Повеќе сакам благослови и баења, работи кои излегуваат од срцето за повторно да влезат во него

Интервју со Васко Атанасоски

Разговорот кој ќе може да го прочитате, со Васко го ‘рчнавме во зимскиов јануари. Прашањата беа спремни во старт на март. Преку низ од разноразни одложувања, се потсетувавме дека за целосност на разговорот треба да ги има и одговорите. И, еве, пред сам крај на пролетта, ги добивме.


Ф Зден

 

Васко, следствено на одржаните концерти во МКЦ во две последователни вечери на 22 и 23 февруари годинава, да прашаме: како бевте стокмени да ги истркалате 33-те хита во 150-те минути, после четирите настапи во регионот (Љубљана, Загреб, Београд, Нови Сад) кои претходеа? Дали се случајни бројките: 33 – исто како бројот на вртежи во минута на големите грамофонски плочи, и 150 – отприлика траење во минути на финална фудбалска утакмица која не може да заврши нерешено (сметајќи ги тука двете полувремиња, сосе двата продолжетока и времето за пенали)? Ги средивте ли личните впечатоци од обете викенд рандевуа со публиката? Искажливо ли е, описливо ли е – како се чувствувате?
Што да ти кажам, стари, нешто е случајно, нешто не е, ама во секој случај да не сме способни сами да си организираме концерти ќе си свиревме по дома. Убаво е додека трае концертот. После тоа се враќаш во жабокречината и сфаќаш дека живееш во средина каде културата е строго партиска работа, како и сé во оваа окупирана земја. Добрите вести се што станавме имуни на тие отрови, така да џабе нé касаат тие змии отровници. Убаво е чувството кога си со публиката едно… Aко се они јаки, јаки сме и ние.

Минатата година (февруари 2018) беа објавени резултати од Министерството за култура каде стоеше дека вам, Бернајс пропаганда, ви се доделуваат средства за заеднички проект со Македонска филхармонија – нешто за кое ниту сте биле прашани, ниту пак за кое сте дале согласност дека би учествувале? Лично појдовте таму, во министерството, барајќи одговори. Бевте пред вратите на институцијата, појдовте и низ ходниците на таа зграда. Добивте ли задоволително објаснување? Дали баш за инает и пркос на некои-си-таму-умишљотини кои сакаа да се шлепаат на вашата репутација и истата да ја искористат (во највулгарна смисла), го „згаснавте“ бендот ..?
Како прво и основно – ние не ги баравме тие гомна, туку самите нé бутнаа во нивната септичка јама. За жал, овде мафија=држава. Кој нé ебе нас децата на работничката класа. Зарем мислиш дека некого го заболе за синот на магационер и работничка во фабрика? Се знае за кого е уметноста овде: за деца на уметници, за богати деца и за послушни и куропушачки сиромашни деца. Ние останатите 90% можеме само да преживуваме и да се надеваме дека ќе умреме без долго боледување. А на криминалците од Министерството за култура би им посакал еднаш да се сретнат со вистински криминалци и да им згрешат за да видат дека дури ни за криминал не ги бива. Инаку, касно е веќе да се згасне Бернејс, верувај ми. Прва работа во која те убедува ѓаволот е дека не постои.

Во склоп на претходното прашање: дали мислиш било што, постои ли твој став за овогодинешното (февруари 2019) распоредување на средствата во култура, од кое има бројни (многу јасно и гласно) незадоволни аплицирачи?
Ме боли курот за Министерството за култура исто како што нив ги боли курот за мене. Среќа моја што и после 26 години работа во културата јас сум сè уште млад и надежен и никогаш не ми требала, ниту ќе ми треба поддршката од гнаси кои завршиле во уметноста и културата затоа што не можеле подобро.

Како настана проектот „21 век“? Може ли малецко објаснување: што се сликите/фотографиите од трите EP и синглот „Како во ’96-та“ (односнo, сите 4 заедно се појавуваат колажно на омотот на збирното LP)?
Настана затоа што така било запишано. Инаку, проект е системскиот грабеж на земјава, а 21 век е музичка група. Инаку, фотографиите се од 20-ти век, а ние сме тие кои ги препознаа во овој век. Можеби некој ќе си го препознае својот дедо, швалерот на тетка му, крвникот што им ја украде нивата, детето кое им помогна кога им се дупна гумата…

Вие, како Бернајс пропаганда, првиот настап го имавте на 19 февруари 2007 во (сега веќе непостоечкиот) клуб „Кастро“. Четири албуми, бројни свирки, неколку турнеи и десет години подоцна, на 6 јануари 2017 го објавивте LP-то „Едно 500-600 пати“. Со едноставна математика, му доаѓа дека секоја недела сте имале по еден настап! Не дека со првата европска турнеја (во 2009 година – 40-тина настапи во 45 дена) остававте впечаток на мрзлива екипа, ама ова и вакво темпо е ретка изразност на голема енергија и страст. Како поттик, ќе откриеш ли што отсекогаш ве пумпа и ве турка да бидете незапирливи, без оглед во која формација (сам, двојка или петорка) или под кое име (Бернајс пропаганда, ХАХАХА, Васко Атанасоски, 21 век,…) настапувате?
Искрено, јас сум бил секогаш моторот за тие акции и поради тоа се испокарав со илјадници луѓе и тоа 90% ради туѓа беда, и плус си го сјебав своето здравје, а богами и здравјето на другите, ама што да ти кажам, брат… Тури му курот, така ми било пишано. Не знам за ништо друго и искрено за ништо друго (освен за амалски работи) не ме бива.

