Марко Јанкетиќ, Бранислав Лечиќ, Слобода Миќаловиќ, Милена Васиќ, Милан Мариќ, Миодраг Драгичевиќ, Петар Бенчина и Андрија Кузмановиќ

Сценограф Горчин Стојановиќ
Костимографкиња Мариа Марковиќ Милојев
Композиторка Ања Ѓорѓевиќ

Продукција Југословенско драмско позориште