Во стиховите на песните од албумите ги спомнуваш со име и неодговорливо општиш со поетите Ацо Караманов и Кочо Рацин. Во твојата листа 103 албуми (објавена во 4 дела на kritika.mk – со, претпоставувам, почест и омаж кон истоименото радио) ги имаш набројано (малку ќе претерам, ама сите ќе ги наведам): Taнец, Чалгии на радио-телевизија Скопје, Тале Огненовски, Александар Сариевски, Леб и сол, Мизар, Пеце Атанасовски, Јонче Христовски, Влатко Стефановски, Падот на Византија, Анастасија, Кирил Манчевски, Архангел и Охридските трубадури. Овие ставки се пријатно изненадување и во прилог на разрушување на стереотипите за тоа каква музика (демек) мора да слуша некој кој доаѓа од панк-миљé со хард-кор работна етика и ставови. Јасно е дека ничие творештвото не доаѓа од нигде-никаде, но овие узори покажуваат на твое снажно и јако црпење од локални подлоги и корени. Во кои други значења си горд на традицијата и наследството, освен пишаното/книжевното и музичкото?
Види, јас не сум како уметниците кои демек уште од 6 години слушаат Џој Дивижн и читаат Фуко. Јас сум ти, брат, сељачиште од западно Скопје и право да ти кажам 100 пати боље тоа, него да сум чкарт уметник и џаболебар. Дефинитивно, јас сум дете на локалните подлоги и корени, а моите примери секогаш биле од ист профил, без разлика дали се уметници/чки или улични фраери/ки… Моите примери секогаш биле луѓе кои имале образ и не понижувале послаби.

Во параграфите од истото листање наведуваш набавување плочи/касети со твојот родител и со другарите од Геге. Кога и како ти првично почна да ги брчкаш и крчкаш музичките алхемии како создавач на песни? На која возраст, каде и со која екипа почнавте со најраните буки и галами, за да лека-полека стигнете до денешните песни и мелодии?
Не знам, стари, едноставно му доаѓа. Не знам акорди, не знам да пејам, имам едвај завршено средно… Така да, нека се утепаат „јаките“ фаци од кога јас хендикепиран имам 300.000 пати позвучно име од некои кои потрошија стотици илјади евра туѓи пари на едукација и пак не ги бива ни за кур ни песна да напишат. Среќа што им се тука американците па ќе украдат нешто од нив од она што го украдоа за нив од нас.

Поприкажи ни од каде бликна шаманизмот и мантрањето во дел од твоите соло-настапи? Како те восприемаат присутните дури се одвива ритуалноста? Какво е значењето на времето и просторот во тој дел од твојата сценска инкарнација?
Ти кажав, стари, тоа самото си доаѓа. Од стално сум имал мерак да влезам во храм, ама ретко сум сакал свештеници. Повеќе сакам благослови и баења, работи кои излегуваат од срцето за повторно да влезат во него. Кога во еден миг ќе се спојат сите убави работи кои си ги научил се создава сила против која не би се усудиле да јуришаат ни најстрашните државни кучиња затоа што знаат дека си имаат работа со македо-нинџа.

Според твоја лична изјава, музички си активен четврт век. Чисто фактографски и за волја на вистината, ќе сакаш ли да ни ги излисташ сите свои проекти/бендови оттогаш до сега, заедно со периодите во кои постоеле/дејствувале?
Ма батали тоа, брат. Боље да ти набројам добри, но непознати дечки и девојки од маало. Плус, не треба ли ти тоа да го наброиш и тоа во воведот за интервјуто?

Песните од „21 век“ се проследени со видеа, кои релативно брзо ги издадовте едноподруго. Нарочна ли е лоу-фај естетиката, и ВХС-жигот? Дали режисерот ве најде вас, или вие него, или на некој трет начин се случи да ви кликне синергијата?
Прво јас го најдов режисерот, па тој ме најде мене. Милан Блажевски, тоа е тоа што се однесува до мене. Во овој свет на конзумеризам и лешинари ретко кој би ја разбрал нашата врска.

Последниве години работите и снимате во студио „1060“. Како ви е таму, што приклученија се случуваат? Дали бројката, освен поштенскиот код на скопската општина „Ѓорче Петров“ (каде што е лоцирано студиото), има и додатно значење?
Тоа е студио кое само се појави во куќата на Дени Крстев… А ние само се вселивме во него. Секако дека 1060 е поштенскиот код поради кој добиваш писмо еден ден порано. Тоа е нашиот храм во кој ако немаш чисто срце сабјите сами сечат.

Како некој кој има доста пропатувано (што со своите бендови, што како возач за други музичари), дали си размислувал да објавиш хроники/мемоари од тие патешествија? Ако ништо повеќе, чисто да прикажеш какви подготовки претходат на такви походи и какви прилики и згоди имате сретнато поминувајќи го тој пат?
Секако, ама само ако добијам добар кеш за тоа… А да не се лажеме , кој би дал кеш за тоа кога има толку многу дрога и проституција наоколу. Како што сме тргнале, книгите наскоро нема да бидат добри ни за палење огин.

Кое е твоето (не)задоволство од моменталната состојба со клубски и концертни простори кај нас? Мислиш ли дека еко-системот на сцената е доволно разгранет и жилав за да опстои музичко дејствување и развивање и одржување на култура на свирки/настапи?
Дај не ме заебавај, стари – каква сцена, какво развивање… па, тука луѓето ги интересира само да излижат некој г’з и да се сликаат после на бина, демек еве нé, свириме. А, за свирење за НАТО и глупави фестивали сите се први зошто за тоа не ти требаат добри песни, туку само уста доволно голема за да голтне што е можно повеќе богаташки курови.

Кои и какви треба да бидат идните поединци кои ќе прават нови добри нешта за сцената?
Те молам, ако ги приметиш запознај ме со нив.